Дневен ред за 5. седница на Уставниот суд закажана за 7 февруари 2024 година

На 7 февруари (среда), со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 5-та седница со дневен ред за кој се предвидени четири иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободи и права и еден предлог за одлучување.

1. Реферат У.бр.129/2023 и У.бр.132/2023

Оспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023)

Подносители на иницијативата: ЕВН Mакедонија, Акционерско друштво за услуги- Скопје, ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, Друштво за обезбедување на универзална услуга за снабдување со електрична енергија, ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ДООЕЛ Скопје, Друштво за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителите наведуваат дека со оспорената одредба казнената камата ја губи својата смисла и ќе предизвика негативни финансиски ефекти на економијата во целина. Според подносителите спорно е што износот на достасаната, а неисплатена казнена камата ќе престане да тече кога ќе го достигне износот на главниот долг бидејќи со така поставени одредби казнената камата ја губи својата основна функција и ќе предизвика негативни финансиски ефекти за економијата во целина. Наведуваат дека казнената камата претставува своевиден материјален надоместок за имотната штета која ја трпи доверителот поради доцнење и неуредност на должникот. Сметаат дека со овие законски измени во дискриминирана положба се ставени должниците кои навреме и уредно ги плаќале своите долгови.

2. Реферат У.бр.13/2024

Оспорен: Насловот на поглавјето 9. „Автентично толкување на општи акти” и членовите 123, 124, 125 и 126 од Деловникот на Советот на Општина Битола („Службен гласник на Општина Битола“ бр.10/2005 и 20/2020)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

3. Реферат У.бр.27/2024

Оспорен: Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Аеродром („Службен гласник на Општина Аеродром“ бр.1/2006, 19/2012 и 15/2020)

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

4. Реферат У.бр.28/2024

Оспорена: Точка 9. Автентично толкување на општи акти и членовите 116, 117, 118 и 119, содржани во поглавјето VIII. Постапка за донесување на општи акти од Деловникот на Советот на Општина Бутел, бр.07-364 од 19.07.2005 година, објавен во „Службен гласник на Град Скопје” бр.8/2005

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1. Реферат У.бр.26/2023

Оспорени: Пресудата 8a.МАЛВП-707/20 од 15.03.2021 година на Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-2193/21 од 22.12.2022 година на Апелациониот суд Скопје

Подносител на барањето: Горан Трпеноски од Струга, застапуван Филип Медарски, адвокат од Скопје

Од наводите во барањето:

Во барањето подносителот наведува дека со оспорените пресуди на првостепениот и второстепениот суд, му е повредена уставно гарантираната слободата на изразување и членот 10 од Европската Конвенција за човекови права, како од аспект на безбедноста на подносителот како новинар така и во делот на оцената од страна на првостепениот суд дека подносителот нема активна легитимација да бара повреда на слободата на изразување бидејќи не бил новинар вработен во медиум согласно Законот за медиуми. За Основниот граѓански суд Скопје и за Апелациониот суд Скопје не била спорна фактичката состојба, односно настанот на 27.04.2017 година, попознат во јавноста како „Крвавиот четврток“, но според подносителот, државата не презела превентивни мерки со коишто ќе спречи влегување на толпата во Собранието, истата не реагирала за да ја стабилизира состојбата во Собранието, со што не ја исполнила својата позитивна обврска за заштита на новинарите, а со тоа и на подносителот, кој тој ден известувал за прашања од јавен интерес. Воедно не можело да станува збор за ситуација во која подносителот како новинар се впуштил во известување од „конфликт“, туку тој бил предмет на напад поради непреземање на мерки од страна на надлежните органи на државата. Судовите требале да ја ценат безбедноста на подносителот како составен дел на неговата слобода на изразување, бидејќи истиот бил присутен во Собранието како новинар.