Амбасадорката на Сојузна Република Германија Н.Е. Петра Дрекслер изрази поддршка за иницијативата за воведување на уставна жалба во земјава, со што ќе се овозможи граѓаните да се жалат за сите права од Уставот, пред Уставниот суд. Во текот на нејзиното излагање на Регионалната конференција на која е промовирана студија за уставна жалба во Република Северна Македонија, амбасадорката Дрекслер порача:
„Северна Македонија ја има сигурната поддршка на Германија, а тука се подразбира и поддршката за Уставниот суд. Госпоѓа Кацарска се приклучувам заедно да се бориме за довербата на граѓаните во правниот систем и во правосудството”, рече Дрекслер.
Проектот за промовирање на уставната жалба како најзначајно средство за заштита на основните права во Северна Македонија е реализиран преку фондацијата ИРЗ и поддржан од германската амбасада и министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Во рамки на овој проект е изработена студија за уставна жалба во земјава, чиишто заклучоци беа презентирани во текот на Конференцијата.
Раководителот на проектот од ИРЗ, Штефан Пирнер испрати порака до сите чинители кои можат да придонесат уставната жалба да биде дел од Уставот, како делотворен правен лек со чија помош граѓаните ќе добијат уште една можност да се обратат во Уставниот суд за секое право, пред да тужат во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Ниеден политичар нема да ги расипе односите со граѓаните затоа што ќе се залага за уставната жалба, напротив тие ќе бидат среќни и бенефит од овој инструмент ќе имаат сите. Ако ви треба поддршка од Германија, бидејќи ние сме земјата на уставната жалба, сметајте на нас. Сите правници се сложни дека е потребна уставната жалба, ситуацијата како што е сега, е системска грешка. Онаму каде што можам да учествувам како граѓанин, повеќе се идентификувам и затоа е уставната жалба важно средство за еден вид на граѓанско самоуправување, бидејќи на тој начин учествува во креирање на правото. Знаеме дека патот е долг и треба да се изоди, но ние нема да го поминеме молчешкум”, рече Пирнер.
Уставниот суд дополнително ќе ја објави студијата на германскиот експерт Винфред Шуберт, кој има искуство како поранешен претседател на Покраинскиот уставен суд на Саксонија-Анхалт и на Вишиот покраински суд Наумбург.
Студијата е изработена како финален продукт на двегодишната соработка и комуникација помеѓу Уставниот суд и ИРЗ.