Уставен суд на
Република Северна Македонија
Одлука У.бр.106/2023
Скопје, 14.11.2023 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 14.11.2023 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за изменување на Правилникот за содржината и начинот на подготовката на актите, за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и содржината на функционалната анализа на институциите на јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.259/2022).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 21 септември 2023 година, по поднесената иницијатива од министерот за правда, Кренар Лога, поведе постапка за оценување на уставноста на Правилникот за изменување на Правилникот за содржината и начинот на подготовката на актите, за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и содржината на функционалната анализа на институциите на јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.259/2022).
II
На седницата Судот утврди дека оспорениот Правилник за изменување на Правилникот за содржината и начинот на подготовката на актите, за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и содржината на функционалната анализа на институциите на јавниот сектор, е донесен од страна на министерот за информатичко општество и администрација, заведен под архивски број 15-5051/2 од 29.09.2022 година, а објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.259 од 01.12.2022 година.
Со оспорениот правилник се менува член 17 став 4 од Правилникот за содржината и начинот на подготовката на актите за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и содржината на функционалната анализа на институциите на јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.217/2021 и 159/2022), на начин што видот на високо образование се утврдува преку наведување на едно научно–истражувачко подрачје или едно научно–истражувачко подрачје со наведување на едно, а најмногу три научно–истражувачки полиња, кое соодветствува на описот на работното место, содржано во класификацијата на научно–истражувачките подрачја и полиња утврдена во Правилникот за стандардите и нормативите за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност или преку наведување само високо образование доколку тоа соодветствува на описот на работното место.
III
Владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Од анализата на уставните одредби, Судот утврди дека уредувањето за објавување на законите и другите прописи во Уставот е предвидено во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранциите на основните слободи и права, што укажува на фактот дека објавувањето на законите и другите прописи Уставот го уредува на суштествен начин како прашање коешто е во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на фундаменталното начело на правна сигурност, како и на заштита на уставно загарантираните слободи и права на човекот и граѓанинот.
Во член 2 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти („Службен весник на Република Македонија” бр.56/1999, 43/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.21/2021), е утврдено дека објавувањето на законите и другите прописи, акти и издавањето на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“ е од јавен интерес.
Оттука, согласно карактерот, правната природа и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот на Република Северна Македонија утврдил обврска, но и рок тие да се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” како службено гласило на Републиката.
Во конкретниот случај, доколку се земе предвид дека во оспорениот правилник, не е наведен денот на неговото донесување, а притоа истиот е заведен под архивски број 15-5051/2 од 29 септември 2022 година, што како дејствие секогаш следи и е условено со претходно донесување на прописот, како и фактот што согласно Законот за објавување на законите и другите прописи и акти, истиот е објавен во електронско и печатено издание на „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 259 од 01.12.2022 година, Судот оцени дека е пречекорен уставниот рок утврден во член 52 став 2 од Уставот за објавување на оспорениот правилник.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека оспорениот Правилник за изменување на Правилникот за содржината и начинот на подготовката на актите, за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и содржината на функционалната анализа на институциите на јавниот сектор не е во согласност со член 52 став 2 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска