Уставниот суд ја одржа 2. седница на 17.01.2024 година на која дискутираше по пет предмети и го одлучи следното:
1.Реферат У.бр.176/2023
Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 12 од Законот за адвокатура бидејќи не најде повреда на одредбите од Уставот.
Судот ја отфрли иницијативата во врска со наводите за оценување на член 67 став 2 од Статутот на Адвокатска комора на Република Северна Македонија, бидејќи веќе одлучувал по ова прашање, односно оцени дека се исполнати условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.
Подносител: Стевче Стојанов
- Реферат У.бр.135/2023
Предлогот на судијата-известител Фатмир Скендер да не се поведе постапка за оспорениот Регулациски план на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 од 07.06.2022 година ,не го доби потребното мнозинство, со што предметот останува отворен и понатаму.
Подносител на иницијативата: Дуња Туртурова и Бојан Милошевски, адвокати од Скопје
3.Реферат У.бр.38/2023
Судот одлучи да поведе постапка за да ја оценува уставноста и законитоста на Одлуката за условите и начинот на давање под закуп на недвижен имот во сопственост на Град Скопје.
Во оваа фаза од постапката Уставниот суд изразува сомнеж дека Одлуката е спротивна на одредби од Уставот и Законот за локална самоуправа. Според Судот спорно е што стварите во општинска сопственост може да се дадат на користење по пат на јавно наддавање, а врз основа на одлука на установата и со предлог на директорот на установата, што не е во согласност со одредби од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост и со Законот за локална самоуправа.
Дополнително Уставниот суд одлучи и запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија донесени врз основа на одлуката, односно воведена е т.н. времена мерка која важи се до донесување на конечна одлука на Судот.
Подносител на иницијативата: Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје
- Реферат У.бр.99/2023
Судот поведе постапка за оценување на уставноста на Правилникот за формата и содржината на лиценцата за изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација, преработка на минерални суровини и други рударски проекти од областа на рударството поради сомнеж дека оспорениот акт е неуставен бидејќи со него е повреден членот 52 од Уставот, кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Подносител на иницијативата: Кренар Лога
- Реферат У.бр.105/2023
Судот поведе постапка за оценување на уставноста на Правилникот за формата и содржината на Барањето за остварување на ослободувањето од данок на додадена вредност, увозни давачки и акциза на енергенти и данок на мотрони возила за патнички автомобили и потребната документација која треба да се достави кон барањето
Подносител на иницијативата: Кренар Лога