Оформени 32 нови предмети во февруари 2024 година

Во периодот февруари 2024 година до Уставниот суд се поднесени вкупно 31 иницијатива за оценка на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права по коишто се формирани 32 нови предмети за работа. 

Меѓу нив се неколку предмети за кои јавноста изрази поголем интерес, како што се Законот за облигациони односи, Законот за извршување, предмет оформен по иницијатива на ДКСК, а се однесува на т.н. алатка „балансер”  при вработувањата во државни институции, Закон за преземање на административни службеници вработени преку К-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците итн.

  1. У.бр.89/2024

Оспорен: Закон за воздухопловството

Подносители:  Петар Димитров

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата со оспорените законски одредби Републиката не обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот од причина што воздушниот сообраќај не е супериорен над другите начини за превоз па за него да се издвојува посебен надоместок од секој патник во заминување од аеродромите за потребите на Агенцијата за цивилно воздухопловство и за унапредување на воздухопловството.

  1. У.бр.90/2024

Оспорени: Член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и одредби од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“ 

Подносител: Државна комисија за спречување на корупцијата

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот. Со оспорениот дел „припадност на заедница“ подносителот смета дека се наметнува обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница, со што се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување на националната припадност. Припадноста е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо. Припадноста на заедница не е ниту општ ниту посебен услов за вработување на административни службеници пропишан со Законот за вработените во јавниот сектор, ниту со Законот за административни службеници, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се нарушува начелото на стручност и компетентност утврдено во Законот за вработените во јавниот сектор. Според подносителот, со оспорената одредба од Правилникот директно се прекршуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот на начин што правото на пријавување на јавниот оглас е ограничено на кандидатите за админстративен службеник кои припаѓаат на различна заедница од онаа наведена во јавниот оглас за конкретното работно место со што се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување. Со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно  место.

  1. У.бр.91/2024

Оспорен: Закон за преземање на административни службеници вработени преку К-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците

Подносител: Државна комисија за спречување на корупцијата

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека административните службеници вработени преку К-5 програмата за правична и соодветна застапеност не се дефинирани како посебна категорија на административни службеници и како такви ги имаат истите права и обврски како сите останати административни службеници. Со примената и донесувањето на оспорениот закон, законодавецот ги ставил овие лица во повластена нееднаква положба над другите граѓани/административни службеници што претставува повреда на начелото на владеење на правото, начелото на еднаквост, правото на работа и ограничување на уставно загарантираните слободи и права.

  1. Реферат У.бр.92/2024

Оспорен: Член 37 став 1 точка 3 во деловите „овите“ од збор „членовите“ и „28 ставови 6 и 9“ од Законот за квалитет и безбедност на ѓубиња, биостимулатори и подобрувачи на својствата на почвата

Подносител: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорените одредби од Законот упатуваат на примена на ставови од одредба која повеќе не е дел од правниот промет што доведува до забуна во примената на самата норма спротивно на начелото на владеење на правото.

5.У.бр.93/2024

Оспорен: Делот „член 10 став 3 на“ од член 57 став 2 од Законот за одбрана

Подносител: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот дел од законската одредба упатува на примена на одредба што не е дел од правниот промет коешто не е во согласност со начелото на владеење на правото.    

  1. У.бр.94/2024

Оспорен: делот „за електронско управување“ од член 41 став 3 од Законот за општата управна постапка

Подносител: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека со оспорениот дел се упатува на примена на одредби од пропис што престанал да важи и не е повеќе дел од правниот поредок што е спротивно на начелото на владеење на правото.

  1. У.бр.95/2024

Оспорен: Член 4 став 3 во делот „поради судска ненадлежност“ од Законот за медијација

Подносител:  Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата ја оспорува одредбата од Законот во која е уредено дека во случај на поднесена тужба до надлежниот суд, без приложен доказ од медијатор за сторен обид за решавање на спорот со медијација, постои основ за отфрлање на тужбата поради судска ненадлежност. Подносителот наведува дека со оваа правна норма се остава простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските, затоа што тужбата може да биде оценета како „преуранета“ или „неуредна“ и од тие причини да биде отфрлена, а не и дека „постои судска ненадлежност“. Се наведува дека медијаторот не го решава спорниот однос и нема улога на суд и поднесувањето тужба „до надлежниот суд“ во вакви случаи не може да се отфрли „поради судска ненадлежност“ бидејќи судската ненадлежност не е доведена во прашање.

  1. У.бр.96/2024

Оспорени: Член 13 од Законот за нотаријатот, наслов на член 32 во дел „и број“ и член 32 став 4 од Законот за извршување

 Подносител: Александар Ристески, адвокат од Скопје

 Од наводите во иницијативата:

 Според подносителот со оспорените законски одредби законодавецот пропишал лимитирање (ограничување) на бројот на лица кои во Република Северна Македонија може да бидат именувани како  нотари и извршители со што се повредуваат уставните норми за слободата на пазарот и претприемништвото, еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот и забраната за монополска положба и монополско однесување на пазарот, како и достапноста на секое работно место под еднакви услови за секој граѓанин.

  1. У.бр.97/2024

 Оспорен: член 222 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на РСМ“ бр.302/2020 и член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот („Службен весник на РСМ“ бр.122/2021)

 Подносител: Светски македонски конгрес

Од наводите во иницијативата:

 Подносителот наведува дека замената на зборовите „Република Македонија“ со зборовите „Република Северна Македонија“ во целиот текст, согласно оспорениот член 222 од Законот и определувањето важност на возачките дозволи и возачките книшки, најдоцна до 12.02.2024 година во согласност со оспорениот член 5 од Законот, се во спротивност со одлуките на референдумите од 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година, со кои е одлучено за суверена и самостојна држава Македонија без додавки и придавки. Се наведува дека оспорените законски одредби го суспендираат владеењето на правото со што истите се во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и со Амандманот VI од Уставот, дека истите го повредуваат физичкиот и моралниот интегритет на човекот и дека промената на името на државата е во спротивност и со членот 25 од Уставот бидејќи го повредува достоинството и угледот на секој граѓанин. Меѓу другото, подносителот наведува дека со оспорените одредби се наметнува повратно дејство што е понеповолно за граѓаните, бидејќи спротивно на одлуките на референдумите, Владата и Собранието го промениле името на државата, наметнувајќи им рок 12 февруари 2024 година за промена на возачките дозволи и возачки книшки коишто сами си ги плаќаат, иако нивните лични исправи сеуште важат. Исто така, во иницијативата се наведува дека овие оспорени одредби со кои се менува името на државата на возачките дозволи се донесени врз основа на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција од 17 јуни 2018 година кој меѓународен договор не е дел од внатрешниот правен поредок на државата бидејќи истиот не е ратификуван во согласност со Уставот и е спротивен на член 118 од Уставот. Во иницијативата се наведува дека издавањето на возачка дозвола и возачка книшка е поединечен правен акт којшто подлежни на право на жалба или друг вид правна заштита согласно Уставот, што тука не е случај и граѓаните се исклучени од уставно загарантираното право на жалба. 

  1. У.бр.98/2024

 Оспорен: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи

 Подносител: Петар Барашиќ

Од наводите во иницијативата:

 Во иницијативата се наведува дека оспорените законски измени ја третираат сопственоста на доверители кои поседуваат материјално богатство досудено со правосилен поединичен акт на суд или на друг орган, должникот да му плати определен долг со камата сè додека должникот не го плати целосно долгот. Ова богатство на доверителот со оспорениот член ги ограничува сопствениците на ова богатство слободно да располагаат со сопственоста што значи и престанок на правото да се бара присилно извршување на обврската на должникот што значи одземање на сопственоста без надомест. Подносителот наведува дека доверителите кои се стекнале со некое сторување, несторување, трпење или воспоставување на поранешна состојба, а кои не се опфатени со одредбите на Законот за облигациони односи се во поповолна положба во однос на оние доверители кои вршат наплата на побарување и ја губат својата сопственост, што е спротивно на член 9 од Уставот.

  1. У.бр.99/2024

Оспорен: Член 273 став 10 и став 11 од Кривичниот законик

Подносител: Адвокатско друштво Апостолски преку адвокатите Антонио Апостолски и Кирил Стојановски

Од наводите во иницијативата:

Со иницијативата се оспоруваат одредбите од Кривичниот законик што се однесуваат на перење пари и други приноси од казниво дело и се наведува дека со оспорените ставови се доведува до прашање самиот стандард на докажување. Оспорениот став 10 бара криминалното потекло на парите да се докаже преку основано сомнение што претставува, според подносителот, категорија на кривично процесно право, а не на материјалниот закон. Понатаму, се наведува дека и двата оспорени става од Кривичниот законик утврдувањето на вина го спуштаат на доста ниски граници само преку фактички околности односно свесноста за потеклото на имотот се сведува на оценка на објективни фактички околности базирани на основано сомнение што е спротивно на презумпцијата на невиност. Олеснувањето на криминалното потекло на парите да се докаже само на основа на основано сомнение не му е место во Кривичниот законик особено што закон со кој се уредува постапката пред судовите се носи со 2/3 мнозинство и е во спротивност со начелата на презумпција на невиност, приниципот in dubio pro reo и на слободна оцена на доказите.

  1. У.бр.100/2024

Оспорен: Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесеното барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти

Подносител: Светски македонски конгрес

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека оспорениот правилник е донесен врз основа на одредба од Законот за личната карта која престанала да важи со што не може да произведува права ниту пак врз нејзина основа да се преземаат правни дејства. Во одредбите на Законот не е извршена измена на зборовите „Република Македонија“ со „Република Северна Македонија“, со што оспорениот правилник не е во согласност со Законот за лична карта и со Уставот. Подносителот смета дека е недопуштена промената на името на државата со подзаконски пропис, во случајов со оспорениот правилник, со што истиот не е во согласност со одлуките на референдуми од 08.09.1999 година и од 30.09.2018 година и со член 1 став 1 и член 2 од Уставот. Издавањето на лични исправи за едни граѓани со името на државата Република Македонија, а за други со името „Република Северна Македонија“ ги прави граѓаните нееднакви пред Уставот и законите.

Подносителот наведува дека поради суспензијата на правото на жалба или друг вид на правна заштита на издавањето на личната карта како поединечен правен акт, бара Уставниот суд да го поништи оспорениот правилник. Исто така, подносителот наведува дека никаде во Законот за лична карта не е утврдено дека престанува важноста на нејзината употреба поради промена на името на државата и со присилна замена на личните карти, со општ пропис, државата ја суспендира нивната важност доколку на нив не е впишано новото име на државата и тоа со обврска трошокот на замената да биде на товар на граѓанинот.

  1. У.бр.101/2024

Оспорен: Член 1 и 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија („Службен весник на РСМ“ бр.302/2020) и член 3 од Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија („Службен весник на РСМ“ бр.122/2021)

Подносител: Светски македонски конгрес

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека оспорените законски одредби според кои зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“ се во спротивност со одлуките на референдуми од 08.09.1999 година и од 30.09.2018 година, го суспендираат владеењето на правото и се во спротивност со Амандманот VI од Уставот. Промената на името на државата, спротивно на одлуките на референдумот го повредува физичкиот и моралниот интегритет на човекот и се во спротивност со членот 25 од Уставот бидејќи го повредува достоинството и угледот на секој граѓанин односно го менува името на државата и идендитетот на македонскиот државјанин. Во иницијативата се наведува дека повредата на угледот на Република Македонија е кривично дело согласно Кривичниот законик, односно промената на државното име е подбив и исмејување. Според подносителот, не постои забрана за слобода на движење и напуштање, како и враќање на територијата на Републиката поради промена на името на државата, како услов за промена на лични исправи кои се во важност издадени од истата таа држава поради што оспорените одредби се во спротивност со членот 27 од Уставот. 

Во иницијативата се наведува дека оспорените законски одредби се донесени врз основа на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција од 17 јуни 2018 година, а овој меѓународен договор не е дел од внатрешниот правен поредок на државата беидејќи не е ратификуван согласно Уставот, а воедно Спогодбата не е склучена од претседателот на Републиката односно е објавена во „Службен весник на РМ“ без потпис од претседателот на Републиката на Указот за неговото прогласување. Исто така, се наведува дека во конкретниот случај граѓаните се исклучени од уставно загарантираното право на жалба или друг вид на правна заштита на издавањето на патна исправа како поединечен правен акт, поради што подносителот бара поништување на оспорените законски одредби. Со присилна замена на личните карти, со општ пропис, државата ја суспендира нивната важност доколку на нив не е впишано новото име на државата и тоа со обврска трошокот на замената да биде на товар на граѓанинот, што е понеповолно за македонските државјани.

  1. У.бр.102/2024

Оспорен: член 25 од Законот изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности

Подносител: Симо Трипуноски

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека со оспорениот член се овозможува лицето кое по грешка ќе биде евидентирано во катастарската евиденција како носител на право на сопственост, да остане запишано во катастарската евиденција само затоа што ќе одбие да даде согласност за исправка на грешка, а без притоа да има правен основ за неговото запишување како носител на правото на сопственост со што се создава правна несигурност и нееднаквост на граѓаните, како и се повредува уставната гаранција за заштита на правото на сопственост.

  1. У.бр.103/2024

Оспорен: Член 78 став 1 алинеја 3 од Законот за нотаријатот

Подносител: ИЛКОМ ПСС ДОО преку законски застапник Симеон Петров

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата ја оспорува правната поука уредена во оспорената одредба, во која не пишува дека приговорот задолжително треба да го состави адвокат што доведува до правна несигурност бидејќи граѓанинот може да згреши и приговорот да го даде без адвокатски печат и спорот да го изгуби без да се разгледа оправданоста на наводите. Со ова уредување во Законот не се гарантира правната заштита на сопственоста бидејќи без да се разгледа основаноста на доверителовото побарување должникот е должен да му плати на доверителот доколку приговорот го даде без адвокатски печат, што според подносителот, законодавецот обезбедил повеќе права на доверителот од оние на должникот со што доверителот и должникот не се еднакви пред законот.

  1. У.бр.104/2024

Оспорен: Член 245 став 3 од Законот за извршување

Подносител: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот, овластувањето на министерот за правда да ја утврдува висината на реално направените трошоци за пологање испит за извршител, како и надоместокот за работа на членовите на Комисијата која го спроведува испитот, значи навлегување на извршната во законодавната власт што е спротивно на Уставот.

  1. У.бр.105/2024

Оспорен: Член 16 став 4 од Законот за управни спорови

Подносител: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

За подносителот е спорно уредувањето во оспорената законска одредба според која судија кој нема две години судиски стаж, не може да постапува како судија поединец. Се наведува дека не е јасна оспорената одредба затоа што не дава одговор на тоа дали се работи за судиски стаж во рамки на Управниот суд откако е избран судијата или се работи за вкупен судиски стаж што според Законот за судовите секој управен судија во моментот на избор мора да има непрекинат судиски стаж од најмалку четири години како судија во основен суд што доведува до правна несигурност и повреда на владеењето на правото. На ваков начин се создава и нееднаква положба помеѓу судиите во Управниот суд кои треба да имаат еднаква положба во постапувањето, а не да бидат дискриминирани по законскиот основ за судиски стаж.

  1. У.бр.106/2024

Оспорен: Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија

Подносител: Војо Ѓуроски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со примена на оспорениот закон му се забранува користењето на неговата патна исправа издадена од МВР која е во важност, со што му се ускратува уставно загарантираното право на слобода на движење и бара од Уставниот суд да му ја утврди повредата на неговата слобода и да ги поништи конкретните акти со кои е сторена повредата.

  1. У.бр.107/2024

Оспорен: Автентично толкување на членот 1 од Законот за амнестија

Подносител: Павле Трајанов

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека со автентичното толкување на Законот за амнестија се ослободуваат од гонење, за запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор, граѓани на Република Македонија, лица со законски престој и лица кои имаат имот или семејство, за кои постои основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година. Ваквото законско уредување, според подносителот, е спротивно на Кривичниот законик, на член 51 од Протоколот 1 – Дополнителен протокол на Женевските конвенции, како и на член 11 од Уставот според кој се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.

  1. У.бр.108/2024 – Барање за заштита на слободи и права

Подносител на барањето: Глигорие Ќатоски

Оспорени: Дејствија на Министерство за внатрешни работи

Од наводите во барањето:

Според наводите во барањето, со дејствијата на МВР конкретно со издавање на неговиот пасош (09.02.2020 год.) и лична карта со старото име на државата (28.05.2021 год.), иако „Преспанскиот договор“ бил во правна сила повеќе од две години, на подносителот на барањето му е загрозено уставно загарантираното право слободно да ја напушти територијата на државата и да се врати во неа. Со официјалното соопштение на МВР од 11.02.2024 година подносителот за прв пат дознава дека и возачката дозвола нема да важи доколку е со старото име на државата со што на подносителот му е ограничено користењето на патничкото моторно возило и слободата на движење. Оттука, со овие дејствија на Министерството за внатрешни работи подносителот на барањето е ставен во понеповолна положба во однос на другите граѓани на Република Северна Македонија кои извадиле пасош, лична карта и возачка дозвола во втората половина на 2021 година со новото име на државата и МВР сторило дискриминација врз подносителот врз основа на национална и социјална припадност.

  1. У.бр.109/2024

Оспорен: член 49 во дел „освен членот 8 во делот кој се однесува на заштита на жртвите од казниви дела и заштита на жртви од трговија со луѓе“ од Законот за бесплатна правна помош

Подносител: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека оспорениот закон ја исклучува кривичната постапка и предвидува секундарна правна помош за застапување „во сите степени во граѓански судски постапки, управни постапки и управни спорови“, а со тоа, прашањето за адвокат кој ќе ги застапува правата на жртвите од кривични дела во кривични постапки е оставено да се уредува во Законот за кривичната постапка. На таков начин, со оставање во сила на само една одредба во преодните и завршните одредби на оспорениот закон и истата да важи без никакво временско ограничување се нарушува правната сигурност спротивно на начелото на владеење на правото.

  1. У.бр.110/2024

Оспорен акт: Одлука за измена и дополнување на текстуалниот дел за Конечен Предлог-план за ГУП Тетово од 28.09.2022 година на Советот на Општина Тетово

Подносител: Даријан Сотировски

Од наводите во иницијативата:

 Подносителот наведува дека со оспорената одлука се менува површината за живеење по жител од претходно утврдените 20 м2, на „не помала од 50 м2“ и се утврдува дека една станбена единица треба да биде со површина од „околу 213 м2, што е спротивно на Просторниот план на Република Македонија кој утврдува станбен стандард од 20-25 м2 површина на живеење по жител односно површина на една станбена единица од 40 – 80 м2. Подносителот смета дека на ваков начин се легализира незаконската поделба на веќе изградени станбени единици со голема површина (213 м2) на поголем број со помала површина. Исто така, наведува дека со оваа одлука е зголемена густината на живеење при што тоа зголемување не е прецизирано за кој тип на домување се однесува, а таквото драстично зголемување е со силни реперкусии врз димензионирање на инфрастру­ктурата во која нема никакви интервенции.

  1. У.бр.111/2024

Оспорен: Член 31 став 3 од Законот за медијација

Подносител: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

 Во иницијативата се наведува дека Законот за медијација не содржи никакви мерила и критериуми за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, а со оспорената законска одредба на министерот за правда му е дадено овластување да пропишува критериуми за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот што би значело навлегување на извршна во законодавна власт спротивно на член 8 алинеи 3 и 4, член 91 став 1 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот.

  1. У.бр.112/2024

Оспорени: – Член 12 став 4 во делот „и тарифата од ставот 3 на овој член“ од Законот за бесплатна правна помош и

– Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање примарна правна помош.

Подносител: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

 Подносителот смета дека овластувањето на министерот за правда да го утврдува надоместокот на здружението и правната клиника, како и овластувањето да ги утврдува самите критериуми и мерила за определување на висината на самиот надоместок, значи навлегување на извршната во законодавната власт од причина што во Законот за бесплатна правна помош не се содржани критериуми и мерила во однос на ова прашање.

  1. У.бр.113/2024

Оспорен акт: Одлука за поништување на постапката за доделување договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснадбителен систем за водоснабдување на општина Неготино, донесена од Совет на општина Неготино

Подносител: Државен инспекторат за локална самоуправа

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одлука се поништува постапката спроведена согласно Одлуката за започнување на постапка за доделување договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснадбителен систем за водоснабдување на општина Неготино. Се наведува дека по извршен вонреден инспекциски надзор Државниот инспекторат за локална самоуправа утврдил дека оспорената одлука не е во согласност со член 21-а ставови 1 и 4 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство, и донел Решение со кое ја запрел примената на оспорената одлука и истото ќе остане во важност до конечна одлука на Уставниот суд.

  1. У.бр.114/2024

Оспорен: Член 76 став 4 од Законот за дивечот и ловството

Подносител: Државен инспекторат за шумарство и ловство

Од наводите во иницијативата:

 Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се повредува начелото на владеење на правото на тој начин што инспекторите на државниот инспекторат за шумарство и ловство кои се членови во комисиите за увид на штета што ја причинил дивечот за кој е пропишана трајна или привремена забрана на ловење, воедно ќе вршат и инспекциски надзори кај корисниците на дивеч во ловиштата и управувачите на државните ловишта. Се наведува дека не им е дозволено правото на инспекторите од државниот инспекторат за шумарство и ловство за спроведување на начелата: на законитост, на заштита на јавниот интерес, на еднаквост, непристрастност и обејктивност, на одговорност и сл. бидејќи инспекторите се должни да ги почитуваат овие начела, а доколку не ги спроведуваат за истите одговараат.

  1. У.бр.115/2024

Оспорени: Член 76 став 1 од Законот за измена и дополнување на Законот за судовите и член 91 од Законот за јавното обвинителство.

Подносител: Илко Петров

Од наводите во иницијативата:

 Се оспоруваат одредбите од Законот за судовите и Законот за јавно обвинителство особено во делот што се однесува на „различното толкување на правото и фактите не може да преставува основ за утврдување на одговорност на судијата или на јавниот обвинител“. Според подносителот на иницијативата од оспорените одредби произлегува дека судија или јавен обвинител може да бидат казнети само ако се докаже дека земале поткуп или донеле одлука без никакво образложение, со што не е обезбедена еднаквост на граѓаните пред законот.

  1. У.бр.116/2024

Оспорен акт: Програма за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година

Подносител: Градоначалник на Општина Богданци

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека оспорената програма е спротивна на одредби од Законот за градежно земјиште и на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за степенот на уредувањето на градежното земјиште со објекти на комунална инфраструктура и начинот на уредување на висината на трошоците за уредувањето во зависност од степенот на уреденост. Подносителот смета дека при донесување на оспорената програма, Советот на Општина Богданци не се движи во рамките на сумите одредени од страна на минстерот за транспорт и врски, туку одредува суми по свое видување спротивно на законските одредби. Имено, Советот на носи Програмата, но тој, според подносителот, не може спротивно на Законот во кој е предвидено министерот да ја пропише висината на трошоците за уредување во зависност од степенот на уреденост, да не ги почитува одредбите од Правилникот.

  1. У.бр.117/2024

Оспорен акт: Одлука за донесување на урбанистички  план вон населено место за Индустриска зона „Мауцкер“ к.о. Долно Лакочереј, општина Охрид донесена од Советот на Општина Охрид

Подносители: Туристичка Асоцијација на Охрид Билјана, Еколошко друштво „Грашница“ – Охрид, Планинарска организација „КАБ“– Струга, Организација „Еко Лаг“ – Охрид, Организација „Тајните на моето Срце“ и др. организации, застапувани од Никола Киселинов Боздоганов

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука за донесување на деталниот урбанистички план нема заштитно конзерваторски основни неопходни за изготвување на ДУП со дефинирани граници на заштитна зона, контактна зона и зона за урбанистичко планирање, како и геодетска ажурирана подлога со дефинирани граници на Археолошкиот локалитет. Изготвувачот на оспорениот ДУП и покрај писменото укажување од Еколошкото друштво „Грашница“ во фазата на јавната анкета не го зел во предвид постоењето на Археолошки локалитет утврден со Решенија за Археолошки локалитет од 1983 и од 1998 година. Исто така, според подносителите не биле изработени ажурирани геодетски подлоги во документационата основа за подземните градби што постојат на овој археолошки локалитет. Покрај Законот за урбанистичко планирање, оспорената одредба била во спротивност и со Законот за заштита на културното наследство според кој не може да се врши урбанизација на простор што е оптоварен со подземно културно наследство утврдено со правен акт и притоа да се врши трансформација на земјиштето од земјоделско во градежно земјиште бидејќи ова земјиште е дефинирано како недвижно културно наследство.

  1. У.бр.118/2024

Оспорен: Член 23 став 2 и став 5 од Законот за општата управна постапка

Подносител: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот ги оспорува ставот 2 на членот 23 во кој е пропишано дека судирот на надлежностите меѓу единиците на локалната самоуправа го решава органот на државната управа надлежен за локалната самоуправа и ставот 5 од истиот член, според кој против управниот акт со кој се одлучува за судирот на надлежностите, странката не може да изјави жалба, ниту да поведе управен спор. Подносителот наведува дека во Законот за судовите е уреден начинот на решавање судир на надлежности меѓу посочените единици на локална самоуправа, со што е нагласено дека за евентуалниот судир на надлежности одлучува Вишиот управен суд доколку со Уставот или со законите не е предвидена поинаква судска заштита, а во Законот за општа управна постапка, таква судска заштита не е предвидена, туку напротив со оспорената одредба од ставот 5 на член 23 експлицитно се ограничува правото на судска заштита.

  1. У.бр.119/2024

Оспорен акт: Одлука за донесување на изменување и дополнување на ДУП Тасино Чешмиче 1 – Општина Центар Скопје, донесена од Советот на Општина Центар, Скопје 

Подносител: Ѓорѓи Радојков

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука за донесување на ДУП е во спротивност со Законот за локалната самоуправа бидејќи за нејзиното донесување не било обезбедено потребното мнозинство од 12 гласа „ЗА“ како што предвидува Законот. Имено, од вкупно 23 члена на Советот, биле присутни 12 членови од кои 11 члена гласале „ЗА“, а еден гласал против. Воедно, подносителот смета дека измените и дополнувањата на конкретниот ДУП на Општина Центар не е усогласен и со ГУП на Град Скопје што е спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

  1. У.бр.120/2024

Оспорен: Член 93 од Законот за урбанистичко планирање

Подносител: Тони Андевски

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот, со ваквото законско уредување се загрозува правната сигурност бидејќи предвидува ретроактивна примена на Законот за урбанистичко планирање на начин што за оние постапки коишто завршиле пред истек на четири години од влегување во сила на овој закон се применувале одредбите од претходните закони, а за оние постапки коишто од било кои причини не завршиле пред истекот на тие четири години од неговото влегување во сила, ќе треба да продолжат согласно одредбите од новиот закон. Со оспорената законска одредба, според подносителот, законодавецот задира во стекнатите права на субјектите со реторактивна примена на законот со што е нарушена правната сигурност и ги доведува субјектите при остварување на стекнатите права и интереси во нееднаква положба во однос на оние што ги завршиле постапките и ги оствариле своите права согласно претходно важечките закони. Исто така, со донесување на оспорената законска одредба се повредува принципот на легитимни очекувања на субјектите како елемент на владеење на правото, бидејќи субјектите при започнување на постапките за донесување урбанистички планови се воделе од важечките законски одредби, а со оспорената одредба се предвидува овие постапки да завршат согласно други законски одредби.