Поради интерес на јавноста ве информираме дека Уставниот суд на 20.12.2023 година, (утре) ќе ја одржи 45. седница на која меѓу останатите предмети е предвидено да се гласа по предметот кој опфаќа оспорени одредби од Законот за матичната евиденција. Овој предмет беше ставен на дискусија на 19 јули 2023 година при што се исцрпи дискусијата, но во фазата на гласање, предлогот не го доби потребното мнозинство. Судијата-известител Дарко Костадиновски предложи да се поведе постапка, односно во следната фаза Уставниот суд да ја оценува уставноста на три члена кои опфаќаат податок националност во матичните книги на родените, венчаните и умрените од Законот за матичната евиденција, но овој предлог не го доби потребното мнозинство од најмалку пет гласа „за. По седницата е предвидено да се одржи брифинг за новинарите, согласно нивните барања и интерес за предметот. Повеќе детали за предметот:
1.Реферат У.бр.92/2023
Оспорени одредби: член 4 став 1 точка 2) во делот „националност”, член 11 став 1 точка 1) во делот „националностa” и член 13 став 1 точка 1 во делот „националноста”, сите од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија” број број 8/1995, 38/2002, 66/2007, 98/2008, 67/2009, 13/2013, 43/2014, 148/2015, 27/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 14/2020 и 129/2023).
Содржина на оспорени одредби:
Член 4
Во матичната книга на родените се запишуваат:
2) податоци за родителите на детето, и тоа: име и презиме (за мајката и моминското презиме); ден, месец, година и место на раѓањето; националност; државјанство; матичен број; живеалиште и адреса на станот.
Член 11
Во матичната книга на венчаните се запишуваат:
1) податоци за склучување на бракот, и тоа: име и презиме на брачните другари; ден, месец, година и место на раѓањето; матичниот број; државјанството, националноста, живеалиштето и адресата на станот на брачните другари; ден, месец, година и место на склучување на бракот и изјави на брачните другари за нивното презиме;
Член 13
Во матичната книга на умрените се запишуваат:
1) податоци за смртта, и тоа: име и презиме на умрениот; неговото презиме пред склучувањето на бракот; полот; час, ден, месец, година и место на смртта; ден, месец, година и место на раѓањето, брачната состојба пред смртта; државјанството, националноста, живеалиштето и адресата на станот.
Подносител на иницијативата: Политичка партија „Левица”
Oд наводите во иницијативата:
Според подносителот, чувството на национална припадност е лично чувство на граѓанинот и не може да се докажува со јавна исправа, т.е. со документ издаден од државен орган, пред се поради фактот што слободата на изразување на националната припадност го вклучува и правото на промена на чувството за национална припадност, а со практичното воведување на графа за националноста во изводот од матичните книги – како јавни регистри, се окончува еднаш изразеното национално чувство.