На 20 декември со почеток од 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 45. седница со дневен ред за кој се предвидени 10 иницијативи за оценување на уставност и законитост и еден предлог за решавање на судир на надлежности.
- Реферат У.бр.44/2023
Оспорен: Член 166-б од Законот за изменување на Законот за заштита на деца („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/22).
Подносител на иницијативата: СОНК (Самостоен синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија)
Од наводите:
Оспорениот член кој опфаќа методологија на пресметка на плата доведува до намалување на платата на вработените во одредени градинки кои работат на работно место воспитувач, со завршено вишо образование VI/1 степен односно платата на оваа категорија на вработени е пониска од платата на вработените со повисок степен на образование за исто работно место. Подносителот смета дека ваквиот начин на пресметка на платата создава можност, за иста работа, на исто работно место, да се остварува различна основа на плата, која не е резултат на сработеното, туку резултат на различен степен на образование.
- Реферат У.бр.92/2023
Оспорен: Член 4 став 1 точка 2 во делот „националност”, член 11 став 1 точка 1 во делот „националностa” и член 13 став 1 точка 1 во делот „националноста”, сите од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија” број број 8/1995, 38/2002, 66/2007, 98/2008, 67/2009, 13/2013, 43/2014, 148/2015, 27/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 14/2020 и 129/2023). Член 4, став 1, точка 2 од Законот предвидува во матичната книга на родените да се запишуваат податоци за родителите на детето, и тоа: име и презиме (за мајката и моминското презиме); ден, месец, година и место на раѓањето; националност; државјанство; матичен број; живеалиште и адреса на станот.
Од содржината на оспорените одредби:
Членот 11, став 1, точка 1 предвидува дека во матичната книга на венчаните се запишуваат податоци за склучување на бракот, и тоа: име и презиме на брачните другари; ден, месец, година и место на раѓањето; матичниот број; државјанството, националноста, живеалиштето и адресата на станот на брачните другари; ден, месец, година и место на склучување на бракот и изјави на брачните другари за нивното презиме; Член 13, став 1, точка 1 од Законот предвидува во матичната книга на умрените да се запишуваат податоци за смртта, и тоа: име и презиме на умрениот; неговото презиме пред склучувањето на бракот; полот; час, ден, месец, година и место на смртта; ден, месец, година и место на раѓањето, брачната состојба пред смртта; државјанството, националноста, живеалиштето и адресата на станот.
Подносител на иницијативата: Политичка партија “Левица”
- Реферат У.бр.140/2023
Оспорен акт: Закон за изменување и дополнување на законот за градење од 30 мај 2023 година
Подносител: Хелсиншки комитет за човекови права претставуван од Уранија Пировска, извршна директорка
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека со оспорените измени на Законот за градење се врши суштинска измена и суспендирање на примената на Законот за градење од стратешки интерес со што во пракса се постигнува прескокнување, односно неприменување на голем дел од одредбите кои обезбедуваат заштита и безбедност на градежните објекти во секоја нивна фаза и запишување во јавните книги за катастар од недвижности. Се тврди дека со измената и дополнувањето во законските одредби се создава сет на паралелни правила и проектите за градби од стратешко значење се изземаат од задолжителната примена на правила за проектирање.
- Реферат У.бр.182/2023
- Реферат У.бр.173/2023
Оспорен акт: Колективен договор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021).
Подносител на иницијативата: Синдикат на полиција во Македонија
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека Колективниот договор е незаконски објавен во Службен весник.
- Реферат У.бр.36/2022
Оспорен: Член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надоместок за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште(„Службен весник на Република Северна македонија” бр.81/2022), донесена од Владата на Република Северна Македонија
Подносител на иницијативата: Емануел Тасев
Дел од наводите во иницијативата:
Според подносителот, членот 2 од Уредбата не е во согласност со повеќе одредби од Уставот и тоа членот 52 став 4 според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, член 55 став 2 според кој слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето и членот 8 став 1 алинеја 3 според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Подносителот наведува дека барателите на приватизација на градежно земјиште во државна сопственост со намена за комерцијални, деловни, стопански, производствени цели, спорт и рекреација и неизградено земјиште за колективно домување пред стапување во сила на Уредбата се ставаат во понеповолна положба, им се повредува стекнатото право да го приватизираат земјиштето во државна сопственост согласно предвидените услови за приватизација при поднесување на барањето, а само затоа што постапките по нивните барања не се завршени заради неажурност на органите и според иницијативата се дискриминирани во однос на повластените баратели чии барања се решени со правосилни одлуки.
- Реферат У.бр.172/2023
Оспорен акт: Член 67 став 2 од Статутот на Адвокатска комора на Република Северна Македонија
Подносител на иницијативата: Стевче Стојанов
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека со оспорениот член од Статутот се нарушува принципот на владеење на правото и оценува дека прашањето на угледот за некое лице не е правна туку морална норма и нема место за таква одредба во норамтивните акти на адвокатската комора. Како спротивен на членот 23 од Уставот подносителот го оценува членот 67 став 2 од Статутот и наведува дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
- Реферат У.бр.137/2022
Оспорен: Одлука за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје донесена Советот на Град Скопје во 2008 година.
Подносител: Друштво за управување со недвижен имот ЕАСТ ГАТЕ МАЛЛ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, застапувано од адвокат Зеќир Зеќири
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со Одлуката на Градот Скопје не е направена разлика дали обележаните простори наменети за групно паркирање се наоѓаат во рамки на земјиште или објект кои се во приватна сопственост или се во сопственост на државата, Градот Скопје или општините. Подносителот смета дека со одлуката, Градот Скопје незаконски и неосновано воспоставува надлежност врз приватната сопственост на физички и правни лица, право кое според Уставот му припаѓа единствено на сопственикот на стварта. З а подносителот спорна е и одредбата од Одлуката во која се предвидува дека „никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон”, бидејќи Градот со неа на манипулативен начин без законски основ ја ограничува приватната сопственост на паркиралишта на приватни лица дури и кога не постои јавен интерес со закон, односно подносителот наведува дека не постои закон кој утврдува постоење на јавен интерес. Во иницијативата се поставува прашањето за сопственоста гарантирана со Уставот, односно од кој акт Советот на Град Скопје го црпи правото да утврди забрана за вршење дејност паркирање во приватно паркиралиште.
Реферат У.бр.175/2023
Оспорен акт: Упатство за начинот на користење на социјални мрежи од страна на работниците во МВР бр.12.1-72212/1 од 06.12.2012 година.
Подносител на иницијативата: Синдикат на Македонска Полиција
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека оспореното Упатство е донесено спротивно на Уставот, во рок кој не е во рамки на уставните одредби.
- Реферат У.бр.186/2023
Оспорен акт: Наредба бр. 02-502/1 од 05.04.2022 година донесена од директорот на ЈСП Скопје
Подносител на иницијативата: Сашо Негриевски
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената Наредба донесена од страна на директорот на ЈСП-Скопје е во спротивност со членовите 11, 15 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите 9,10, и 43 од Законот за работните односи и членовите 29, 34, 36, 39, 41, 42, 43 и 44 од Законот за заштита на личните податоци. Имено, според наводите во иницијативата, со донесување на оспорената наредба бил повреден и загрозен моралниот интегритет на подносителот на иницијативата бидејќи предвидувал работни задачи за подносителот на иницијативата, кои излегуваат надвор од законско утврдените задачи за Офицер за заштита на лични податоци. Подносителот исто така наведува дека со оспорениот акт му било вршено притисок за негова целосна реализација. Бара од Уставниот суд да поведе постапка за нејзино оценување и истата да ја поништи.
- Реферат У.бр.136/2022
Предлог за решавање на судир на надлежности: Помеѓу Општина Kарпош и Министерство за транспорт и врски.
Подносител на предлогот: Стојан Димовски
Од наводите во предлогот:
Предлагачот има поднесено барање за огласување на ништовни две Решенија за трансформација донесени од Министерството за транспорт и врски кои се наоѓаат во поранешна фабрика Алумина АД и Пластика АД со површина од 11 089 м2, а со кои решенија се трансформира правото на користење во право на сопственост на правните субјекти Алумина АД и Пластика АД. Како основ за поднесеното барање за ништовност на решенијата е право на поднесено барање за денационализација. По извршениот увид Општина Карпош го доставува предлог-барањето до Министерството за транспорт и врски, кое според наводите се прогласува за ненадлежно. Барањето е поднесено и до Владата која информира дека нема правна основа да постапува по истото, односно да го реши судирот на надлежност за постапување помеѓу Општина Карпош и Министерството за транспорт и врски.