Претседатеката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во интервју за телевизијата Нова во Софија зборуваше за подготвеноста на Република Северна Македонија да стане дел од ЕУ од аспект на уставното право, при што потенцираше дека нашиот Устав е современ и го положи испитот на времето во изминатите три децении. Претседателката Кацарска беше прашана и за правата на немнозинските заедници и одговори дека Република Северна Македонија преку Уставот подеднакво ги штити правата на сите граѓани без оглед на нивната националност. На прашањето дали тоа значи дека нема законски пречки бугарското малцинство да биде запишано во Уставот, Кацарска го повтори принципот на еднаквост кон сите граѓани што го промовира нашиот Устав, а за што зборуваат и релевантните меѓународни извештаи и нагласи дека нема законска пречка што не дозволува граѓаните кои се чувствуаат како Бугари, Албанци, Срби, Турци итн, да се изјаснуваат како такви. Во контекст на усогласување на домашното законодавство со европското, претседателката на Уставниот суд одговори дека никому не му е попречено правото слободно да ја изразува својата национална припадност, на пример при секој попис на населението. На прашањето дали има забрана на бугарски културни клубови во Северна Македонија и како Европа гледа на тие случаи, Кацарска кажа дека со закон се точно утврдени критериумите за основање на здруженија на граѓани и притоа потсети дека Северна Македонија е земја што максимално ги почитува одлуките на Судот во Стразбур, при што алудираше дека има држави што не ги применуваат насоките и пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Претседателката Кацарска го даде интервјуто на 26 октомври, за време на основањето на Балканскиот форум на уставни судови, а телевизијата го објави интервјуто вчера попладне, во скратена верзија. Претседателката зборуваше на македонски јазик за време на интервјуто, а прашањата на новинарката Илијана Шишкова беа преведувани на македонски јазик од страна на преведувач којшто го обезбеди телевизијата. Во продолжение, го објавуваме целиот разговор:
1.Н: Ви благодарам г-ѓа Кацарска што ја примивте поканата за овој разговор, добредојдовте во Софија.
1.Кацарска: Благодарам за поканата задоволство ми е што сум повторно во Софија.
2..Н:Република Северна Македонија дали е подготвена да стане дел од Европската Унија со своето уставно право?
2.Кацарска: Република Северна Македонија има донесено Устав уште во 1991 година и тоа во месец ноември. Ние имаме еден современ демократски Устав, тоа е всушност највисокиот акт во нашата држава. Како Судија на Уставниот суд кој што секојдневно го практицирам уставното право сметам дека Република Северна Македонија од аспект на уставното право е подготвена да биде дел од големото европско семејство притоа би нагласила дека нашиот Устав иако се менуваше неколку пати мораше да биде отворан што
заради подобрување на политичкиот систем, потоа заради подобрување на меѓуетничките односи и конечно имавме измена на Уставот и заради промената на нашето дотогаш Уставно име за жал, сепак сметам дека нашиот Устав го положи испитот на времето изминатите три децении.
3.Н.Одредени закони не треба да се менуваат кога ќе станете дел од Европската Унија или ќе мора да промените дел од вашиот Устав?
3.Кацарска: Со оглед да Република Северна Македонија има кандидатски статус уште од месец декември 2005 година, а освен тоа во сила е и спогодбата за стабилизација и асоцијација ние сме почнале многу одамна да го усогласуваме нашето домашно законодавство со европското законодавство. Според она што јас го имам како информација
некаде помеѓу 45% и 50% од нашето домашно законодавство е усогласено со европското законодавство, но секако не’ чека уште многу работа секако дека за да станеме членка на Европската унија ние ќе мора комплетно да го усогласуваме нашето домашно законодавство со европското законодавство. Од аспект на Уставот сите земји што имале преговори со Европската Унија како што е на пример Република Хрватска се надевам дека тоа било и кај вас секако дека и ние ќе треба повторно да реагираме во нашиот Устав најнапред во делот каде што носиме одлука да влеземе во сојуз со останатите држави на Европската Унија тоа мора да биде дел од нашиот Устав, потоа при конституирањето на комисиите коишто ќе
бидат дел од телата во Европската Унија, потоа законодавството кое што е за усогласувањето на граѓаните со законодавството на Европската Унија и слично, што значи дека ќе мора да има и такви измени, но сега знам дека посебно откако се отворија преговорите во месец јули 2022 година политичарите се повеќе вложуваат за да може побрзо да се менуваат овие закони, односно да се усогласуваат со европското законодавство.
4.Н:Кои права ги имаат малцинските заедници и кои услови мора да ги исполнуваат за да бидат запишани во вашиот Устав?
4.Кацарска: Уставот на Република Северна Македонија како што кажав е современ граѓански Устав и ние неспорно е дека сме мултиетничко општество. Нашиот Устав е многу јасен кога вели дека Северна Македонија е држава на граѓаните коишто живеат во оваа држава и тоа е држава на македонскиот народ но и на останатите граѓани коишто живеат, а
се дел од останатите народи и тоа од албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот народ итн. – да не ги набројувам сите. Секако дека малцинствата или според нашиот Устав немнозинските заедници ги уживаат апсолутно сите права коишто ги уживаат и Македонците, не постои во нашиот Устав ниту една одредба со која што се разграничуваат правата на Македонците и на немнозинските заедници, што значи станува збор за еднакви слободи и права. Ако го имате во предвид нашиот Устав ќе видите дека од членот 9 па некаде до членот 60 граѓаните уживаат многу слободи и права, меѓу останатото кај нас е забранета дискриминација по основ на пол, раса, верска, етничка, национална, политичка припадност, уживаат слобода на уверувањето, слобода на мислата, изразувањето на мислата, слобода на политичко здружување итн. И никаде не стои дека овие права се само за Македонците а за немнозинските заедници дека не важат тие правила. Токму заради тоа нагласувам дека сите наши граѓани според Уставот ги уживаат подеднакво сите слободи и права во државата.
5.Н:Дали тоа означува дека бугарското малцинство нема никакви законски пречки да биде запишано?
5.Кацарска: Како што споменав, Македонија е мултиетничка држава и можеби како ретко која земја во Европа ги впишала во Уставот сите граѓани, делови од народи кои живеат кај нас, како човек лично јас апсолутно не ги делам луѓето по нивната националност и во никој случај мене како граѓанин не ми смета Бугарите, односно граѓаните на Република Северна Македонија коишто се чувствуваат како Бугари да бидат впишани во Уставот, ако имате во предвид дека ние ја имаме потпишано Рамковната конвенција за националните малцинства на Советот на Европа, значи дека ние ги признаваме правата на сите наши граѓани, освен тоа во Македонија има високи европски стандарди токму во поглед на немнозинските заедници, тоа го говорат всушност и сите извештаи на релевантни институции, тука се мониторинг извештаите, годишните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, извештаите што се на многу невладини организации коишто работат токму за човековите права.
6.Н: Но конкретно дали бугарското малцинство е спорно на софиските и скопските политичари, затоа прашувам дали постои правна пречка?
6.Кацарска: Значи, категорично нагласувам дека законска пречка не постои затоа што пак ви велам дека сите граѓани се еднакви, кој тоа закон би забранил нешто на граѓаните коишто се чувствуваат како Бугари, а би го овозможил на граѓаните коишто се дел од народите кои ги набројав: албански, турски, српски народ итн. Значи, законска пречка не постои.
7.Н:Дали вие сте кажале на вашите политичари дали знаат дека нема законска пречка?
7.Кацарска: Видете јас сум Претседател на Уставен суд на Република Северна Македонија и освен службени комуникации со политичарите, јас немам никаква комуникација, а пак, да ме прашаат во никој случај не ме прашуваат за мое мислење што јас мислам, но ако некој ми постави вакво прашање јас одговарам пред се’ како правник, потоа како судија на Уставен суд и затоа велам нема законска пречка зошто политичарите разговараат на каков начин, зошто не се внесуваат Бугарите тоа е сепак тема која што треба да се постави на нашите политичари, на политичките елити во Република Северна Македонија. Јас пак ви велам дека можам да зборувам како граѓанин и можам да зборувам како судија, од аспект кога дискутираме за самите закони, се’ друго е тема на политичарите.
8.Н:Вие самите кажавте како човековите права се регулирани во Република Северна Македонија. Дали се усогласени со Европското законодавство?
8.Кацарска: Како што споменав, во Република Северна Македонија се почитуваат сите слободи и права на сите граѓани и ние ги усогласуваме нашите закони со европските закони, како што споменав и претходно не се целосно усогласени, но секако дека ќе бидат целосно усогласени во оној момент кога ние ќе треба да влеземе во Европската Унија. Слободите и правата на граѓаните се подеднакво заштитени, основно ако Уставот гарантира на секој еден граѓанин слободи и права да бидат подеднакви за сите, зошто тогаш би дискутирале дека некој нема некој права, дека му се ускратени или слично. Напротив, една од темелните вредности на нашиот Устав е националноста на граѓаните во смисла слободно изразување на
нивната национална припадност при секој попис на населението секој еден граѓанин се определува и слободно кажува како се чувствува, дали се чувствува како Македонец, Србин, Албанец, Бугарин и никому тоа не му е попречено, ниту пак некој трпи последици од тоа ако се запишал како дел од некој друг народ. Сега се изготвува акциски план токму за подобрување на сите права, слободи и правата на немнозинските заедници, со којшто јасно ќе се доразработи забраната на дискриминација во образованието, се однесува тоа и на забрана на говор на омраза и слично. Верувајте, никој нема последици затоа што се произнел дека се чувствува како граѓанин на Република Северна Македонија, но со друга националност.
9.Н: Во право сте, тоа е основен закон но Софија има забрана на бугарски културни клубови како Европа ќе погледне на тие случаи според вас?
9.Кацарска: Најнапред ќе тргнам од делот каде што велите дека гледате инциденти. Како човек и како судија притоа би нагласила дека 34 години бев судија во најголемиот суд во Република Северна Македонија и сега во Уставниот суд сум апсолутно против секое насилство и секаков тип на насилство. За мене и вербалното однесување е насилство, а тоа значи дека не подржувам никакво насилство, но мора да признаеме и да бидеме коректни дека изолирани случаи на насилство има во сите земји, не само во Европа туку и во светот. Околу здруженијата би појаснила една ситуација. Ние како Република се грижиме за правата на сите немнозински заедници, точно е дека и судовите некогаш може да погрешат, дури и
Уставниот суд може да погреши, како што беше ситуацијата со здружението „РАДКО“. Тоа е здружение на граѓани кое што се грижи за идентитетот на Бугарите во Република Северна Македонија. Кога Уставниот суд пред повеќе години, можеби има и десет години или можеби малку помалку, кога донесе одлука спротивна на барањето на ова здружение, истите се обратија со апликација до Судот во Стразбур. По донесувањето на таа одлука во Судот во Стразбур веднаш ова здружение беше регистрирано и ден денеска непречено функционира во Република Северна Македонија. Ние сме земја којашто ги почитува максимално пресудите на Европскиот суд за човекови права, а ако алудирате на овие забрани што беа, како
вие што велите забрани за регистрирање, би нагласила дека беше донесен закон за измена на Законот за регистрација на здруженија и фондации и според тој закон точно е наведено кои услови треба да бидат исполнети за да може некое здружение да биде регистрирано доколку тоа здружение ги исполнува наведените услови во законот. Секако дека ќе биде непречено регистриранио здружението, значи за секоја една ситуација ние мора да зборуваме конкретно со докази и факти.
10.Н: Кажувате за вашиот Устав од 1991 година, има ли нешто подобро во бугарскиот устав?
10.Кацарска: Видете, јас не би можела да одговорам конкретно на ова прашање во смисла дали има нешто што е подобро во вашиот Устав, отколку во нашиот Устав, затоа што морам да признаам дека јас не ги знам целосно уставите на другите држави, јас го познавам целосно Уставот на мојата држава, а за останатите држави незнам дали можам да направам таква споредба. Можеби би сакала, еве ова е причина да го прочитам целосно вашиот Устав и повод ќе ми биде оваа емисија да видам како кај вас е регулирано сето ова за што всушност ние вечерва говориме.
11.Н:Ќе се внесува уставна жалба. За што ќе помогне?
11.Кацарска: Морам тука да ве коригирам, во смисла и во Република Северна Македонија нема институт „уставна жалба“ или како што во некои држави ја нарекуваат „уставна тужба“, со тоа што ние како Уставен суд, согласно со наши одредби од Уставот, поточно со членот 110 алинеја 3 од Уставот, можеме да одлучуваме за одредени слободи и права на граѓаните, но не за сите слободи и права, токму затоа што сметам дека тоа е на штета на граѓаните, а истовремено мислам дека тоа е загуба и за секоја една држава што нема „уставна жалба“. Во изминативе две години јас максимално се залагам за воведување на овој институт, затоа што сметам дека граѓаните треба да ги остварат своите права за сите слободи и права, пред се’ пред матичните судови во сопствената држава, а потоа да одат пред Европскиот суд за човекови права. Мислам дека во вашиот Устав тоа не е предвидено, дека вашиот уставен суд воопшто не одлучува за слободи и права. Но ние на половина пат, иако ова не е насловено како „уставна жалба“, туку со посебни барања за заштита на слободи и права можат да се обратат граѓаните до Уставниот суд, но нагласувам за одредени слободи и права. Навистина би ми било драго ако Република Бугарија ја воведе „уставната жалба“ и сметам дека тоа ќе биде голема придобивка за вашите граѓани и воопшто за вашата држава.
12.Н:Ви благорам за целиот разговор
12.Кацарска: Ви благодарам и на вас за поканата.