Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.206/2023
Скопје, 02.05.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 мај 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 88 ставови 8 и 9 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2023 од 12.12.2023 година).
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на член 88 ставови 8 и 9 од Законот за дивечот и ловството („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2023 од 12.12.2023 година).
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби означени во диспозитивот на Решението.
Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Согласно со член 88 став 8 од Законот за дивечот и ловството, членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.
Според став 9 од Законот, наградата на членовите на Прекршочната комисија од став 9 на овој член за секоја донесена одлука по барање за поведување на прекршочна постапка, не може да биде поголема од 5% од просечната месечна нето-плата исплатена во Република Северна Македонија во претходната календарска година според податоците на Државниот завод за статистика.
Според подносителот, со Амандманот XX од Уставот, со кој се дополнува член 13 од Уставот на Република Северна Македонија, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, а против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредена со закон.
Оттаму, водењето на прекршочната постапка и изрекувањето на прекршочната санкција, претставува управна функција на органот на државната управа која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност.
Во продолжение на иницијативата, подносителот се повикува на Одлуката на Уставниот суд У.бр.213/2011 од 02.05.2012 година, со која бил укинат член 53 став 8 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007 и 136/2011).
Во наведената одлука, Уставниот суд утврдил дека е повредено уставното начело на владеење на правото гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Дополнително, подносителот цитира дел од Одлуката на Уставниот суд, каде е наведено дека „Според тоа, вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на членовите на Прекршочната комисија кои се вработени во органот на државната управа и не е нешто што е надвор од нивните надлежности. Оттука, членувањето на службените лица во Прекршочната комисија не може да се смета за нивен дополнителен ангажман, туку претставува нивна работна обврска за чиешто извршување тие добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда“.
Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а потоа истите да ги укине.
Со оглед дека прописот веќе произвел правно дејство во правниот промет, а имајќи предвид дека може да дојде до последици, подносителот предлага, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби, сè до носење на конечна одлука.
II
На седницата Судот утврди дека со член 88 став 8 од Законот за дивечот и ловството е предвидено „Членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците“.
Во член 88 став 9 од Законот е наведено „Наградата на членовите на Прекршочната комисија од ставот 9 на овој член за секоја донесена одлука по барање за поведување на прекршочна постапка, не може да биде поголема од 5% од просечната месечна нето-плата исплатена во Република Северна Македонија во претходната календарска година според податоците на Државниот завод за статистика“.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со Амандманот XX на Уставот со кој се дополнува член 13 од Уставот на Република Северна Македонија, е предвидено дека за прекшоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, а против конечната одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 88 став 1 од Законот за дивечот и ловството „Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство може да формира повеќе прекршочни комисии кои ќе бидат надлежни за водење на прекршочната постапка за прекршоци за одделни подрачја од Република Северна Македонија.“
Според член 88 став 8 од Законот „Членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.“
Согласно со член 88 став 9 од Законот „Наградата на членовите на Прекршочната комисија од ставот 9 на овој член за секоја донесена одлука по барање за поведување на прекршочна постапка, не може да биде поголема од 5% од просечната месечна нето-плата исплатена во Република Северна Македонија во претходната календарска година според податоците на Државниот завод за статистика.“
Од анализата на оспорените одредби, а во корелација со изнесените одредби, односно одредбата од Амандманот XX на Уставот со кој се дополнува член 13 од Уставот на Република Северна Македонија, водењето на прекршочна постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно истото претставува негова надлежност.
Тргнувајќи од дадената надлежност, Судот утврди дека водењето на прекршочната постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност.
Според тоа, вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на членовите на Прекршочната комисија кои се вработени во органот на државната управа и не е нешто што е надвор од нивните надлежности. Оттука, членувањето на вработените во тој орган, односно во комисијата за прекршоци не може да се смета за нивен дополнителен ангажман, туку истото претставува нивна редовна работна обврска за чие извршување треба да добиваат плата за извршената работа, но не и дополнителен надоместок во вид на награда.
Според горе наведеното, Судот утврди дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 88 ставови 8 и 9 од Законот за дивечот и ловството со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Имајќи ја предвид претходно изнесената анализа, Судот утврди дека се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување на решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
V
Оваa решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска