Дневен ред за 39. седница закажана за 2 ноември во 9:30 часот

Уставниот суд ќе ја одржи 39. седница на 2 ноември 2023 година(четврток) во 9:30 часот со дневен ред на кој се закажани осум иницијативи за оценување уставност и законитост и еден предлог за одлучување по нацрт-одлука. 

1.Реферат У.бр.15/2023

Оспорен: Член 107 став 2 од Законот за електронски комуникации и член 13, 28 ставови 15 и 16, член 29 ставови 13, 14 и 38 во делот „односно за достигнување на вкупен износ од 3000 денари со вклучен ДДВ” од Правилникот за видот и содржината на податоците и информациите за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги кои ги објавуваат операторите и за видот и содржината на податоците што ќе ги објавува Агенцијата за електронски комуникации.

Подносителка: Александра Илиева Милчова адвокатка

Од наводите во иницијативата:

Подносителката на иницијативата наведува дека оспорените одредби се во спротивност со владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото. Се наведува дека дека корисниците се во нерамноправна положба во однос на операторите бидејќи се овозможува еднострана примена на условите само за операторот, а не и за граѓанинот. Според наводите претплатникот склучува договор и плаќа, а за возврат добива услуги по наведени цени во договорот иако тие услови може да се променат во секое време без знаење на претплатникот и да му  бидат доделени нови услуги по нови цени под временски обврзувачки договор, а неговото непроизнесување по такво известување значи и прифаќање.

  1. РефератУ.бр.134/2022

 Оспорен: Член 250 став 4 од Царинскиот закон

Подносител на иницијативата: Адвокат Васил Миовски

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба е оневозможено поднесување на барање за враќање на неосновано наплатени давачки и кога правниот основ подоцна отпаднал. Се наведува дека во даночна постапка роковите течат од правосилност на конечниот акт во управната постапка, а не како што предвидува оспорениот член, од денот на известувањето за долгот. 

3.Реферат У.бр.24/2023

Оспорен: член 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување во делот “и најмалку 15 години пензиски стаж”

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

 Содржина на одредбата:

Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот(маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорената одредба во делот „и најмалку 15 години пензиски стаж” не се обезбедува социјална правда, економска благосостојба и напредок на поединецот, како и дека му е ускратено правото на социјална сигурност и социјално осигурување на вработено лице, од денот на вработувањето.  Смета дека оспорената одредба ги става граѓаните во нееднаква позиција и со тоа го нарушува владеењето на правото.  Се наведува дека осигуреникот кој има 14 години и 11 месеци стаж, платениот придонес за задолжително пензиско осигурување е изгубен во целината на пензискиот фонд и со тоа тој осигуреник не остварува право на пензија. До тој момент осигуреникот целосно ги исполнува обврските што му ги наметнал законот, а штом ќе наполни 64 (маж) и 62 (жена) години, старост, истиот закон го лишува од секое право на пензиско осигурување, наведува подносителот. 

4.Реферат У.бр.109/2023

Оспорен: Член 4-а став 6 од Законот за градење

Подносител на иницијативата: Aдвокатско друштво Китановски

Содржина на оспорената одредба:

„Висина на надоместокот за мислењето за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита се утврдува во ценовник кој го донесува субјектот кој врши научноистражувачка дејност- научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, по претходна согласност на Владата на Република Северна Македонија и истиот се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија”. 

Од наводите во иницијативата: 

Се наведува дека оспорениот член ја ограничува конкуренцијата и претприемништвото како спротивно на одредбите од членот 55 од Уставот гарантираат слобода на пазарот и претприемништвото. 

5.Реферат У.бр.120/2023

Оспорен: Член 25 и 64 од Законот за данок на додадена вредност

Подносител: Славко Лазовски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека оспорените членови се во спротивност со член 8 алинеја 3 од Уставот, алинеја 4, 11, член 68 алинеја 3 од Уставот, алинеја 17, член 91 алинеја 1, 2, член 118. 

6.Реферат У.бр.101/2023

Оспорен акт: Правилникот за формата и содржината на прекршочниот платен налог

Доносител на актот: Министерство за животна средина

Подносител на иницијативата: Министерство за правда

Во иницијативата се оспорува рокот на објавувањето на актот во Службен весник, како спротивен на Уставот. Подносителот наведува дека оспорениот акт  е неуставен бидејќи со него е повреден членот 52 од Уставот,  кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување”.

7.Реферат У.бр.152/2023

Оспорен акт: Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во болничка здравствена заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/23).

Доносител на актот: Фонд за здраствено осигурување на Република Северна Македонија

Подносител на иницијативата: Кренар Лога

Во иницијативата се оспорува рокот на објавувањето на актот во Службен весник, како спротивен на Уставот. Подносителот наведува дека оспорениот акт  е неуставен бидејќи со него е повреден членот 52 од Уставот,  кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување”.

8.Реферат У.бр.90/2023

Оспорен: Упатство за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи; уверенија; преписи и копии врз основа на матичните книги: водење постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги од 29.05.2023 година.

Подносител на иницијативата: Политичка партија “Левица”

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата смета дека оспореното Упатство е неуставно и спротивно на меѓународните норми и стандарди за заштита на човековите права и дека во ниту една држава во Европа нема таква пракса, да во официјални документи граѓаните се обврзани да ги изразуваат личните чувства на етничка припадност. Се наведува дека националната припадност на граѓаните е емпириски непроверлив податок и нема како да се докаже, па со тоа е и непотребен податок во изводите. 

ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА

9. РефератУ.бр.108/2023

Оспорен акт: Правилникот за содржината на студиските програми

Подносител на иницијативата: Министерство за правда

Од наводите во иницијативата: 

Се оспорува рокот на објавувањето на актот во Службен весник, како спротивен на Уставот. Во иницијативата подносителот наведува дека оспорените акти се неуставни бидејќи со нив е повреден членот 52 од Уставот,  кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување”.