Дневен ред за 7-та седница на Уставниот суд закажана за 21 февруари 2024 година

На 21 февруари (среда), со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 7-та седница со дневен ред за кој се предвидени 13 (тринаесет) иницијативи за оценување на уставност и законитост и два предлога за одлучување со нацрт-одлуки.

1. Реферат У.бр.147/2021

Оспорен: Член 20 став 2, член 23 став 3 и член 24 став 1 точки 4 и 5 од Правилникот за облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите на континуирано стручно усовршување за обновување на лиценцата за работа за здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.217/2020) донесен од Собранието на Стоматолошката комора на Македонија; Одлука за критериуми при избор на спроведувачи на континуирано стручно усовршување, донесена од Комисијата за стручни стоматолшки прашања на Стоматолошката комора на Македонија бр.17-234/3 од 19.02.2021 година; и Јавен повик за избор на спроведувачите на континуирано стручно усовршување за период 2021-2025 година распишан од Комисијата за стручни стоматолошки прашања на Стоматолошката комора на Македонија бр.17-271/1 од 19.02.2021 година

Подносител на иницијативата: Здружение на приватни стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина, од Кавадарци

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби од Правилникот се излегува надвор од рамките на правата и обврските и односите кои биле со закон пропишани, а со Правилникот неосновано се пропишуваат права и обврски кои можат да бидат само предмет на законско уредување. Со иницијативата се бара времена мерка до конечното одлучување, односно да се запре извршувањето на актите донесени врз основа на член 20 став 2 од Правилникот. Во делот за оспорената Одлука за критериуми подносителот наведува дека Комисијата за стручни стоматолошки прашања на Стоматолошка комора на Македонија недозволено регулира материја веќе уредена со Правилник. Во делот за оспорениот Јавен повик подносителот наведува дека Комисијата сама си креирала Одлука и Јавен повик по своја иницијатива и со елементи кои сама си ги уредила без основ за тоа.

2. Реферат У.бр.100/2022

Оспорен: Член 35 став 1 во деловите „во рок од десет години” и „шест години” и став 2 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија” бр.95/2012, 131/2012, 24/2013, 27/2014, 104/2015, 192/2015, 23/2016, 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.122/2021)

Подносител на иницијативата: Славко Лазоски

Од наводите во иницијативата:

Противуставноста на оспорените законски содржини подносителот ја објаснува со наводи дека во ситуација кога актот за планирање на просторот со кој е воспоставен јавниот интерес престанал да важи, а кој има сила на закон, престанала и оправданоста за одземањето и ограничувањето на сопственоста и на правата коишто произлегуваат од неа. Согласно овие наводи тој смета дека и решението за експропријација е ставено вон сила, па во тој случај не треба да постојат рокови во кои може да се бара поништување на правосилното решение за експропријација, ниту решението треба да се поништува по барање на оштетениот и обесправениот поранешен сопственик на недвижноста, туку по службена должност.

3. Реферат У.бр.130/2022

Оспорен: Член 2 став 1 во делот „закони“ од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2021)

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорениот дел „закони“ од оспорената законска одредба не е доволно прецизен и јасен што е спротивно на начелото на владеење на правото и смета дека, доколку под оспорениот дел „закони” се подразбираат и сите останати закони без оглед која правна материја или област ја уредуваат, потребно е истите да бидат во согласност со Законот за Народната банка односно со оспорениот дел.

4. Реферат У.бр.75/2023

Оспорен: Член 133 став 1 во делот „од кои четири члена од редот на членовите на Комората и на предлог на директорот на Агенцијата три члена од редот на вработените во Агенцијата“ од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013, 41/2014, 101/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016, 172/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2019)

Подносител на иницијативата: Комора на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи на Република Северна Македонија, преку адвокат Бобан Богдановски од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека учеството на три члена во Управниот одбор од редот на вработените во Агенцијата за катастар на недвижности, е незаконито бидејќи Комората е самостојна и независна организација со својство на правно лице. Се наведува дека членовите на органите на Комората треба да бидат од редот на членовите на Комората, односно да ги сочинуваат претставници на трговците поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи. Подносителот наведува дека оспорената одредба е спорна и негативно влијае на слободата на претприемништвото, бидејќи трговците поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи доаѓаат од приватниот сектор. Според подносителот, државните органи немаат право да се мешаат во работењето на приватниот сектор и да одлучуваат за вршењето на финансиските работи, располагањето со имотот и други прашања кои се поврзани со работењето на Комората како правно лице, во кое нема државен капитал.

5. Реферат У.бр.52/2022

Оспорен акт: Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт З 05 помеѓу бул.„Илинден“, бул.„8-ми Септември“, бул.„Партизански одреди“ и ул.„Љубљанска“-Општина Карпош-Скопје бр. 07-7546/4 од 06.11.2013 („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.12/2013) донесена од Советот на Општина Карпош

Подносител на иницијативата: Даниел Георгиевски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека при изготвувањето на оспорениот ДУП, општина Карпош не ги почитувала наведените уставни и законски одредби, односно дека се направени повеќе пропусти во постапката за донесување на наведениот ДУП. Се наведува дека донесувачот не ја објавил Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот на веб-страницата, обврска предвидена во Законот за животна средина.

6. Реферат У.бр.14/2024

Оспорен: Насловот на поглавјето 7.„Автентично толкување на општи акти” и членовите 189, 190, 191 и 192 од Деловникот на Советот на Општина Карбинци („Службен гласник на Општина Карбинци“ бр.05/2012)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

7. Реферат У.бр.15/2024

Оспорен: Член 24 алинеја 4, член 105, член 106, член 107 и член 108 од Деловникот на Советот на Општина Тетово бр.07-1243/4 од 27.09.2005 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.5/2005)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

8. Реферат У.бр.18/2024

Оспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Гази Баба бр.07-2502/2 од 13.06.2006 година („Службен гласник на Општина Гази Баба” бр.4/2006 и 12/2013).

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

9. Реферат У.бр.26/2024

Оспорен: Насловот на поглавјето „9.Автентично толкување на општи акти” и членовите 106, 107, 108 и 109 од Деловникот на Општина Македонска Каменица („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.9/2006 и 38/2020)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

10. Реферат У.бр.49/2024

Оспорен: Член 25 алинеја 5, точка 9.„Автентично толкување на општ акт“ и членовите 100, 101 и 102 содржани во поглавјето VIII. „Постапка за донесување на општите акти“ од Деловникот на Советот на Општинa Македонски Брод („Службен гласник на Општина Македонски Брод“ бр.1/2005 и 5/2019)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

11. Реферат У.бр.57/2024

Оспорен: Член 16 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Старо Нагоричане („Службен гласник на Општина Старо Нагоричане“ бр.10/2023)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

12. Реферат У.бр.66/2024

Оспорен: Член 43 алинеја 3 од Деловникот на Општина Валандово („Службен гласник на Општина Валандово“ бр.7/2013, 6/2019 и 10/2020)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

13. Реферат У.бр.70/2024

Оспорен: Насловот на поглавјето 8.„Автентично толкување на прописи” и членовите 97, 98 и 99 од Деловникот за работа на Советот на Општина Штип („Службен гласник на Општина Штип“ бр.07/2005 и 08/2020)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

 

14. Предлог за одлучување по предметот У.бр.39/2023

Оспорен акт: Одлука 25-2146/12 од 12.06.2020 година на Советот на Општина Велес со која е донесен Детален урбанистички план за дел од УБ 32 во УЕ IV и за дел од УБ 47 во УЕ IX, КО Велес – Општина Велес објавена во „Службен гласник на Општина Велес“ бр.8/2020.

Подносители на иницијативата: Адриана Хаџи Наумов и други граѓани

Уставниот суд со Решение У.бр.39/2023 од 14 декември 20223 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста оспорената одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 9 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со Законот за локалната самоуправа од причина што во постапката пред Судот не беше презентиран доказ за доставување на писмено известување до лицето кое поднело анкетен лист, а воедно поради фактот што до Судот не беше доставена во целост документацијата која претходела за донесување на оспорената одлука.

15. Предлог за одлучување по предметот У.бр.153/2023

Оспорен акт: Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за начинот и методологијата за утврдување референтни цени на лекови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/2023), донесен од Фондот за здравстено осигурување на Република Северна Македонија.

Подносител на иницијативата: Кренар Лога

Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.153/2023 од 14.11.2023 година поведе постапка за оценка на уставноста на оспорениот правилник, поради тоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 2 од Уставот од причина што од денот на неговото донесување до денот на неговото објавување изминале повеќе од 7 дена спротивно на уставната одредба за објавување на прописите во „Службен весник на Република Северна Македонија“.