Дневен ред за 17. седница закажана за 15 мај(среда) 2024 година

На 15 мај 2024 година(среда) во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 17. седница со дневен ред за кој се закажани седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и три предлози за одлучување по предмети со нацрт-одлуки, односно предмети за кои веќе е исцрпена дискусијата. 

  1. Реферат У.бр.75/2022

Оспорен:  Членовите 6, 9, 16 и 22 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/11, 53/11, 84/12, 188/13, 154/15, 23/160 и 151/21)

Подносител на иницијативата: Димитрија Атанасовски

Од наводите во иницијативата: Подносителот наведува дека со начинот на кој се определени стапките на пресметување на данок во членот 6 во износи од 0,10% до 0,20%, граѓаните се нееднакви пред Уставот, односно за ист имот или за иста вредност едни граѓани од едно населено место ќе плаќаат данок по стапка од 0,10% а други по стапка од 0,20%. Во некои случаи имотите се оддалечени од една до друга општина и се на само стотина метри, наведува подносителот. Меѓудругото во иницијативата е наведено дека според членот 16 од Законот за данок на имот се предвидува стапките на наследство и подарок да се определуваат за прв наследен ред од 2% до 3% и за трет наследен ред по стапка од 4% до 5%. Подносителот смета дека сите оспорени одредби се во спротивност со членот 8 став 1 и членот 9 став 2 од Уставот, кој ги опфаќа темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија и еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

  1. Реферат У.бр.45/2022

Оспорен: -Делот „германски марки (ДЕМ)” од член 9 став 3 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

-Делот „ДЕМ” од членовите: 22, 26 2, 86-б став 1 и 111 став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

-Делот „Закон за инвестициони фондови” од член  85-б став 2 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: Подносителот наведува дека со цитираните одредби изразувањето на една вредност од денари во германски марки (ДЕМ), сметано од 01.01.2002 година станува беспредметно и можат да доведат до забуна во примена на одредбите, што не е во согласност со владеењето на правото од членот 8 алинеија 3 од Уставот. 

  1. Реферат У.бр.87/2024

Оспорен: : Член 13 став 9 во дел „согласно Законот за извршување“ од Законот за бесплатна правна помош

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува оспорениот член од Законот кој уредува дека доверител за наплата на трошоците во постапка за извршување, согласно Законот за извршување е Република Северна Македонија бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот од причина што во Законот за извршување не содржи такви одредби што доведува до правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските.

  1. Реферат У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024

Оспорени: Закон за изменување на Законот за платите на судиите и Закон за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Северна Македонија

Подносители на иницијативите: Судски совет на Република Северна Македонија, преку неговиот претседател Весна Дамева и Здружение на судиите на Република Северна Македонија, преку неговиот претседател д-р Џемали Саити

 Од наводите во иницијативата: 

Судскиот совет на Република Северна Македонија наведува дека со оспорените закони законодавецот извршил противуставна и незаконита интервенција во самостојноста и независноста на судската власт преку правно недозволено намалување на платите на судиите како носители на судската власт и на членовите на Судскиот совет кој е орган што ја гарантира независноста на судската власт. 

Во иницијативите се наведува дека уставно-правната положба на судовите и на Судскиот совет е нарушена со оспорената измена на законите бидејќи со нив законодавецот значително го намалил коефициентот за утврдување на платата на судиите (коефициентите кои се движеле од 2.8 до 3.7 сега се намалени во распон од 2.43 до 3.21), односно коефициенот за пресметка на платата на членовите на Судскиот совет (коефициентите од 4 за претседател на Судскиот совет, односно 3.7 за заменик претседател и за член на Судскиот совет сега се намалени на 3.47 односно 3.21). Преку намалување на коефициентите што претставуваат параметар за пресметување на платата на судиите и на членовите на Судскиот совет правно и фактички се оневозможува усогласување на нивните плати со динамиката на движење на просечната исплатена плата во претходната календарска година, со што се спречувало законското право на усогласување на платата согласно постојните правила за нејзино пресметување.

  1. Реферат У.бр.68/2023

Оспорен: Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и трнспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес бр.25-1145/5 од 24.02.2023 година

Подносител на иницијативата: Даница Чадиева

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека оспорената одлука е во спротивност со владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот, како и заштита  и унапредување на животната средина предвидени со Уставот, но и целосно спротивна на Законот за управување со отпадот. Се наведува дека според Одлуката давателот на услугата кој врши собирање и транспортирање на отпад не смее да наплати цена за услуга за управување со комунален отпад од крајниот корисник, која тарифа за отпад не е одобрена од страна на Регулаторната комисија и утврдена во решението за утврдување на тарифи за отпад, што според тврдењата на подносителката е во спротивност со Законот за управување со отпадот. 

  1. Реферат У.бр.201/2023

Оспорена: Одлука за утврдување цени на услугите за собирање и транспортирање на комунален отпад во Општина Куманово

Подносител: Виктор Божиновски, адвокат од Куманово

Од наводите во иницијативата:

Оспорената одлука, според подносителот, е спротивна на Законот за управување со отпад и на член 51 од Уставот затоа што е донесена врз основа на одредба од Закон кој престанал да важи. Подносителот од Уставниот суд бара да донесе и времена мерка за да се спречи настанување на штетни последици за правните и физичките лица од Општина Куманово кои ќе плаќаат повисоки сметка за комунални услуги.

  1. Реферат У.бр.125/2024

Оспорен : Одлука на Советот на Општина Виница за пристапување кон изработка на Урбанистички проект со план за парцелација за градежна парцела на К.П.бр.9800 КО Виница со намена семјна станбена зграда согласно ДУП за град Виница

Подносител: Петруш Пецов од Виница

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорената одлука е незаконита и спротивна на Законот за урбанистичко планирање и на Законот за градење. Во иницијативата се наведува дека парцелата КП бр.9800 која граничела со подносителот на иницијативата е со терцијална делба, а сосопствениците не поднеле навреме барање да се изврши парцелирање на градежната парцела, туку самоиницијативно извршиле дива градба која зазема 3/4 од градежната линија од градежната парцела праволински кон куќата на подносителот.

II- ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

  1. У.бр.147/2021

Подносител: Здружение на приватни стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина од Кавадарци

Oспорен: Член 20 став 2, член 23 став 3, член 24 став 1 т.4 и 5 од Правилникот за облиците на континуирано стручно усовршување пречистен текст од 26.06.2020,  Oдлука за критериуми при избор на спроведувачи на континуирано стручно усовршување од 19.02.2021, Јавен повик за избор на спроведувачите на континуирано стручно усовршување за период од 2021-2025 од 19.02.2021 година.

Дел од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби од Правилникот се излегува надвор од рамките на правата и обврските и односите кои биле со закон пропишани, а со Правилникот неосновано се пропишуваат права и обврски кои можат да бидат само предмет на законско уредување. Со иницијативата се бара времена мерка до конечното одлучување, односно да се запре извршувањето на актите донесени врз основа на член 20 став 2 од Правилникот.  Во делот за оспорената Одлука за критериуми подносителот наведува ека Комисијата за стручни стоматолошки прашања на Стоматолошка комора на Македонија недозволено регулира материја веќе уредена со Правилник.  Во делот за оспорениот Јавен повик подносителот наведува дека Комисијата сама си креирала Одлука и Јавен повик по своја иницијатива и со елементи кои сама си ги уредила без основ за тоа.

  1. У.бр.36/2022

Оспорен: Член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надоместок за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште(„Службен весник на Република Северна македонија” бр.81/2022), донесена од Владата на Република Северна Македонија

Подносител на иницијативата: Емануел Тасев

Дел од наводите во иницијативата:

Според подносителот, членот 2 од Уредбата не е во согласност со повеќе одредби од Уставот и тоа членот 52 став 4 според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, член 55 став 2 според кој слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето и членот 8 став 1 алинеја 3 според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Подносителот наведува дека барателите на приватизација на градежно земјиште во државна сопственост со намена за комерцијални, деловни, стопански, производствени цели, спорт и рекреација и неизградено земјиште за колективно домување пред стапување во сила на Уредбата се ставаат во понеповолна положба, им се повредува стекнатото право да го приватизираат земјиштето во државна сопственост согласно предвидените услови за приватизација при поднесување на барањето, а само затоа што постапките по нивните барања не се завршени заради неажурност на органите  и според иницијативата се дискриминирани во однос на повластените баратели чии барања се решени со правосилни одлуки.

  1. У.бр.130/2022

Оспорен: Делот „закони” од член 2 став 1 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот дел во рамки на законот не е доволно прецизен и јасен, бидејќи во делот „закони” се подразбираат и сите други закони без оглед на правната материја или областа која ја уредуваат.