Почитувани граѓани, почитувани медиуми,
На крајот сме од една година којашто во уставно-судската хроника ќе се забележи како динамична и плодна. 2023 година ја бележиме како година на ажурно работење на Уставниот суд, транспарентна и година со интензивна меѓународна агенда од која ќе ги ползуваме придобивките и во иднина.
Трета година по ред се обраќам од оваа говорница во Уставниот суд и за жал и овој пат не можам да го изоставам горливото прашање на непополнетиот состав на Судот. Поместување има од последното мое обраќање, но сеуште недостасува еден судија, ако се знае дека од пред неполн месец Собранието го избра осмиот судија.
Факт е дека некомплетирањето на судискиот состав имаше тенденција да се одрази врз нашата работа, но успеавме да изменаџираме тоа да биде нијанса којашто речиси и да нема големо влијание, како што некој би сакал.
Не само што работевме со кусок на судии, бевме мотивирани да вложиме дополнителни напори и ги надминавме и сопствените проекции. Така, ќе споделам дека годината што изминува ја одбележаа рекорден број на седници- 46, што не било случај во последните 22 години. Ова се податоци од електронската евиденција што ја води Уставниот суд од 2001 година, а има индикации дека немало толкав број на седниици и претходно.
И во смисла на квантитет по седници и предмети, но и од квалитативен приказ на одлученото, за што ќе се осврнам дополнително во ова мое обраќање.
До денеска се примени 210 иницијативи во Уставниот суд и оваа бројка отскокнува од просекот во изминатите 5 години кој се движи меѓу 130-170, ако се исклучи 2020-та година кога поради Ковид-пандемијата беа оспорени стотици Уредби на Владата кои што се однесуваа на преземените мерки.
Оваа бројка од 210 нови иницијативи и уште 7 барања за заштита на слободи и права е векторот што нам ни носи информација дека граѓаните се се’ повеќе информирани за Уставниот суд и стануваат свесни за неговата улога и значење во нашиот правен поредок.
Најголемиот број од иницијативите или околу 60 % се пристигнати токму од граѓани од целата држава, или уште попрецизно, имаме примено 127 иницијативи од граѓаните.
15 предмети се оформени по иницијатива на различни општини, 7 предмети се иницирани од политички партии, а 18 се на иницијатива на здруженија на граѓани итн.
Овој состав на Уставниот суд по сопствена иницијатива отвори 5 предмети само во 2023 година, што е значително висока бројка, ако се земе предвид дека во последните 22 години, имало вкупно 12 поведувања на постапки, отворени самоиницијативно.
Уставниот суд изминатите 12 месеци вложуваше максимални напори и реши 186 предмети, а во оваа насока значајно е да се потенцира дека меѓу нив се предмети кои биле формирани последните пет години, што значи Уставниот суд годинава реши околу 30 предмети коишто останале од други судии и од мандатот на претходните двајца претседатели.
Најстариот предмет што е решен оваа година е од 2018-та година.
Уставниот суд донесе 25 одлуки со кои беа укинати 9 одредби од закони. Дел од нив беа проследени со голем интерес во медиумите и јавноста, како што е укинувањето на член од Законот за Судски совет со којшто се ограничуваше претседател на Судскиот совет да биде избран само од членовите избрани од Собранието, а не и од редот на судиите, потоа членови од Законот за плати и надоместоци на избраните и именувани лица, повеќе одредби од Законот за градење, членови од Законот за средното образование со кои се правеше дискриминација на средношколците од приватните училишта при користењето на јавен превоз итн.
Со 12 одлуки се укинати други акти и прописи како што се Одлуки за донесување на ДУП-ови, Правилници и слично.
Судот во 4 случаи одлучи да поништи акти, како што е на пример Упатството за водење на матичните книги, Правилник за авторски надоместоци на ЗАМП со кој домашни музичари посочуваа на ретроактивна исплата на надоместоци на нивна штета и со бодови пониски од претходно пресметаните.
И во периодот којшто доаѓа се очекуваат конечни одлуки по предмети важни за граѓаните, ако го земеме во предвид фактот дека се чека исход на уште 14 предмети за кои е поведена постапка.
Да сумирам, Судот изразил сомнеж за неуставност преку 37 решенија со коишто во 2023 година се поведе постапка.
Во 65 случаи Уставниот суд оценил дека актите се во согласност со законите и Уставот, а донесени се и 84 решенија за отфрлање на иницијативи или барања, поради разни основи како што е ненадлежност, веќе пресудена работа и слично.
Најголем предизвик за сите нас остануваат барањата за слободи и права на граѓаните. Годинава пристигнати се 7, решени се 15-вклучувајќи ги и оние од пред 2023 година, а утврдена е повреда само во случајот кај новинарот од Фокус, кој сметал дека со пресудите од Граѓанскиот и Апелациониот суд, му е направена повреда на неговата слобода на изразување на мислата за време настаните од 27 април 2017 година.
Овие статистики никогаш и во минатото не биле поразлични, што значи мораме многу повеќе како држава, не само како Суд да работиме во овој дел и да бараме проширување на нашите надлежности.
Почитувани,
2023 година не’ донесе до заклучокот дека итно ни е потребно воведување на уставна жалба за граѓаните.
Ова е порака до политичарите, апел до сите политички партии и пратеници, овозможете им на граѓаните за сите слободи и права да се обратат до Уставниот суд, наместо правдата да ја бараат во Стразбур, нешто коешто ја чини државата и даночните обврзници парични средства, но и нарушен углед.
Граѓаните ќе ги препознаат заложбите, затоа што уставна жалба значи дека секој да ги ужива сите права од Уставот и да бара да му се заштитат пред Уставниот суд кога e сторена повреда, без оглед на политичка, етничка или било која друга припадност.
Поддршка добивме од претседателот на државата Стево Пендаровски, а министерот за правда Кренар Лога преку медиумите изјави дека ја поддржува идејата за уставна жалба. Не треба да се пропушти да се каже дека и дел од меѓународните претставници изразија поддршка за воведување на овој правен инструмент.
Се надевам дека сите останати чинители во Република Северна Македонија ќе дадат еден сериозен пристап на прашањето за воведување на уставна жалба.
Оваа тема не’ седна на заедничка маса за дискусија со невладиниот сектор, со претставници на меѓународни организации и претставници на академската заедница. Заклучокот се подразбира: постои реална потреба од воведување на уставна жалба во Македонија.
Имав можност да ги слушнам искуствата со уставна жалба на сите поранешни југословенски републики, на Сојузна Република Германија и да говорам на меѓународни конференции на теми поврзани со слободите и правата на граѓаните. Гордо ја претставував државата говорејќи за примената на ЕКЧП во домашниот правен систем на 60-годишнината од основањето на Уставниот суд во Република Србија, за правата и слободите на нашите граѓани говорев и на регионална конференција во Црна Гора, но и во Софија.
Успех за сите нас е што Уставниот суд годинава беше еден од основачите на Балканскиот форум на уставни судови, организација која ќе ја промовира најдобрата пракса од десетина судови од регионот и ќе работи на развивање на политики за меѓусебна соработка во иднина.
Не помалку значајна е и соработката со вас медиумите, затоа што имаме иста цел, а тоа е граѓаните да бидат свесни и информирани за своите права и слободи.
Вам почитувани новинари ви благодарам за професионалното и континуирано известување за работата на Уставниот суд.
На крајот, изразувам неизмерна благодарност до сите вработени во Уставниот суд, за нивното несебично залагање и вложениот труд што ги даде резултатите за коишто претходно говорев.
Уставниот суд е колективно тело и секој од нас има значајна улога во одржувањето на балансот на владеењето на правото, нешто што е есенцијално за благосостојбата и просперитетот на граѓаните и на државата.
Во пресрет на празниците ќе ја искористам оваа прилика на сите граѓани да им ја честитам новата година и Божиќ и да им посакам добро здравје, бериќет и успешни денови.
Ви благодарам!