Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска оствари работна средба со Н.Е. амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, г-ѓа Петра Дрекслер.
На средбата стана збор за актуелната состојба со пополнетоста на судиските места, се дискутираше за напредокот кој го направи Уставниот суд во изминатите три години во полето на транспарентноста, ажурното решавање на предмети и покрај фактот што Судот речиси 17 месеци работеше на раб на кворум, а останатиот период функционираше без една третина од судиите.
Претседателката Кацарска информираше дека во Уставниот суд значително е намален просекот на времетраење на постапките, од девет месеци, на шест месеци, а согласно последните статистички податоци, постапките во Уставниот суд се решаваат во просек за помалку од 3 месеци. Од аспект на надградба на капацитетите на Уставниот суд, истакнато е дека со сопствени финансии Судот реализираше крупни капитални инвестиции во последните две години со акцент на опремувањето на сервер салата, безбедносни врати,просторија за класифицирани информации.
Амбасадорката Дрекслер констатираше дека СР Германија досега дала поддршка за потребите на Уставниот суд преку германската фондација ИРЗ и најави дека и во периодот кој следува ќе останат истите заложби за заедничка соработка.
Амбасадорката ја поддржува важната улога на уставните судови за обезбедување на владеење на правото.
„Правната држава е основна тема за пристапните преговори со ЕУ. Од тие причини, работата на Уставниот суд е аспект кој се зема предвид во Извештајот за напредок на земјата од страна на Европската Комисија за Северна Македонија”,нагласи амбасадорката Дрекслер.
Амбасадорката ги поздрави напорите на претседателката за ефикасност и за зајакнување на безбедносните аспекти внатре во Уставниот суд.“
Средбата се одржа на 1 февруари 2024 година во просториите на Уставниот суд.