Уставниот суд ќе ја одржи 44. седница на 14 декември (четврток) 2023 година во 10:30часот со дневен ред за кој е предвидено да се дискутира по осум точки на дневен ред.
1.Реферат У.бр.71/2023, 72/2023, 113/2023
Оспорен: Член 11 од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и другите избрани именувани лица.
Подносител на две иницијативи: Здружение на граѓани Заштита од дискриминација за давање на правна помош на дискриминирани лица Виница, претседател Коле Илијев
Подносител на втората иницијатива: Славица Илиејва
Од наводите во иницијативите:
Се наведува дека оспорената одредба е противуставна, дискриминаторски поставена во однос на пресметката на плата и другите надоместоци на останатите граѓани како лица во работен однос, односно не ги става во еднаква положба во правата во однос на другите граѓани.
2.Реферат У.бр.135/2022
Оспорен: Одлука бр.27-6567/1 од 07.06.2022 година за донесување на Регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт ЈИ 03 донесена на 07.06.2022
Подносител на иницијативата: Дуња Туртурова и Бојан Милошевски, адвокати од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесениот Регулациски план на ГУП кој има важност за градска четврт ЈИ 03 содржи нерегуларности, односно предвидена е намена B (јавни институции), спротивно на постоечкиот и важечки ДУП каде што за тој простор е предвидена намена Б (комерцијални и деловни намени). Се наведува дека со донесувањето на Регулацискиот план на ГУП, противзаконито и противуставно е извршена пренамена на одреден простор кој бил предвиден за постоечки и сеуште важечки ДУП како простор за градење деловни/станбени објекти и се менува во простор за изградба на јавни институции. Според подносителите одлуката на Советот на Град Скопје ги доведува во нееднаква положба граѓаните и институциите кои имаат сопственост на недвижности на територијата на Општина Аеродром, да не можат да ја реализираат намената и правото загарантирано со важечкиот ДУП.
3.Реферат У.бр. 39/2023
Оспорена: Одлука бр.25-2146/12 од 12.06.2020 година со која е донесен ДУП за дел од УБ 32 во УЕ IV и дел од УБ 47 во УЕ IX, Ко Велес.
Подносител на иницијативата: Адриана Хаџи Наумов и други граѓани
Од наводите: Подносителите наведуваат дека е повреден јавниот интерес во процесот на носење на оспорената Одлука за ДУП во Велес, бидејќи според нив не е испочитуван Законот за урбанистичко планирање и не се направени геодезиски испитувања. Наведено е и дека не се земени во предвид забелешките на граѓаните кои се со место на живеење во непосредна близина на спорните парцели, при јавното излагање на ДУП. Се наведува дека оспорената одлука е во спротивност со владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, предвидени во Уставот.
4.Реферат У.бр.56/2023
Оспорен: Одлука за субвенционирање на јавен линиски превцоз на патници од Буџетот на Општина Старо Нагоричане за 2023 година за линија Куманово- с. Дејловце (бр.08-9/121 од 30.03.2023 година) објавена во „Службен гласник на Општина Старо Нагоричане” бр. 6/2023 од 03.04.2023.
Подносител: Бобан Цветановски, заменик-градоначалник на општина Старо Нагоричане
Од наводите во иницијативата:
Подносителот ја оспорува одлуката донесена од страна на Советот на Општина Старо Нагоричане која се однесува на доделување на 50 000 денар месечно, во период од 6 месеци за субвенција на јавен линиски превоз и наведува дека Советот фаворизирал еден приватен субјект без да даде можност за еднаква распределба на средствата од буџетот на Општина Старо Нагоричане на сите заинтересирани субјекти од истата област. Се наведува дека одлуката е незаконска бидејќи нема соодветни услови за распределба на средствата и затоа не се потпишал како заменик градоначалник на општината.
5.Реферат У.бр.57/2023
Оспорен: Одлука за пренамена на средства во Буџетот на Општина Старо Нагоричане за 2023 година донесена од страна на Советот на Општина Старо Нагоричане (бр.08-9/120 од 30.04.2023 година).
Подносител на иницијативата: Бобан Цветановски, заменик-градоначалник на Општина Старо Нагоричане
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека општината донела одлука со која се врши пренамена на финансиски средства за 300 000 денари за потреба на „субвенција за јавен линиски превоз на патници” и според него одлуката е донесена незаконски, без да се почитува процедурата за изработка на актот за пренамена на средствата. Се наведува дека таква одлука треба да биде донесена согласно предвидени и расположливи финансиски средства, а во случајот е направено спротивно на член 50 од Законот за локална самоуправа, како и во спротивност со Законот за буџет и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.
6. Реферат У.бр.184/2023
Оспорено Упатство за царинска вредност и Корисничко упатство за пребарување SchwackeeNet
Подносител Зоран Величковски, адвокат од Скопје
Oд наводите во иницијативата:
Во иницијативата се укажува дека при увозното царинење на употребувани возила се применуваат одредбите од оспорените упатства, при што Царинската управа, царинската вредност ја утврдува исклучиво врз основа на податоците од германскиот каталог SchwackeNet. Подносителот смета дека, иако со оспорените упатства на физичките и на правните лица им се наметнува обврска увозните давачки да ги плаќаат исклучиво со примена на податоците од овие акти, истите не се објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“, со што се повредува член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 1 од Уставот. Тој, исто така, укажува дека Царинската управа, Управниот суд и Вишиот управен суд врз основа на оспорените упатства ги донесуваат своите одлуки со кои ги задолжуваат физичките и правните лица (во прилог на иницијативата подносителот доставува неколку решенија на Царинската управа и пресуди на Управниот и Вишиот управен суд).
7.Реферат У.бр.186/2023
Оспорен акт: Наредба бр. 02-502/1 од 05.04.2022 година донесена од директорот на ЈСП Скопје
Подносител на иницијативата: Сашо Негриевски
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената Наредба донесена од страна на директорот на ЈСП-Скопје е во спротивност со членовите 11, 15 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите 9,10, и 43 од Законот за работните односи и членовите 29, 34, 36, 39, 41, 42, 43 и 44 од Законот за заштита на личните податоци. Имено, според наводите во иницијативата, со донесување на оспорената наредба бил повреден и загрозен моралниот интегритет на подносителот на иницијативата бидејќи предвидувал работни задачи за подносителот на иницијативата, кои излегуваат надвор од законско утврдените задачи за Офицер за заштита на лични податоци. Подносителот исто така наведува дека со оспорениот акт му било вршено притисок за негова целосна реализација. Бара од Уставниот суд да поведе постапка за нејзино оценување и истата да ја поништи.
Подносител на иницијативата е Сашо Негриевски од Скопје
8. Реферат У.бр.156/2023
Оспорен акт: Поглавје „Автентично толкување на општи акти и членовите 78л, 78љ, 78м и 78н од Статутарната одлука за измени и дополнување на Статутот на Општина Ѓорче Петров бр. 07-1330/5 од 23.05.2012 година”.
Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд