Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.91/2021
Скопје, 17.04.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 17 април 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката донесена од Советот на Општината Неготино бр. 08-76/7 од 14.03.2017 година за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник), Општина Неготино.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на ГУП за работна зона „Дуброво – Тремник“, донесена од Советот на Општина Неготино, бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година.
Образложение
I
Друштвото за производство и земјоделие ДУБРОВО ДООЕЛ с. Дуброво, Неготино, претставувано од управителот Љатив Бејаз од Велес, застапувано од полномошникот, адвокат Јованче Цилаков од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите од диспозитивот од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека Oдлуката за измена и дополнување на ГУП за работна зона Дуброво-Тремник, Општина Неготино бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година донесена на седница на Советот на Општина Неготино одржана на 19.07.2001 година, била донесена спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи Законот на кој се повикал Советот на Општина Неготино во Преамбулата на Одлуката, при донесување на истата не ја предвидел односно регулирал надлежноста за советите на општините да можат со своја одлука да вршат изменување и дополнување на генералните урбанистички планови.
Подносителот на иницијативата укажува на закон од 2005 година, иако оспорената одлука е од 2001 година, односно наведува дека според Законот за просторно и урбанистичко планирање донесен од Собранието на Република Македонија на 28 јуни 2005 година, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, со член 22 став 3 се уредува стручната расправа во нацрт на просторниот план на Републиката, просторен план на регион и просторен план за подрачје од посебен интерес и се определува органот кој ја врши стручната расправа, а со истата одредба не била дадена можност општината, односно советот на општината да донесува акти во вид на предлог – одлуки за измена и дополнување на Генералниот урбанистички план. Во член 7 од истиот закон биле определени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, а со член 10 се утврдувало донесувањето на ГУП и неговата содржина, а не постапката и начинот за неговото изменување и дополнување.
Според подносителот, оспорената одлука е во спротивност со член 27 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, како и со одредбите од Законот за земјоделското земјиште дел петти – Пренамена и изградба на објекти на земјоделско земјиште каде што е предвидено дека доколку со одредена планска документација, планска програма и со проект за инфраструктура се зафаќаат нови земјоделски површини, органот кој ја одобрил планската програма е должен веднаш по заверката на планската програма, односно по приемот на проектот за инфраструктура по службена должност во електронска форма преку информациониот систем е-урбанизам да достави барање за трајна пренамена на земјоделско земјиште во градежно во електронска форма преку информациониот е-урбанизам до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на земјоделството кон кој ја доставува документацијата утврдена со Законот за земјоделско земјиште.
Според наводите во иницијативата, наведените законски одредби даваат максимална заштита на земјоделското земјиште и децидно ја пропишуваат постапката за пренамена при донесување на урбанистичките планови што во конкретниот случај, со донесувањето на оспорените одлуки Општината Неготино не ги почитувала така што постапила спротивно на законските одредби кога ја донела Одлуката за изменување и дополнување на ГУП-от без претходно да спроведе постапка за пренамена на земјоделско земјиште, вклучувајќи го и земјиштето од КП 1016, КО Дуброво.
Во конкретниот случај, предметното земјиште по својот карактер и култура претставува земјоделско земјиште и истото е предмет на Договор за долгорочен закуп на земјоделско земјиште склучен помеѓу подносителот на иницијативата ДПЗ Дуброво Неготино како корисник на закупот и Република Македонија преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како даватeл на закупот потпишан и заверен под број 02-5916/1 од 28.07.2000 година кај Министерството за земјоделство и со број 02-87 од 28.07.2000 година кај подносителот на иницијативата. Со наведениот договор, земјоделското земјиште било дадено на користење на долгорочен закуп од 30 години сметано од денот на стапување на сила на Договорот со надоместок закупнина за користење на земјоделското земјиште и задолжување на корисникот на земјиштето истото да го користи за земјоделска обработка. Подносителот на иницијативата бил воведен во владение на предметното земјоделско земјиште со Записник за воведување во владение од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со геодетски елаборат во кое е опфатено и земјоделското земјиште од оспорената одлука како катастарска парцела 1016 КО Дуброво и во присуство на геодетско стручно лице при што точно биле обележани мерите и границите на земјоделското земјиште дадено на долгорочен закуп.
Подносителот на иницијативата, како закупец, го обработува земјоделското земјиште за земјоделски цели, произведува земјоделски култури, вложува во истото, непречено го владее и за истото плаќа надоместок како закупнина во корист на Буџетот на Република Северна Македонија согласно договорот за долгорочен закуп.
Во иницијативата се наведува дека според историскиот преглед и извршените запишувања за кп бр. 1016 КО Дуброво издаден од Агенцијата за катастар на недвижности под бр. 1107-349/2019 од 30.12.2019 година, земјиштето од КП 1016 КО Дуброво уште од првото геодетско снимање во 1957 година, е евидентирано во катастарска евиденција како земјоделско земјиште сè до 2017 година кога врз основа на Одлуката бр. 08-76/7 од 14.03.2017 година донесена од Советот на Општина Неготино за утврдување на урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник Општина Неготино со плански период од 2016 -2026 година и е извршена промена во катастарска евиденција со евидентирање на земјиштето како градежно, но и понатаму предметното земјиште е во владение и користење на подносителот на иницијативата како земјоделско земјиште врз основа на Договорот за долгорочен закуп. Исто така, според наводите во иницијативата наведената Одлука за утврдување на урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник, Општина Неготино со плански период 2016 -2026 година од 14.03.2017 година, е во непосредна врска и е во континуитет со претходно донесената Одлука за измена и дополнување на ГУП за работна зона Дуброво-Тремник, Општина Неготино бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година која се оспорува со оваа иницијатива, така што и оваа била донесена спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Законот за земјоделско земјиште.
Подносителот на иницијативата има правен интерес да се утврди дека оспорените одлуки не се во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и со наведените закони од причина што со донесување и постоење на истите се повредува Уставот на Република Северна Македонија особено член 51 од Уставот според кој законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Исто така, Уставот го гарантира и заштитува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Преку наведените оспорени акти Општината Неготино се обидува неосновано да изврши отуѓување на градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија по пат на електронско јавно наддавање во Општина Неготино која постапка по тужбено барање на подносителот на иницијативата е сопрена, односно се поништени објавите за продажба на земјоделското земјиште како градежно од наведените причини во предметната иницијатива.
Поради наведеното подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да ги поништи оспорените одлуки и да определи времена мерка со што ќе ја попречи постапката за отуѓување на државниот имот.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 22 став 3 со член 7 и 10 точка 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/96, 8/97 и 18/99) Советот на Општина Неготино на седница одржана на 19.07.2001 година, донел Одлука за измена и дополнување на ГУП за работна зона Дуброво – Тремник, Општина Неготино.
Со член 1 од Одлуката е предвидено дека се донесува Предлог-одлуката се изменувања и дополнувања на ГУП за работна зона Дуброво Тремник Општина Неготино.
Согласно член 2 од одлуката, се пропишува дека составен дел на оваа одлука е графичкиот приказ на измена и дополнување на генералниот урбанистички план на работна зона Дуброво – Тремник, Оштина Неготино кој се наоѓа во подрачната единица на Министерството за транспорт и врски – Неготино и Главниот архитект на Општина Неготино.
Со член 3 од истата се предвидува дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Неготино”.
На седницата Судот, исто така, утврди дека врз основа на член 22 и член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/05, 137/2007, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14), Советот на Општина Неготино на седница одржана на ден 14.03.2017 година, донел Одлука за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник), Општина Неготино.
Со член 1 од Одлуката, е пропишано дека се донесува Одлука за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник), Општина Неготино со плански период од 2016 – 2026 година.
Во член 2 од истата се предвидува дека составен дел на оваа одлука е графичкиот прилог на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник), Општина Неготино, со технички број 174/14 од март 2016 година, изработен од „Урбан“ ДОО Штип.
Со член 3 се пропишува дека оваа одлука стапува во сила со денот на усвојувањето, а ќе биде објавена во „Службен гласник на Општина Неготино”.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Ре¬публика Север¬на Македонија, Устав¬ниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), се предвидува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. Нацртот на просторниот план на Републиката го утврдува Собранието на Република Македонија по претходно спроведена стручна расправа со учество на стручна јавност, претставници на органите на државната управа, претставници на единиците на локалната самоуправа, институции надлежни за заштита на недвижното културно наследство, научно-стручни институции, комуналните претпријатија и невладини организации. Стручната расправа по Нацртот на просторниот план на Републиката, просторен план на регион, просторен план на општина, на општините во Градот Скопје и на Градот Скопје и просторен план на подрачја од посебен интерес, ја организира органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање кој изработува и извештај за стручната расправа. Извештајот со записникот од расправата, список и образложение за прифатените и неприфатените забелешки од стручната расправа, го изработува стручна комисија составена од три члена, и истиот е составен дел на предлогот на планот.
Со член 24 од истиот закон е предвидено дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Јавната презентација и јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај. Извештајот од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите, го изработува стручна комисија. Извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот. Врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Доколку комисијата оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени, градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета. Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.
Врз основа на член 49 став 7 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ број 135/2007, 18/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013 и 164/2013), Владата на Република Македонија на предлог на Министерството донесува одлука за давање согласност за трајна пренамена на земјоделското земјиште во градежно која содржи број на катастарска парцела, катастарска општина, викано место, катастарска култура, катастарска класа и вкупната површина на земјиштето во планскиот опфат.
Во конкретниот случај подносителот оспорува две одлуки на Општина Неготино, односно Одлуката за измена и дополнување на ГУП за работна зона „Дуброво – Тремник“, Општина Неготино, бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година и Одлуката на Општината Неготино бр. 08-76/7 од 14.03.2017 година за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник), Општина Неготино, кои се донесени во различни периоди и при нивното донесување важеле различни закони.
Подносителот во иницијативата ја оспорува Одлуката за измена и дополнување на ГУП за работна зона „Дуброво – Тремник“, повикувајќи се на одредби од закон кој не бил во сила во времето на донесувањето на одлуката, односно подносителот кога ја анализира оспорената одлука се повикува на Законот за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година, кој всушност не постоел во моментот на донесување на истата.
Наведените урбанистички планови се донесени врз основа на закони кои важеле во времето на нивното донесување, односно во времето кога е донесен Основниот урбанистички план за с.Дуброво со индустриска зона од 1995 година, во сила бил Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање ( „Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ број 38/1985, 18/1989, 38/1990), додека во времето на донесување на Генералниот урбанистички план за работна зона Дуброво- Тремник, Општина Неготино од 2001 година, во сила бил Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 4/1996, 28/1997, 18/1999).
Со донесување на Одлуката на Општината Неготино бр. 08-76/7 од 14.03.2017 година за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник), Општина Неготино се врши проширување на планскиот опфат и престанува да важи Одлуката за измена и дополнување на ГУП за работна зона „Дуброво – Тремник“, Општина Неготино, бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година.
Во прилог на наведениот став се и документите доставени како одговор од Општина Неготино.
Одлуката на Општината Неготино бр. 08-76/7 од 14.03.2017 година за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник), Општина Неготино е донесена согласно закон кој важел во моментот на нејзино донесување односно, со новото законско решение општините меѓу другото носат Урбанистички план вон населено место кој претставува следбеник на претходните урбанистички планови за работна односно индустриска зона. Ова значи дека со второ оспорената одлука се врши проширување на Урбанистички план вон населено место, со парцелите за кои дополнително е набавена согласност од Владата на Република Северна Македонија со која земјоделско земјиште се пренаменува во градежно земјиште, со тоа престанува да важи прво оспорената одлука, односно Одлуката за измена и дополнување на ГУП за работна зона „Дуброво – Тремник“, Општина Неготино, бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година.
При донесување на Одлуката на Општината Неготино бр. 08-76/7 од 14.03.2017 година за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник), Општина Неготино бил во примена Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014).
Според наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата го оспорува предметниот урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник од аспект на содржината на планот, односно од аспект на планирани решенија во планот од кои не е задоволен.
Општина Неготино на 04.12.2019 година објавила Објава 04/2019 за отуѓување на градежно земјиште со електронско наддавање. Општината доставила барање за мислење до Државното правобранителство на Република Северна Македонија по однос на нацрт-текстот на договорот за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија.
Од страна на Државното правобранителство доставено било негативно мислење (број 10-10/20 од 22.06.2020 година), од причина што закупецот, односно подносителот на ден 06.03.2020 година поднел тужба за поништување на објавата за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија по пат на јавно наддавање.
Општина Неготино, исто така, се има обратено до Министерството за земјоделство и шумарство со барање да се констатира ништовност на договорот за закуп на земјоделско земјиште. Во одговорот на ова барање (број 40-429/3 од 20.03.2020 година), наведено погоре, меѓу другото Министерството известило и дека во однос на Договорот за долгорочен закуп, истиот не може да престане, согласно член 35 став 1 алинеја 3 од Законот за земјоделско земјиште, бидејќи истиот е склучен пред стапување во сила на овој закон.
Секторот за регистрирање, управување, унапредување и продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во Одговор на барање (број 40-429/3 од 20.03.2020 година), известува дека наведената парцела КПбр.1016 e новоформирана парцела настаната со спојување на две парцели КП бр.229/1 и КП бр. 229/2 кои се наоѓаат во границите на Основниот урбанистички план за с.Дуброво со индустриска зона од 1995 година, подоцна и со Генералниот урбанистички план за работна зона (Дуброво- Тремник) Општина Неготино од 2001 година.
Со оглед дека предметното земјиште, односно парцелата КП 1016 било опфатено со Основниот урбанистички план за с. Дуброво со Индустриска зона од 1995 година и Генералниот урбанистички план за работна зона (Дуброво- Тремник) Општина Неготино од 2001 година, истото претставува градежно неизградено земјиште, и од таа причина не е составен дел од Одлуката за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште дадена од страна на Владата на Република Северна Македонија (бр. 41-6976/1-13 од 31.001.2014 година).
Земјиштето со парцела КП бр. 1016 претставува градежно неизградено земјиште кое може да се користи за земјоделски цели сè до неговото приведување кон целта, согласно член 6 став 1 од Законот за земјоделско земјиште.
Министерството за земјоделство и шумарство го известило закупецот дека со реализирање на договорите за отуѓување на градежно земјиште и со нивно спроведување во катастарот на недвижности со промена на носителот на правото на сопственост договорот ќе стане ништовен, за што ќе биде потребно да се потпише анекс кон основен договор, со кој КПбр. 1016 во КО Дуброво ќе биде преземено од основниот договор за закуп на земјоделско земјиште од причина што не само што се губи карактерот на земјоделското земјиште туку истата катастарска парцела ќе претрпи промени и во сопственоста.
Предмет на трајна пренамена претставува земјоделско земјиште кое не било опфатено со претходните урбанистички планови од 1995 година и 2001 година.
Во член 49 став 7 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весникна републлика Македонија“ бр. 135/2007, 18/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013 и 164/2013), како што веќе напоменавме се предвидува дека Владата на Република Македонија на предлог на Министерството донесува одлука за давање согласност за трајна пренамена на земјоделското земјиште во градежно која содржи број на катастарска парцела, катастарска општина, викано место, катастарска култура, катастарска класа и вкупната површина на земјиштето во планскиот опфат.
Во прилог на одговорот на Општина Неготино беше доставена Одлуката за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно семјиште за изработка на изменување и дополнување на урбанистички план во населени места со намена Г2, Г4, Д2, Е1, Е2 и Е3 КО Дуброво, Општина Неготино, којашто е донесена од страна на Владата на Република Македонија, на седница одржана на 31.01.2014 година.
Општината како единица на локалната самоуправа има законски овластувања да ги утврдува условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Со Законот за просторно и урбанистичко планирање, уредено е право на граѓаните да бидат запознаени со нацрт планираните решенија и да приговараат на истите, преку поднесување на забелешки и предлози по нацрт на планот на анкетни листови, а и право да бидат писмено известени за прифатените и неприфатените забелешки. Законот уредил механизми за забелешки по однос на содржината на плановите и планирани решенија во нацрт плановите, за нивната оправданост или неоправданост да одлучува соодветна стручна комисија формирана од градоначалникот на Општината, со тоа што прашањето за оправданоста или неоправданоста на забелешките, како што впрочем се однесуваат и наводите од иницијативата со кои се приговара на оправданоста на трансформацијата на земјоделското во градежно земјиште, не е прашање во надлежност на Уставниот суд, кој има надлежност да ја цени исклучиво законитоста на постапката во која е донесен планот, со тоа што во рамките на оцената на законитоста на постапката е вклучена и оцената по однос на прашањето дали воопшто е спроведена јавна презентација и јавна анкета во законски определените рокови заради запознавање на граѓаните со содржината на плановите.
Тргнувајќи од анализата на фактичка состојба, Судот оцени дека во конкретниот случај Општина Неготино ги испочитувала сите фази на постапката за донесување на Урбанистички план вон населено место како што предвидува Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во време на донесување на истиот, како и одредбите од Законот за земјоделско земјиште. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената одлука се повредува темелната вредност на уставниот поредок владеење на правото која е предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Уставниот суд по извршена уставно-судска анализа дојде до заклучок дека Одлуката за измена и дополнување на ГУП за работна зона Дуброво – Тремник, Општина Неготино, бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година, е ставена вон сила со Одлуката на Општината Неготино бр. 08-76/7 од 14.03.2017 година за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник, од што произлегува дека Одлуката за измена и дополнување на ГУП за работна зона Дуброво – Тремник, Општина Неготино, бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година, не е повеќе во правна сила.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека истата не може да биде предмет на оцена поради постоење на процесни пречки за одлучување со што се исполнети условите за примена на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Согласно со член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко остранливи последици, но во конкретниот случај, поради погоре изнесеното, Судот оцени дека не постојат основи за донесување на такво решение.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска