Соопштение по одржаната 4-та седница на Уставниот суд

Уставниот суд денеска ја одржа 4-та седница на која се дискутираше по четири предмети по поднесени иницијативи за оценување на уставност и законитост и четири предлози за одлучување:

1. Реферат У.бр.98/2022

Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за социјална сигурност за стари лица и за оценувањање на членовите 2, 3 и 4 од Правилникот за начинот на утврдување на состојбата и видот на приходите, имотот и имотните права на подносителот и неговиот брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница, образецот на барањето и потребната документација за остварување на правото на социјална сигурност на старите лица, и ја отфрли иницијативата за оценување на Решението УП.бр.1702-2488/21 на Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа Скопје-Кисела Вода.

Подносител: Добра Петковска од Скопје

2. Реферат У.бр.145/2023

Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на Правилникот за формата и содржината на прекршочниот платен налог („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.285/22), поради сомнеж дека оспорениот акт е неуставен бидејќи со него е повреден членот 52 од Уставот, кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Подносител на иницијативата: Кренар Лога

3. Реферат У.бр.184/2023

Судот ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценка на уставноста на Упатството за царинска вредност 01-074865/16-0002 од 01.06.2018година и Корисничкото упатство за пребарување во каталогот бр. 01-049268/18-0002 од 21.06.2018 донесени од директорот на Царинската управа на Република Северна Македонија бидејќи оцени дека истите претставуваат интерни акти коишто немаат карактер на пропис и не подлежат на уставната обврска за објавување во „Службен весника на Република Северна Македонија“.

Подносител: Адвокат Зоран Величковски од Скопје

4. Реферат У.бр.205/2023

Судот ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за поништување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино, донесена од Советот на Општина Неготино на седницата одржана на 22.11.2023 година, број 08-841/3 од 22.11.2023 година („Службен гласник на Општина Неготино” бр.18/2023). Судот утврди дека оспорениот акт не ги содржи правните елементи на општ правен акт за којшто е воспоставена надлежност на Уставниот суд да одлучува за неговата согласност со Уставот и со законите, туку дека претставува поединечен правен акт.

Подносители: Друштво за проектирање и одржување на објекти, производство, трговија и услуги РЕСУРС ЛТДИ извоз-увоз ДООЕЛ Кавадарци и Друштво за производство трговија и услуги ХЕМ-АЛИЈАНС ДООЕЛ Неготино

5. У.бр.101/2023

Судот го укина Правилникот за формата и содржината на прекршочниот платен налог, донесен од министерот за животна средина и просторно планирање („Службен весник на Република Северна Македонија” број 128/2023).

6. У.бр.156/2023

Судот го укина поглавјето „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 78л, 78љ, 78м и 78н од Статутарната одлука за измени и дополнување на Статутот на Општина Ѓорче Петров бр.07-1330/5 од 23.05.2012 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров” број 6/2012).

7. У.бр.158/2023

Судот го укина член 49-б алинеја 2 од Статутот на Град Скопје, Пречистениот текст, број 27-8304/5 од 25 септември 2018 година, објавен во „Службен гласник на Град Скопје 14/2018 од 30 октомври 2018 година”.

8. У.бр.192/2023 и У.бр.193/2023

Судот го укина член 66 ставови 3 и 4 од Законот за буџети („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.203/2022 и 59/2023).

 

Напомена: Ова соопштение содржи само информации за одлученото. Судот дополнително на веб-страницата ги објавува целосните одлуки со аргументи, откако ќе ги поминат сите редакционо-технички комисии и усвојувања.