Уставниот суд денеска ја одложи 40. седница поради немање на услови за изгласување на дневниот ред. Имено, при дискусијата за утврдување на дневен ред еден од судиите предложи од денешната седница да се повлече предмет во кој е опфатена иницијатива за оценување на уставноста на член 6 став 4 од Законот за даноците на имот. Образложението за овој предлог за повлекување на судијата е што во предметот не е обезбедено мислење на Владата на Република Северна Македонија, како предлагач на Законот.
Со барањето за повлекување на оваа точка од дневниот ред не се согласи судијата-известител кој го изготви рефератот за оспорениот член од Законот за даноците на имот.
Со оглед на различните гледишта се разви дискусија, при што дел од судиите инсистираа да се постапува согласно воспоставената пракса, односно предмет да биде повлечен од дневниот ред кога некој од судиите ќе побара дополнително време за проучување, прибирање дополнителна документација или информации, без притоа да се гласа за повлекувањето на точка од дневен ред.
Дискусијата заврши на начин што потребно мнозинство не доби предлогот на судијата-известител да не се повлекува точката, но и предлогот на еден од судиите да се повлече точката од дневниот ред, па следствено на тоа не се исполнија условите да се изгласа дневен ред и да почне седницата.
Уставниот суд потсетува дека во овој момент функционира со вкупно 7 од предвидени 9 судии. Судот ги донесува одлуките со мнозинство од најмалку 5 гласа. Дневниот ред исто така се изгласува со мнозинство, односно минимум 5 гласа.
Седницата со истиот дневен ред за кој се предвидени осум иницијативи за оценување на уставност и законитост е закажана за 14 ноември, во вторник.