Уставниот суд денеска ја одржа 3. седница на која се дискутираше по два предмета по поднесени иницијативи за оценување на уставност и законитост:
1.Реферат У.бр.202/2023
Ја отфрли иницијативата за оценување на член 4 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите бр.21-648/7 од 07.02.2019 година, поради тоа што веќе одлучувал по однос на покренатото правно прашање.
2. Реферат У.бр.21/2022
Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
-Одлука за усвојување на урбанистички план за село Маврово со детална разработка на дел од Урбан блок 5 и дел од урбан блок 7 објавен во службен гласник за општина Маврово и Ростуше донесена на ден 26.02.2015 година.
-Одлука за усвојување на урбанистички план за село Леуново, Никофорово и Анови објавена во службен гласник за општина Маврово и Ростуше на ден 19.07.2001 година.
Судот во оваа фаза од постапката меѓу другото изрази сомнеж дека Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Леуново, Никифорово и Анови објавена во 2001 година во моментот на донесувањето ја немало потребната согласност од надлежниот орган, односно од Министерството за транспорт туку е прибавена три месеци подоцна.
Во однос на Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Маврово донесена во 2015 година, Судот исто така изрази сомнеж дали мислењата кои се прибавени од надлежните органи се во согласност со Законот за градење, Законот за заштита на води и Законот за заштита на природата кои тогаш биле во важност.
Судот ја отфрли иницијативата за испитување на уставност и законитост на Одлуката за отстапување со стопанисување на водоводот од кој се снабдува хотел Радика во Леуново донесена во 2019 година бидејќи нема надлежност за постапување, односно поради фактот дека оваа Одлука има карактер на поединечен, конкретен акт во кој се утврдени меѓусебните права и обврски меѓу давателот и корисникот на услугите и не уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото.
Напомена: Ова се дел од аргументите поради кои Судот ги донесе конкретните одлуки и решение, кои во понатамошната фаза на постапката ќе бидат разгледани и ќе се постапува со донесување на конечна одлука.