Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска оствари работна средба со претставници од австриската амбасада предводена од Н.Е. амбасадорот Мартин Памер и Георг Става, специјалист за судски реформи и владеење на правото во ЈИЕ при австриската амбасада во Белград.
На средбата се разговараше за состојбата со владеењето на правото и политиката на имплементирање на законите во Република Северна Македонија, со акцент на почитување на слободите и правата на граѓаните.
Претставниците на амбасадите на Република Австрија од Скопје и Белград, изразија поддршка за работењето на Уставниот суд на Република Северна Македонија акцентирајќи ја неговата улога во правниот поредок на државата.
Става кој долги години работел како судија а своевремено и претседател на CEPEJ(Европската комисија за ефикасност на правдата на Советот на Европа), сподели задоволство од одржувањето на средбата со претседателката Кацарска и потенцираше дека чесните, професионални судии кои носат праведни одлуки се единствените кои ќе ја заштитат честа и угледот на судството.
На средбата покрај амбасадорот Памер присуствуваа Аташе Манфред Јурчевиќ и Јасна Стојковска од Канцеларијата на полициското Аташе при Австриска Амбасада во Скопје која меѓу останатото го покрива и владеењето на правото и нормативата.
На средбата која се одржа на 7 декември во просториите на Судот на барање на австриската делегација, присуствуваа и генералниот секретар на Судот Александар Лазов и портпаролката Христина Беловска.