Издвоено мислење по предметот У.бр.100/2022

Во врска со поднесената иницијатива на Славко Лазовски од Скопје, за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 во деловите „во рок од десет години” и „шест години” и став 2 од Законот за експропријација, („Службен весник на Република Македонија” број 95/2012, 131/2012, 24/2013, 27/2014, 104/2015, 192/2015, 23/2016, 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 122/2021 и 111/2023), а врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 година и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) по гласањето против предлогот содржан во Решението У.бр.100/2022 од 21.02.2024 година, со кое Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучи да не поведе постапка за оцена на уставноста на веќе наведените одреби од наведениот закон, со достоинствена почит спрема ставот на мнозинството судии на Уставниот суд на Република Македонија содржан во наведеното решение, писмено го образложувам моето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Во конкретниот случај, ставот на мнозинството содржан во Решението У.бр.100/2022 од 21.02.2024 година, со кое Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучи да не поведе постапка за оцена на уставноста на член 35 став 1 во деловите „во рок од десет години” и „шест години” и став 2 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија” број 95/2012, 131/2012, 24/2013, 27/2014, 104/2015, 192/2015, 23/2016, 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 122/2021 и 111/2023). Како причина за основаноста за неповедување постапка за оценување на уставноста, се наведува дека оспорените одредби не уредуваат прашања за ограничување на правото на сопственост и правата коишто произлегуваат од него, туку напротив уредуваат прашања за враќање на недвижноста на поранешниот сопственик по донесено правосилно решение за експропријација согласно со роковите предвидени во став 1 и став 2 на членот од Законот, па оттука, според Судот, неосновано е тврдењето во иницијативата дека со оспорените делови „во рок од десет години” и „шест години“, содржани во член 35 став 1, вклучително и став 2 на членот од Законот, се врши ограничување на сопственоста. Поради изнесените причини, пред Судот, не се поставило прашањето за согласноста на член 35 став 1 во деловите „во рок од десет години” и „шест години” и став 2 од Законот за експропријација, со одредбите од член 8 алинеи 3 и 6, член 9 став 2 и член 30 ставови 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Моето издвоено мислење се однесува само на оспорениот дел „шест години” од член 35 став 1 од Законот за експропријација. Во останатиот дел на донесеното решение мислењето ми е идентично како и на мнозинството судии. За да се разбере мојот став кој се разликува од ставот на мнозинството судии изнесен во претходно наведеното решение, а кој се однесува на оспорениот член 35 став 1, само во делот од „шест години” потребно е пред сè да се има во вид направената компаративна анализа на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија” број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 244/2019, 18/2020, 279/2020 и 227/2022) со оспорената одредба на член 35 став 1 во деловите „во рок од десет години” и „шест години” и став 2 од Законот за експропријација.

Имено, со член 58 став 1 се дефинира дека градби од значење за Републиката се градбите од прва категорија наведени во член 57 на овој закон, додека градби од локално значење се градбите од втора категорија наведени во член 57 на наведениот закон. Воедно, Законот за градење определува и рок во кој треба да бидат изградени градбите од значење за Републиката како градби од прва категорија и од локално значење како градби од втора категорија. Во оваа смисла, Законот за градење со член 68 став 1 определува дека инвеститорот е должен градбите од прва и втора категорија да ги изградат во рок не подолг од десет години, од денот на правосилноста на одобрението за градење. Ако се има предвид дека со Законот за градење е поставен рокот во кој треба да се изградат градбите од прва и втора категорија, а тоа се градбите од значење за Републиката и од локално значење, произлегува дека рокот по чие истекување може да се бара поништување на правосилно решение за експропријација, треба да кореспондира со рокот до кога тие градби треба да бидат изградени. Во оваа смисла, видно од член 35 став 1 од Законот за експропријација е дека со истиот, а во зависност од видот на градбата предвидена за изградба на експроприраната недвижност, се уредуваат роковите по чие истекување, а на барање на поранешниот сопственик, ќе се поништи правосилно решение за експропријација во целост или делумно, односно ако во рок од десет години не е реализирана целта заради која е извршена експропријација за градење објекти, односно изведување работи од значење за Република Северна Македонија и во рок од шест години не е реализирана целта заради која е извршена експропријација за градење објекти или изведување работи од локално значење. Сето ова било во ред и било поврзано, сè дотогаш кога во нашиот правен поредок егзистирало претходното законско решение во врска со рокови за изградба на градби од значење за Републиката (градби од прва категорија) и за изградба на градби од локално значење (градби од втора категорија), утврдени во член 68 од Законот за градење заклучно со неговата измена и дополнување направена со Законот за изменување и дополнување на Законот за градење објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 18/2011. Оваа измена е направена во февруари 2011 година (влезена во сила на 22.02.2011 година). Имено, член 68 од Законот за градење заклучно со погоре наведената измена и дополнување на Законот, предвидуваше дека:

(1) Инвеститорот е должен градбата да ја изгради во определен рок.
(2) Рокот за изградба се определува во зависност од видот на градбата, односно:
1) градбите од прва категорија треба да се изградат во рок не подолг од десет години од денот кога одобрението за градење станало правосилно;
2) градбите од втора категорија треба да се изградат во рок не подолг од шест години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.

Законот за експропријација е донесен во јули 2012 година, објавен на 26.07.2012 година во „Службен весник на Република Македонија” број 95/2012, а влезен во сила на 03.08.2012 година, што значи дека во време на уредувањето на член 35 став 1 во Законот за експропријација, во важност е законското решение од член 68 од Законот за градење во однос на крајните рокови до кога треба да се изградат градбите од прва категорија (десет години) и градбите од втора категорија (шест години). Од изнесеното јасно произлегува дека примената на оспорената одредба на Законот за експропријација е непосредно поврзана со споменатата одредба содржана во член 68 од претходниот Закон за градење, при што меѓу двата спомнати закони постоела усогласеност по однос на роковите за довршување на градбата.

Имено, во време на донесувањето на Законот за експропријација, односно при утврдување на роковите во член 35 став 1 од Законот, по чие истекување може да се бара поништување на правосилно решение за експропријација, законодавецот се раководел од роковите коишто тогаш се предвидени во член 68 од Законот за градење (десет и шест години), уредени со измената и дополувањето на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија” број 18/2011).

Меѓутоа, законското решение од член 68 од Законот за градење, егзистира во правниот поредок сè до 04.12.2013 година, кога со член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија” број 163/2013), се менува член 68, и роковите за изградба на градби од прва и втора категорија се изедначуваат, односно член 68 гласи “Инвеститорот е должен градбите од прва и втора категорија да ги изградат во рок не подолг од десет години“, а и потоа со измената и дополнувањето на овој закон („Службен весник на Република Северна Македонија” број 18/2020) кога со член 6 се менува член 68 од Законот за градење, ова законско решение останува исто, но со нумерација член 68 став 1, што е всушност актуелното законско решение во Законот за градење.

Оттука, со менувањето на член 68 од Законот за градење, односно според актуелниот член 68 став 1 од Законот („Службен весник на Република Македонија” број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 244/2019, 18/2020, 279/2020 и 227/2022), рокот за изградба на градби од локално значење, не е повеќе шест години од денот кога одобрението за градење станало правосилно, туку десет години. Поврзано со ова, произлегува дека уредувањето во член 35 став 1 од Законот за експропријација, во делот на наведениот член според кој по барање на поранешниот сопственик ќе се поништи правосилното решение за експропријација во целост или делумно, ако во рок од шест години не е реализирана целта заради која е извршена експропријација за градење објекти или изведување работи од локално значење, не соодветствува со уредувањето во актуелниот член 68 став 1 од Законот за градење.

Поточно, со менувањето на член 68 од Законот за градење, законодавецот, не интервенирал и во Законот за експропријација што доведува до правна противречност во однос на утврдениот рок од шест години во член 35 став 1 од Законот за експропријација по чие истекување може да се бара поништување на правосилно решение за нереализирани градби од локално значење, од една страна, и предвидениот рок, не подолг од десет години за изградба на градби од локално значење (градби од втора категорија) утврден во член 68 став 1 од Законот за градење, од друга страна.

Според мое мислење, точно е тоа дека Уставниот суд нема надлежност за решавање судир на законитост по хоризонтала. Но, усогласеноста на законските решенија влијае на правната сигурност, но и обратно неусогласеноста и противречната колизија на законите сериозно влијае на правната сигурност, како фундаментален принцип во темелните вредности на владеењето на правото. Оттука, во ситуација на колизија на законските решенија како што е во конкретниот случај, се повредува правната сигурност. Ова од причина што ваквите законски решенија доведуваат до арбитрарност, односно органот надлежен за применување се става во улога на арбитер, по однос на тоа кое од двете различни правни правила ќе го примени во даден конкретен случај. Дополнително, правната сигурност се повредува и со невоедначена примена на правните правила, односно еден ист орган во конкретен случај може да примени едно важечко правило, а во друг случај друго. На овој начин не само што се повредува начелото на правната сигурност, туку се повредува и принципот на еднаквост утврден во член 9 од Уставот. Според наведеното, во правниот поредок секогаш треба да егзистираат јасни и прецизни правни норми со цел да не се доведе во прашање применувањето на законите и подзаконските прописи, а со тоа и правната сигурност како основен уставен принцип на владеењето на правото. Впрочем, тоа е обврска на законодавецот. Но, во вакви ситуации како што е конкретниот случај меѓу Законот за експропријација чија примена е непосредно условена од Законот за градење, односно кога применувањето на одредени одредби на еден закон се непосредно условени од одредбите на друг закон, потребно е да се примени екстезивен метод на толкување на нормите на Уставот. Притоа, со цел да можат граѓаните доследно да остваруваат правна сигурност, треба да се има во вид дека член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот во кој е содржан еден од основните принципи, а тоа е владеењето на правото, не треба да се сфаќа во потесна смисла на зборот, туку пошироко.

Според мое мислење, ваквата правна ситуација не е во насока на обезбедување правна сигурност на граѓаните, како составен дел на принципот на владеење на правото.

Од изнесените причини сметам дека оспорената одредба од член 35 став 1 од Законот за експропријација, само во делот од „шест години, е уставно проблематична со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија. Поради изнесеното сметам дека требаше да се поведе постапка за оцена на уставноста на дел од оспорената одредба.

Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер

Конечно решение У.бр.100/2022