По повод 60 години уставно судство на Република Србија, претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска беше еден од говорниците со свое обраќање на Регионална конференција во Белград и во излагањето посочи на улогата на Судот во примената на Европската конвенција за човекови права.
Иако Уставниот суд на Република Северна Македонија нема надлежност да ја оценува Конвенцијата, или пак да постапува по барања за сторена повреда на слободите и правата утврдени со Конвенцијата, сепак Судот како толкувач на уставните норми, ги има предвид и темелните вредности на уставниот поредок, останатите одредби од Уставот, но и релевантните меѓународно-правни документи, а особено општите принципи на Европската конвенција и праксата на Европскиот суд, посочи Кацарска во својот говор.
„Не само што ги применува општите принципи на Конвенцијата, Судот при оцената на уставноста и законитоста го применува и тестот на пропорционалност како алатка на Европскиот суд за оцена на основаноста на ограничување на слободите и правата, рече Кацарска.
Од друга страна, кога се зборува за индивидуалната заштита пред Уставниот суд и каква е неговата улога во примената на Конвенцијата, Судот има обврска и да ја има предвид праксата на Европскиот суд при одлучувањето и да ја примени во своите образложенија.
„Во таа смисла, за мене претставува позитивен пример последната одлука на Судот У.бр.146/2021 од 12 јули 2023 година, кога се утврди повреда на правото на слобода на новинар од Скопје поради непреземање на дејствија од страна на државата за заштита на неговата слобода на изразување како новинар за време на немилите настани во Собранието на 27 април 2017 година.
Меѓутоа, треба да се наведат и негативните примери, а од кои исто така може да се научи, но и да се посочи на уште една улога на Уставниот суд на Република Северна Македонија во примената на Конвенцијата, во делот на извршувањето на пресудите на Европскиот суд.
Имено, во пресудата на Европскиот суд во предметот Селмани и др. против Република Македонија од 9 февруари 2017 година (67259/14), овој суд меѓу, другото утврди повреда на правото на правично судење од член 6 од Конвенцијата и тоа токму од Уставниот суд, со оглед на тоа што постапувајќи како „суд од прва инстанца“ не им овозможил на подносителите на барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 да има усна расправа пред Судот во предметот У.бр.27/2013, кажа Кацарска.
Ваквата обврска произлегува и од воведувањето на принципот на супсидијарност со Протоколот бр. 15 на Европската конвенција за заштита на човековите права, со кој државите договорнички на Конвенцијата се обврзаа за применување на системот на ЕКЧП на национално ниво, а Уставниот суд е дел од системот на заштита на слободите и правата.
Притоа, во рамките на механизмот на извршување на пресудите на Европскиот суд, Уставниот суд имаше обврска да преземе низа дејствија и мерки во правец на измена на својот дотогашен став и пракса за неодржување на јавна (усна) расправа пред Судот, во случаите кога постапува како „прва инстанца“, рече претседателката Добрила Кацарска.