Издвоено мислење по предметот У.бр.140/2023

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), а во врска со Решението на Уставниот суд на Република Северна Македонија У.бр.140/2023 од 20.12.2023 година, за неповедување постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 2, 4 и 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023), судијата Осман Кадриу, гласајќи против решението, писмено го образложува следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд на Република Северна Македонија, решавајќи по иницијативата поднесена од Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, со која се оспоруваат членовите 1, 2, 4 и 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023), како и Законот во целина, со мнозинство гласови се определи и донесе Решение да не се поведе постапка за оценување на уставноста на наведените членови.

Гласајќи против решението, најавив издвоено мислење, коешто писмено го образложувам од причините што ги наведувам во продолжението на текстот.

Од иницијативата, покрај другото, се оспорува член 1 за кој во иницијативата се наведува дека во истиот не се утврдени јасни рамки за видовите на градби кои можат да се сметаат за градби од стратешки интерес. Од друга страна, посебно се оспоруваат содржините наведени во членовите 2-в став 1 и став 2 со посебен акцент дека станува збор за контрадикторни содржини што создаваат правна несигурност. Истите содржини создаваат и конфузија околу тоа кои правила се применуваат, а кои не се применуваат за градбите од стратешки интерес. Во иницијативата, исто така, се оспоруваат содржините содржани во член 4 и член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023).

Во образложението на Решението, донесено со мнозинство гласови, Уставниот суд ги побива основите во иницијативата во целост. Покрај другото, се наведува дека Законот за градење претставува lex specialis којшто го уредува начинот на изградба на градбите и предвидува различни постапки за изградба во зависност од видовите на градби. Како резултат на ова, кога станува збор за градби од стратешки интерес се предвидува посебна постапка за изградба на истите сè со цел да се овозможи ефикасна изградба со помалку трошоци поради значењето и комплексноста на овие градби. Според наоѓањето на Уставниот суд, целата содржина наведена во член 2-в во ставот 2 од Законот е во согласност со уставните норми.

Во образложението на Решението, Уставниот суд има сопствено мислење и по однос на наводите наведени во иницијативата, а кои се однесуваат на содржината од член 4 и член 7 од наведениот закон. Во таа смисла се подвлекува во образложението на Решението дека од законската одредба содржана во член 4-а став 2 јасно произлегува дека инвеститорот за градба од стратешки интерес е должен да обезбеди мислење за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата. По однос на наводите со кои се оспорува содржината од член 7 во образложението на Решението се нагласува дека со оспорената одредба се предвидува дека надзорен инженер само го заверува истиот. Значи станува збор за две различни ситуации и тоа: изработка и заверка на проект за изведена состојба.

Моето несогласување со донесеното решение, посебно се однесува на содржината на член 2-в став 2 од наведениот закон. Од оваа содржина произлегува дека за градбите од стратешки интерес не се применуваат одредбите од овој закон што се однесуваат на постапките за одобрување на идеен проект, за издавање одобрение за градење, условите за започнување со изградба, за измени во текот на изградбата, за промена на инвеститор, за издавање на одобрение за подоготвителна работа, за прибележување и предбележување за градбата во јавната книга на недвижности, за рокот на изградба, за формирање одлагалиште на земјиште, за дислокација на далновод, трафостаница, нафтовод, продуктивен, магистрален гасовод, магистрален топловод како и други новини.

Во врска со наведената регулатива, го изнесувам своето правно мислење дека основано може истата да се подведе под уставна контрола, односно уставност. Правилата коишто се однесуваат за градби од стратешко значење претставуваат исклучоци од веќе поставените правила кои важат и мора да важат во градењето. Со законските решенија коишто се оспоруваат, основано се поставува прашањето дали е правно исправно за градба од стратешки интерес да се исклучува потребата од примена и почитување на сите постапки за стручна контрола, за процесите и фазите на изградбата на оваа нова категорија на градби. Ова дотолку повеќе, што законодавецот со решенијата содржани во ставот 2 на член 2-в, самиот се определува дека за градбите од стратешки интерес не се применуваат одредбите од овој закон што се однесуваат на постапките, дејствијата и другите акти коишто таксативно се наведени во оваа оспорена содржина.

Со ваквата регулатива основано може да се заклучи дека истата е во спротивност со Уставот и се повредува владеењето на правото. Од друга страна, ваквата регулатива, воедно доведува и до нееднаков третман и положба на сите правни субјекти на пазарот кои се јавуваат како инвеститори во смисла на Законот за градење.

Според моето мислење, отсуството на законската рамка со која треба да се регулира прогласувањето на одредени проекти под национално или стратешко значење, доведува под правна несигурност и можност за сериозни злоупотреби. Принципот на правната сигурност е имплицитно содржан во сите членови на Европската конвенција за човекови права, како и стојалиштата на ЕСЧП и претставува еден од фундаменталните аспекти на владеењето на правото. Од содржината на оспорената законска регулатива јасно произлегува дека доносителот на актот, односно законодавниот орган, со измените и дополнувањата на Законот за градење, намерно ги избегнува механизмите за проверка и преиспитување на основните проекти, проектите за измена во тек на градење и другите правни дејствија што се потребни. Тоа укажува и упатува на еден заклучок дека станува збор за недозволено олеснување на постапките за градбите од стратешко значење што создава можност и за злоупотреби.

Сето тоа погоре кажано, според мое мислење, резултира и со една финална и мошне тешка последица за државата и за правата на граѓаните. Измените на Законот за градење, посебно во оние делови од Законот коишто се оспоруваат, според моето мислење, сосема основано создаваат простор за криминал и посебно за висока корупција.

Поради изложеното, следуваше да го издвојам своето мислење и истото го образложувам во писмена форма.

Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
д-р Осман Кадриу

Конечно решение У.бр.140/2023