Издвоено мислење по предметот У.бр.92/2023

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), а во врска со Одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.бр.92/2023 од 16.02.2024 година, со која се укинува член 4 став 1 точка 2) во делот „националност”, член 11 став 1 точка 1) во делот „националноста” и член 13 став 1 точка 1) во делот „националноста” од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија” број 8/1995, 38/2002, 66/2007, 98/2008, 67/2009, 13/2013, 43/2014, 148/2015, 27/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 14/2020 и 129/2023), гласајќи против Одлуката, судиите д-р Осман Кадриу и Насер Ајдари најавија и писмено го образложуваат следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Решавајќи по поднесената иницијатива од политичката партија „Левица“ за оспорување на уставноста на конкретните одредби од Законот за матичната евиденција, наведени подробно во воведот на издвоеното мислење, Уставниот суд со Решението У.бр.92/2023 од 20 декември 2023 година поведе постапка за оценување на уставноста на деловите содржани во одредбите на членовите од Законот за матична евиденција, а потоа, во конечната фаза на постапката, Судот донесе Одлука У.бр.92/2023 од 16 февруари 2024 година и се определи за укинување на член 4 став 1 точка 2) во делот „националност”, член 11 став 1 точка 1) во делот „националноста” и член 13 став 1 точка 1) во делот „националноста” од Законот за матичната евиденција објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 8/1995, 38/2002, 66/2007, 98/2008, 67/2009, 13/2013, 43/2014, 148/2015, 27/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 14/2020 и 129/2023.

Во образложението на Одлуката донесена со мнозинство гласови, Судот, покрај другото, наведува дека податокот за националната припадност на граѓаните не може да се смета за релевантен и клучен за целите на матичната евиденција, особено не во задолжителна форма. На повеќе места во образложението Судот се повикува и на регулативата содржана во Законот за заштита на личните податоци, со напомена дека одредницата „националност“ може да биде злоупотребена од причини што оваа одредница влегува во групата на правата на приватноста. Ова посебно кога станува збор за автоматската обработка на личните податоци. Од аспект на меѓународното право, Судот се повикува и на значајните меѓународни документи, а особено на Европската конвенција за заштита на човековите права, како и на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматската обработка на податоци.

Гласајќи против Одлуката, донесена со мнозинство гласови, ние судиите на Уставниот суд, д-р Осман Кадриу и Насер Ајдари најавивме издвоено мислење и тоа го образложуваме во писмена форма од причини, важни факти и околности како што следува. Со Одлуката на Судот, донесена со мнозинство гласови, со која се укинува одредницата „националност“ во конкретните делови на одредбите содржани во член 4, член 11 и член 13 од Законот за матичната евиденција, на непосреден начин се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, санкционирани со одредбите на член 8 од Уставот. Наводите наведени во Одлуката на Судот коишто произлегуваат од регулативата содржана во Законот за заштита на личните податоци, како и регулативата содржана во двете наведени конвенции не кореспондираат апсолутно со регулативата содржана во Законот за матична евиденција по прашањето на национална припадност на граѓаните на нашата држава. И поконкретно, кога станува збор за евентуална злоупотреба при обработката на лични податоци, во самиот Закон за матична евиденција и со одредбите на член 29 став 3 од основниот текст на Законот донесен во 1995 година, јасно се подвлекува кој може да има право на увид во матичните книги или во списите и решенијата врз основа на кои се врши запишување во матичните книги. Во вид на императивна норма се подвлекува дека правото на увид го има само лицето на кое се однесуваат податоците од матичната евиденција или друго заинтересирано лице, ако за тоа има непосреден правен интерес. По однос на регулативата содржана во меѓународното право, и посебно во двете посочени конвенции, не се предвидува забрана на лица граѓани, како субјекти во правото, да се изјаснуваат за својата национална припадност. Европскиот суд за заштита на човековите права, коишто права таксативно ги уредува Европската конвенција, решавајќи конкретни прадмети по апликациите на граѓани од разни земји, по прашањето за национална припадност има заземен јасен став, а имено, дека „етничкиот идентитет е дел од идентитетот на поединецот“.

Врз основа на изложеното, издвоеното мислење го засноваме на следните важни правни прашања и институции, коишто мнозинството судии не ги зеле предвид при одлучувањето и донесената одлука за укинување. Темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија имаат основно и темелно значење за уставниот поредок. Основно значење имаат бидејќи се „ситуирани“ во делот на основните одредби на Уставот. Темелното значење се користи за толкување на одредбите од нормативниот текст на Уставот.

Од темелните вредности на уставниот поредок, уредени и утврдени со одредбите на член 8 од Уставот од 1991 година, две темелни вредности се во непосредна врска со правото на граѓаните да се изјаснуваат или да не се изјаснуваат за својата национална припадност. Тие темелни вредности се: првата – слободно изразување на националната припадност и втората – посебна темелна вредност којашто е воведена во нашиот правен поредок со Амандманот VI на Уставот, донесен во 2001 година, заедно со Амандманите IV – XVIII, објавени во „Службен весник на РМ“ број 91/2001 година. Темелната вредност којашто произлегува од Амандманот VI ја гарантира соодветната и правичната застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа. Се работи за две значајни вредности, со допирни точки, но со различна содржина. Првата темелна вредносткојашто се однесува на слободното изразување на национална припадност е лично право на секој човек и граѓанин да ја изрази или да не ја изрази својата национална припадност. Втората вредност којашто се однесува на соодветна и правична застапеност на граѓаните претставува колективно право на националните заедници да бидат застапувани во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.

Непобитен е фактот дека имало поединци, има и сега, кои го злоупотребиле правото на слободното изразување на националната припадност. Тоа е точно. Исто така, точно е дека државата преку своите органи има можност, а тоа е и нејзина должност, со употреба на конкретни средства и механизми таквите појави да ги санкционира и со тоа да ги отстрани. Недозволиво е поради злоупотреба на конкретното право или слобода од нивните носители или евентуално трети лица, да се суспендира и самото право или слобода, коишто, повторно нагласуваме, Уставот ги утврдува и гарантира. Со предметната одлука на Уставниот суд фактички тоа се прави.

Уставно-правната мисла има јасна дефиниција и определба за основните слободи и права на граѓанинот. Основните слободи и права ги утврдува и правно ги уредува само Уставот. Тие се уставна материја materia constitutionis, а не законска материја. Кога уставната норма упатува на потреба да се донесе закон, законодавецот со конкретен закон врши операционализација на уставната норма. Законодавецот, како што е случајот и со Законот за матичната евиденција, со закон ги уредува условите, постапката и начинот на остварувањето на конкретно право и конкретна слобода коишто Уставот ги гарантира.

Во изложената смисла, законодавецот со Законот за матичната евиденција тоа и го прави. Законодавецот со предметниот закон, чии одредби се укинуваат, не воведува „ново право“, бидејќи за тоа нема надлежност. Напротив, органите на управата во управна постапка, одговорни за водење на матичните книги (на родени, венчани и умрени), ги запишуваат оние податоци и атрибути со кои се заокружува правниот субјективитет и идентитетот на физичките лица. Законската норма за слободно изразување на националната припадност својот фундус го има во самиот Устав, поточно, во двете наведени темелни вредности, како што беа наведени, слободното изразување на националната припадност и соодветна и правична застапеност на заедниците.

Правната последица од донесената одлука е јасна. Со укинувањето на конкретните одредби содржани во членовите 4, 11 и 13 од Законот за матичната евиденција de facto се суспендираат двете, погоре наведени, темелни вредности. Уставниот Амандман VI станува неприменлив и со тоа беспредметен, што претставува сериозен атак на правниот поредок на земјата.

Поради изложеното, го образложуваме издвоеното мислење како што е погоре наведено.

Судии на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
д-р Осман Кадриу
Насер Ајдари

Конечна одлука У.бр.92/2023