У.бр.109/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.109/2023
Скопје, 02.11.2023 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 ноември 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4-а став 6 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија” број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 244/2019, 18/2020, 279/2020, 227/2022 и 111/2023).

Образложение

I

Трајче Китановски и Влатко Китановски, адвокати од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4-а став 6 од Законот за градење.

Подносителите сметаат дека оспорениот член 4-а став 6 од Законот за градење, на индиректен начин ја ограничува слободата на пазарот и претприемништвото, како и конкуренцијата на пазарот, а правните субјекти ги става во нерамноправна правна положба, бидејќи само Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) – научноистражувачка и високообразовна установа како единица во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, практично можел да дава мислење за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, но не и други субјекти, конкретно субјектот Приватен научен институт за земјотресно инженерство и климатски промени Скопје (ИЗИКП), што е спротивно на член 55 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Ваквото тврдење подносителите го објаснуваат преку пример во кој приватниот Институт за земјотресно инженерство и климатски промени Скопје – ИЗИКП донел и објавил свој ценовник во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 268/20 од 10 ноември 2020 година, меѓутоа Владата донела заклучок со кој се задолжува ЈП „Службен весник на Република Северна Македонија” да направи објава за поништување на Ценовникот на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени Скопје – ИЗИКП, од причини што ценовникот е донесен во незаконска процедура и објавен без претходна согласност на Владата и како таков не произведува правно дејство, нема правна сила и не може да биде ставен во правен промет без претходна согласност од Владата.

Подносителите наведуваат дека приватниот институт ИЗИКП Скопје има право, како и секој субјект во пазарната економија, без да бара согласност од Владата да си го донесе и објави ценовникот во „Службен весник на Република Северна Македонија” или некое друго гласило, па оттука сметаат дека со потребата од претходна согласност од Владата за ценовникот којшто субјектот го донесува, се ограничува слободата на пазарот, конкуренцијата и претприемништвото.

Всушност, наводите за спротивноста на оспорената законска одредба со член 55 од Уставот, подносителите ги темелат на конкретен случај во врска со донесен и објавен ценовник од страна на погоре наведениот приватен субјект ИЗИКП Скопје, за кој претходно не била обезбедена согласност од Владата, па од таа конкретна ситуација подносителите извлекуваат заклучок дека член 4-а став 6 од Законот за градење ги ограничува сите други субјекти слободно да настапат на пазарот, освен наведениот ИЗИИС Скопје.

Од погоре наведените причини, подносителите на иницијативата бараат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 4-а став 6 од Законот за градење и да донесе одлука со која ќе ја поништи или укине оспорената одредба на членот од Законот како спротивен на член 55 од Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека според член 4-а став 6 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија” број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 244/2019, 18/2020, 279/2020, 227/2022 и 111/2023), висината на надоместокот за мислењето за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита се утврдува во ценовник кој го донесува субјектот кој врши научноистражувачка дејност – научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, по претходна согласност на Владата на Република Северна Македонија и истиот се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

III

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, во надлежност на Уставниот суд на Република Северна Македонија е да одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај со иницијативата се оспорува член 4-а став 6 од Законот за градење којшто уредува дека висината на надоместокот за мислењето за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита се утврдува во ценовник кој го донесува субјектот кој врши научноистражувачка дејност – научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, по претходна согласност на Владата на Република Северна Македонија и истиот се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Во однос на поднесената иницијатива со која се оспорува содржината на одредбата од член 4-а став 6 од Законот за градење со наводи за негова спротивност со член 55 од Уставот, Судот утврди дека Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на целината на член 4-а од Законот за градење, во кој е содржан и сега оспорениот став 6, од аспект на неговата согласност со наведениот член од Уставот. При ова, Судот, констатира дека член 4-а од Законот за градење, два пати бил предмет на оспорување пред Уставниот суд.

Имено, со иницијатива по предметот У.бр.21/2016, во целина се оспорувал член 4-а од Законот за градење и посебно во делот „субјектот кој врши научноистражувачка дејност – научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија” содржан во ставовите 1, 3, 6 и 8 на член 4-а од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија” број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 70/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016 и 132/2016), меѓутоа Уставниот суд не нашол спротивност на членот од Законот со одредбите на Уставот, при што донел Решение У.бр.21/2016 од 05.10.2016 година, со кое не повел постапка за оценување на уставноста на целината на член 4-а од Законот за градење и на посебно оспорените делови од неговите одредби.

Подносителот на иницијативата по предметот У.бр.21/2016 изнесувал наводи дека со член 4-а од Законот за градење и посебно оспорените делови од неговите одредби, не се обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, што било спротивно на член 55 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претпримеништовото и се забранува монополска положба на субјектите на пазарот, бидејќи според него, оспорените делови „субјектот кој врши научноистражувачка дејност – научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија” содржани во одредбите на член 4-а од Законот, значеле дека само еден правен субјект во Република Северна Македонија можел да издава позитивно мислење за проектираниот и изведен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата (научниот институт), а според подносителот тоа бил Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), со што истиот имал монополска положба на пазарот, и извлекувал заклучок дека член 4-а од Законот за градење фаворизирал еден субјект на пазарот.

Судот не нашол повреда на член 55 од Уставот со образложение дека од оспорениот член 4-а од Законот за градење, вклучително и од посебно оспорените делови од неговите одредби, не произлегува содржина којашто ограничува друг институт кој ги исполнува законските услови, исто така, да може да дава мислење, односно дека секој субјект (научен институт) кој ги исполнува законските услови и е специјализиран во областа на заштита на градбите од сеизмички влијанија, покрај ИЗИИС, може да даде мислење за стабилност, механичка отпорност и сеизмичка заштита.

Со наредната иницијатива по предметот У.бр.131/2016, повторно во целина се оспорувал член 4-а од Законот за градење како спротивен на член 55 од Уставот и со истите наводи дека овој член од Законот не обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и дека создава монополска положба и монополско однесување на пазарот, меѓутоа, Уставниот суд имајќи предвид дека веќе одлучил за истата работа, а не нашол основи за поинакво одлучување, со Решението од 18.01.2017 година, ја отфрлил поднесената иницијатива согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучил за истата работа ценејќи ја уставноста на целината на член 4-а во кој е содржан и сега оспорениот став 6 од Законот за градење, и со Решението У.бр.21/2016 од 05.10.2016 година, не повел постапка за оценување на неговата уставност, како и имајќи предвид дека со предметната иницијатива повторно се оспорува член 4-а став 6 од Законот за градење, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата поради одлучена работа.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска