На 28 февруари (среда), со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 8. седница со дневен ред за кој се предвидени 2 (две) иницијативи за оценување на уставност и законитост и два предлога за одлучување со нацрт-одлуки.
1. Реферат У.бр.24/2022
Оспорен: Закон за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 294/2021) и посебно: член 3 став 1 точка е), член 35, член 36, член 37, член 54 став 1 точки б) и г), член 55 ставови 4, 5 и 9, член 56 став 3 точки 2) и 3), член 57, член 58, член 60, член 61, член 62, член 63, член 64, член 65, член 66, член 67, член 68 и член 69 од истиот закон.
Подносители на иницијативата: Адвокати Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, двајцата од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителите на иницијативата сметаат дека Законот за медијација во целина и посебно оспорените членови се спротивни со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 55 и член 95 став 3 од Уставот. Подносителите наведуваат дека со оспорените членови се создава монополско однесување на пазарот на трудот и нееднаква положба на субјектите на пазарот на трудот затоа што Законот не бил донесен со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници во Собранието. Уставното начело на слободата на пазарот и претприемништвото, според иницијативата, е повредено. Подносителите на иницијативата сметаат дека е неуставен целиот пропишан систем (акредитирање на обуките на идни медијатори и за идни обучувачи на медијатори, спроведувањето и полагањето на испитот за идни медијатори, составот на испитната комисија, одредбита за Националниот совет за медијација, издавањето на лиценци, државната контрола во областа на медијаторството и неоснованата државна помош во облик на субвенционирање).
2. Реферат У.бр.138/2021
Оспорени акти:
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03, Блок ССИ 03.07, Општина Бутел и Општина Карпош, Скопје, бр.09-6947/3 од 12.10.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.19/2021);
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССЗ 02, Блок 06, Општина Карпош-Скопје, бр.09-6334/4 од 16.09.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021);
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Блок 9, градска четврт ССИ 03, Општина Карпош и Општина Чаир, Скопје, бр.09-6334/5 од 16.09.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021);
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 3 06, Блок 3.06.09 Општина Карпош, Скопје, бр.09-5967/7 од 30.08.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.13/2021);
– Одлука за донесување на измена и дополнување на Детален урбанистички план за градска четврт ЦС 15-Криви Дол, Блок 1, Општина Карпош-Скопје, бр.09-5017/6 од 15.07.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.10/2021);
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 3, Блок 02, Општина Карпош и Општина Бутел, Скопје, бр.09-2334/7 од 09.04.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.7/2021); и
– Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 304, Блок 04.02, Општина Карпош-Скопје, бр.09-6997/8 од 12.11.2020 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.20/2020) донесени од Советот на Општина Карпош
Подносители на иницијативата: Невена Георгиевска и Татјана Чакулев
Од наводите во иницијативата:
Подносителите на иницијативата, наведуваат дека со носењето на оспорените одлуки, било повредено правото на граѓаните за остварување на правото на локална самоуправа преку претставници на органите на општината. Имено, се наведува дека, во период од 03.10.2020 до 15.10.2021 година, членот на Советот на Општина Карпош, Димитар Оровчанец бил жител на Општина Кисела Вода, со што според член 46 став 1 алинеја 6 од Законот за локалната самоуправа му престанал мандатот како член на Советот на Општина Карпош. Советот на Општина Карпош за целиот овој период, работел со незаконски број на членови односно во работата и одлучувањето во Советот на Општина Карпош во истиот период учествувал и Димитар Оровчанец. Во истиот тој период биле донесени оспорените со иницијативата одлуки, со што, бил прекршен членот 34 од Законот за локалната самоуправа, според којшто Општина Карпош со број на жители од 40001 до 60000, морала да има совет од 23 члена.
Според наводите во иницијативата, оспорените одлуки биле донесени во спротивност со одредби од Законот за локлната самоуправа, и со истите се повредувале темелните вредности утврдени во член 8 став 1 алинеите 3, 9 и 10, членот 114, членот 115 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
3. Предлог за одлучување по У.бр.298/2020
Оспорен: Член 230 од од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018).
Подносител на иницијативата: Игор Спировски, адвокат од Скопје, како полномошник на Славко Размилиќ, Зорка Златановиќ, Јадранка Мршиќ и Димитар Пејчиновски
Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.298/2020 од 11 мај 2021 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 230 од Законот бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот. Уредувањето во оспорената одредба дека највисоката пензија за осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во член 52 став 1 на овој закон од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати, според Судот, претставува прекумерно органичување и лимитирање на сопственоста за кое не постои јавен интерес утврден во закон, кое нешто е спротивно на член 30 став 3 од Уставот. Воедно, според Судот одредбата може да се доведе под сомнение и по однос на нејзината согласност со членот 9 и членот 54 од Уставот а како претставува дискриминација и ограничување на правото на сопственост по основ на имотната положба без постоење на уставно оправдан случај. Одредбата доведува до ситуација осигурениците од првиот столб, под исти услови и иста висина на остварена плата и уплатени придонеси да остварат далеку помала пензија од осигурениците од вториот столб.
4. Предлог за одлучување по У.бр.92/2023
Оспорен: Член 4 став 1 точка 2 во делот „националност”, член 11 став 1 точка 1 во делот „националностa” и член 13 став 1 точка 1 во делот „националноста“, сите од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија” број број 8/1995, 38/2002, 66/2007, 98/2008, 67/2009, 13/2013, 43/2014, 148/2015, 27/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 14/2020 и 129/2023).
Содржина на оспорената одредба:
Член 4 став 1 точка 2 од Законот предвидува во матичната книга на родените да се запишуваат податоци за родителите на детето, и тоа: име и презиме (за мајката и моминското презиме); ден, месец, година и место на раѓањето; националност; државјанство; матичен број; живеалиште и адреса на станот.
Подносител на иницијативата: Политичка партија “Левица”
Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.92/2023 од 20 декември 2023 година, поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за матичната евиденција бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот. Според Судот изјаснувањето за националната припадност, не е должност, туку можност (незадолжителен податок) со што граѓаните се лишени од правото и да не се изјаснат за својата национална припадност, за што Судот изрази сомнеж за согласноста на оспорените делови содржани во одредбите на Законот со член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот за слободното изразување на националната припадност како темелна вредност на уставниот поредок што го вклучува правото на лицето да ја изрази, но и да не ја изрази националната припадност. Исто така, оспорените делови на одредбите од Законот за матичната евиденција, за изјаснување на граѓаните за сопствената национална идентификација, без можност за избор да се изјаснат или не, но и да го променат изјаснувањето, неспорно навлегува и во сферата на човековата приватност и личен живот, со што и од овој аспект Судот изрази сомнеж за согласноста на оспорените делови од законските одредби со член 25 од Уставот.