Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска оствари средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија Н.Е. Петра Дрекслер, по повод завршувањето на мандатот како и неколкугодишната успешна соработка.
На средбата беше истакнато заедничкото задоволство од спроведените проекти и активности во Уставниот суд со поддршка на Сојузна Република Германија.
Амбасадорката Петра Дрекслер изрази искрена лична благодарност до претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска за она што е сработено и произлезено од соработката во текот на тригодишниот мандат и резултатите кои се добиени во насока на унапредување на работењето на Судот.
„На крајот од вашиот мандат, се заблагодарувам за одличната соработка. Вашата сила и посветеност ќе останат инспирација за многумина!”, истакна Дрекслер на средбата.
Таа најави дека амбасадата на Република Германија останува на своите заложби и во иднина да ја продолжи соработката во интерес на унапредување на слободите и правата на граѓаните и обезбедување на владеењето на правото. Дрекслер ја истакна поддршката до претседателката Кацарска по последните инциденти и закани кои лично и беа упатени.
Ова е втора официјална средба на германската амбасадорка Петра Дрекслер и претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во текот на нејзиниот мандат. Уставниот суд изминатите три години ја зацврсти соработката со германската фондација ИРЗ која изработи студија за потребата од воведување на уставната жалба, а преку други проекти и невладини организации поддржани од Сојузна Република Германија беа остварени средби во Уставниот суд во Словенија и беа организирани конференции со реномирани домашни и меѓународни експерти на тема уставна жалба во Република Северна Македонија.