Претседателката Добрила Кацарска и судиите Осман Кадриу и Татјана Васиќ Бозаџиева учествуваа на дебата организирана за заштитата на човековите права и слободи пред Уставниот суд од страна на Институтот за човекови права.
Претседателката Кацарска имаше обраќање на темата „уставна жалба” и во оваа прилика пред претставници на невладиниот сектор и академската заедница ја изрази потребата од поддршка за проширување на надлежностите на Уставниот суд во заштита на слободите и правата.
„Уставотворецот останал недоречен. Од една страна гарантирајќи ја заштитата, а од друга не предвидел начин за уставна заштита на секое право, иако можноста за правна заштита како посебно овластување на неговиот носител да се обрати до државните органи со цел заштита на самото право, денес е стандард за секој правен поредок”, рече Кацарска.
Таа потенцираше дека со Уставот не е предвиден правен лек за нивна заштита по примерот на уставите на државите од регионот кои го познаваат овој правен инструмент именуван како уставна тужба, односно уставна жалба.
„Се поставува прашањето дали во ваква ситуација се остварува прокламацијата од член 9 став 1 од Уставот дека граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно од основите наведени во истата одредба. Се разбира дека не. Еднаквоста во слободите и правата покрај во нивното остварување, значи дека сите тие треба да уживаат ист вид на заштита, што сега не е случај.
Токму во тоа е смислата на воведувањето на уставната тужба, односно тоа би значело уставна заштита и на правото на сопственост, правото на здрава животна средина, правото на образование итн. кои во ниту еден момент не може да се рече дека се помалку важни од оние кои се наведени во член 110 алинеја 3 од Уставот или не заслужуваат да бидат заштитени”.
Кон овие аргументи се приклучи и судијата Осман Кадриу потсети дека прашањето на уставна жалба е истакнувано во конкретни периоди, а последно во 2014-та година.
„Тогаш Владата имаше предложено уставни амандмани и меѓу нив имаше два амандмана за Уставниот суд. Првиот беше листата на права со кои ќе се даде уставно-судска заштита и второ уставна тужба и спроведување. Причините за неизгласување беа политички се разбира”, рече судијата Кадриу.
Во текот на дебатата беше поставено прашањето дали Уставниот суд може да најде друг начин за да ги прошири надлежностите од аспект да ги заштити сите права, а тоа да не зависи од политичарите, при што судијата даде свое мислење и кажа:
„Друга тема е што со овој Устав јасно се подвлечени надлежностите, Уставниот суд не може со својот акт ниту да ги проширува ниту скратува надлежностите. Судот постапува со своите надлежности исклучиво утврдени со Уставот. Јас како судија тврдам дека надлежностите на Уставниот суд не се остварени во целост, кога зборуваме за сегашното работење, но прашањето за воведување на уставна жалба и претседателката го има институционално поставено и кога ги покани клучните носители на државни органи. Прашањето на уставна тужба се постави тогаш и тие декларативно подджаа. Радува фактот на последната конференција претседателот на државата Стево Пендаровски даде поддршка на ова прашање и да видиме сега како ќе помине кај останатите политичари”, рече судијата Кадриу.
Дебатата се одржа на 11 декември, во рамки на проектот на Институтот за човекови права и покрај уставните судии присуствуваа експерти од Германија, од делегација на ЕУ ангажирани за проектот ИПА, професорите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Александар Спасов и Ана Чупевска, кои презентираа документ за јавни политики во кој е нагласена потребата од воведување на уставна тужба.
Во текот на дебатата исто така беа презентирани и останатите продукти од проектот „Уставниот суд – заштитник на човековите права“ како што се: Водичот за поднесување на иницијативи пред Уставниот суд, онлајн „Курс за заштита на човековите слободи и права пред Уставниот Суд на РСМ“ објавен на Академијата на Институтот за човекови права (https://app.ihracademy.org.mk/login) и анимирано видео за Уставот на Република Северна Македонија и основните човекови права и слободи наменето за ученици од основно училиште.
Во рамки на проектот на ИЧП беше организирана посета на Судот во Словенија во ноември 2023 година на којашто беа презентирани тамошните искуства, придобивки и аспекти на примена на уставна жалба.