У.бр.110/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.110/2023
Скопје, 03.10.2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 октомври 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување измени и дополнување на Детален урбанистички план Буњаковец 2, Општина Центар-Скопје, бр,07-9331/10 од 10.12.2012 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар“ бр.15/2012.

Образложение

I

До Уставниот суд на Република Северна Македонија Сузана Јошевска Анастасовска, адвокат од Скопје и Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука се повредуваат член 8 став 1 алинеи 3, 8 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија и член 11 став 7 и член 15-б став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011), кој бил во важност во време на донесување на оспорената одлука, како и член 4 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.20/2020), кој е во моментот во важност.

Подносителот на иницијативата, наведува дека оспорениот Детален урбанистички план како план од пониско ниво не е усогласен со Генералниот урбанистички план, што е обврска во смисла на член 4 од Законот за урбанистичко планирање.

Во член 15-б став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање се уредени параметрите кои треба да се почитуваат при изработка на урбанистичките планови, а во став 2 од истиот член е уредено дека примената на параметрите од ставот 1 при изработка на урбанистичките планови е условена со нивна усогласеност со генералните урбанистички планови.

Генералниот урбанистички план за период 2012-2022 година е донесен со Одлуката на Советот на Град Скопје бр. 07-5068/1 од 03.12.2022 година и во истиот се наведени параметрите опишани во член 15-б став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во иницијативата се наведува дека Советот на Општина Центар во 2020 година започна постапка за анализа и квалитативна евалуација со стручно мислење за секој детален урбанистички план донесен пред 2012 година, вклучувајќи го и оспорениот детален урбанистички план. Наодите на стручната ревизија и квалитативна евалуација се содржани во Стручниот елаборат бр.09-3021/1 од 25.05.2021 година и во истиот во делот насловен „Заклучок“ се констатира неусогласеност на конкретниот детален урбанистички план со генералниот урбанистички план наведувајќи дека наводите во Стручниот елаборат експлицитно ја потврдуваат неусогласеноста на пониската со повисоката хиерархија во системот на урбанистичко планирање, со што во целост се потврдува дека оспорената одлука е во спротивност со член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој бил во важност за време на нејзиното донесување. Имено, според наводите во иницијативата, од стручниот елаборат со сигурност е утврдено дека границата на Деталниот урбанистички план не е усогласена со опфатот на градската четврт планирана со Генералниот урбанистички план како и дека нумеричките податоци на Деталниот урбанистички план, евидентно не се во согласност со оние од Генералниот урбанистички план што претставува повреда на член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одлука се повредени сите принципи и права кои произлегуваат од темелните вредности бидејќи со истата се нарушува хуманизацијата на просторот и истиот е спротивен на принципот на заштитата и унапредувањето на животната средина, поради што оспорената одлука е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3, 8 и 10 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека оспорената одлука зa донесување на измени и дополнување на Детален урбанистички план Буњаковец 2, Општина Центар – Скопје има вкупно 8 (осум) члена.

Во член 1 од Одлуката се наведува дека со оваа одлука се донесува изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Буњаковец 2, Општина Центар – Скопје, согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 08/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 51/05, 137/07, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/11), Правилникот за поблиската содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови („Службен весник на РМ“ бр. 78/06) и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 142/10, 64/11, 98/11 и 169/11).

Според член 2 од оспорената одлука се предвидува дека просторот за кој се донесува изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план Буњаковец 2, Општина Центар – Скопје, е со површина од 30,69 ха. Границите на планскиот опфат се дефинирани помеѓу: на север границата се движи по осовината на бул.„Партизански одреди“, на исток границата е поставена долж осовината на ул.„Златко Шнајдер“, потоа продолжува по осовината на ул.„Никола Тримпаре“ и по осовината на ул.„Рајко Жинзифов“, на југ границата се движи по осовината на ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ и на запад границата се движи по границата на катастарската општина Карпош односно осовината на ул. „Френклин Рузвелт“, продолжува по осовината на улицата „Иван Милутиновиќ“ до пресечната точка со ул. „Мирче Оровчанец“ и продолжува по осовината на ул. „Мирче Оровчанец“ до пресечната точка со бул. „Партизански одреди“.

Во член 3 од Одлуката е дадена содржината и содржината во утврдените граници на опфатот од член 2.

Во член 4 од оспорената одлука се наведува дека составен дел на оваа одлука се: текстуален дел на планот, графички прилози, нумерички дел, услови за градба, програма за дополнување на Програмата за урбано планирање „Ф“ на Општина Центар – Скопје за 2011г., бр. 07-1193/2 од 18.03.2011 година.

Според член 5 од Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Буњаковец 2, Општина Центар – Скопје се заверува со печат на Општина Центар – Скопје и потпис на претседателот на Советот на Општина Центар – Скопје во седум примероци од кои: еден се чува во архивата на Општина Центар – Скопје, еден се чува во Секторот за урбанизам во Општина Центар – Скопје, еден се доставува до надлежниот Државен архив, еден се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот во електронски формат, еден се доставува до Агенцијата за катастар на недвижности, еден се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, седмиот примерок се изложува во Општина Центар – Скопје заради достапност на јавноста.

Во член 6 од Одлуката се предвидува дека Секторот за урбанизам во Општина Центар – Скопје во рок од 30 дена од донесување на изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план Буњаковец 2, Општина Центар – Скопје е должен да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон. Картираните подлоги се предаваат на Агенцијата за катастар на недвижности на чување и користење.

Според член 7 од Одлуката, Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Детален урбанистички план Буњаковец 2, Општина Центар – Скопје со сите нејзини делови се чува и за нејзина реализација се грижи Секторот за урбанизам во Општина Центар – Скопје.

Во член 8 од Одлуката се наведува дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар -Скопје.

III

Судот врз основа на прибавената документација ја утврди следнатa фактичка состојба:

– Советот на Општина Центар на 18.03.2011 година, донел Програма за урбано планирање „Ф“ на Општина Центар за 2011 година, заведена под број 07-1193/2. Изготвувачот на планот, изработил Планска програма за изработка на планот која е одобрена од градоначалникот на општината од август/2011. Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН ПУМА“-Скопје изготвил Предлог-план со тех.бр.69/2011 од јули 2012 година. АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС“ – Скопје, изготвило Стручна ревизија на планот, со тех.бр.2432/11 од декември 2011 година. Изготвувачот на планот доставил Одговор по Извештајот од Стручната ревизија од декември 2011 година. Со Решение бр.08-1140/1 од 10.03.2011 година градоначалникот на Општината донел Решение за формирање на Комисија за давање на мислење. Комисијата за давање на мислење издала мислење по Нацрт планот бр.08-863/1 од 31.01.2012 година. Изработувачот на Планот изготвил одговор по Мислењето од Комисијата, од јануари 2012 година. Градоначалникот на Општината донел Решение за организирање на јавна презентација и јавна анкета бр.08-1670/1 од 24.02.2012 година. Градоначалникот на Општината донел соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета бр.08-1670/2 од 24.02.2012 година објавено во јавни гласила. Градоначалникот на општината донел решение за формирање на Комисија за изготвување на Извештајот, број 08-1670/3 од 12.03.2012 година. Изготвен е Записник од одржаната јавна презентација по Нацрт планот бр,25-19/20 од 15.03.2012 година. Изготвен е Извештај од спроведената јавна презентација и јавна анкета на планот бр.25-19/21 од 15.03.2012 година. Изготвено е Известување за постапување по Извештајот од спроведената јавна презентација и јавна анкета бр.25-19/22 од 15.03.2012 година. НУ „Конзерваторски центар“ – Скопје, изготвил Заштитно-конзерваторски основи, бр.07-48 од 26.01.2010 година. Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство, издало Решение за одобрување на Заштитно-конзерваторски основи, бр.08-294/2 од 10.02.2010 година. НУ „Конзерваторски центар“ – Скопје, издало Мислење бр.07-780/2 од 21.12.2012 година. Град Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот – Одделение за просторно и урбанистичко планирање донел Мислење бр.13-3491/2 од 31.07.2012 година. Градоначалникот на општината донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена, бр.08-1861/1 од 22.02.2012 година. Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на потребата од спроведување на стратегиска оцена за влијанието на животната средина донело Мислење бр.11-2402/2 од 11.05.2012 година. Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство донело мислење бр.17-2163/4 од 11.09.2012 година. Дирекција за заштита и спасување – Подрачно одделение за заштита и спасување – Центар, донело Мислење бр.10-156/6 од 15.08.2012 година. Од страна на ЕВН Македонија донесено е Мислење бр.27-4/306 од 22.09.2012 година. Јавно претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје донело Мислење бр.1202-9392/2 од 31.10.2012 година „Дистрибуција на топлина“- ДООЕЛ Скопје донесе мислење бр.01-248/4 од 19.03.2012 година. АД „ГА-МА“ – Скопје донело Мислење бр.0308-1814/1 од 12.07.2012 година. АД „Македонски телеком“ – Скопје донело Мислење бр.25-249300/2 од 10.07.2012 година и Министерството за транспорт и врски дало Согласност бр.16-20160/2 од 06.11.2012 година за изменување и дополнување на Предлог-деталниот урбанистички план за Буњаковец 2 – Општина Центар-Скопје за период 2011-2016, изработен од Институт за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“- Скопје, тех.бр.69/2011 од јули 2012 година. Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Буњаковец 2, Општина Центар-Скопје, е донесена од Советот на Општина Центар на 91-вата седница одржана на 10.12.2012 година, под бр.08-9331/13 и оваа одлука е објавена во „Службен гласник на општина Центар” бр.15/2012.

IV

Според член 8 став 1 алинеи 3, 8 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, покрај другите, темелни врдености на уставниот поредок на Републиката се владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање биле уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во член 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување биле уредени во посебен дел од Законот означен и насловен II. Планирање на просторот, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата. Ставот 3 од овој член од Законот, утврдил дека графичките прикази на планот содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури. А согласно ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри. Додека во ставот 7 на член 11 од Законот е предвидено дека деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.

Во член 15-б став 1 од Законот, е пропишано дека при изработка на урбанистичките планови со кои се уредува просторот за градби со намена домување во станбени куќи процентот на изграденост на градежната парцела треба да изнесува 70%, а висината на градбата изразена во метри до венец 10,2 метри. За градби со намена домување во станбени згради процентот на изграденост треба да изнесува 70%, а висината на градбата изразена во метри до венец за градежни парцели со површина од 500 до 1000 м2 треба да изнесува најмалку 25,2 метри, а за градежни парцели со површина поголема од 1000 м2 треба да изнесува најмалку 30 метри. Површината на градежната парцела за градби со намена домување во станбени згради треба да изнесува најмалку 500 м2. Во став 2 од овој член е предвидено дека примената на параметрите од ставот 1 на овој член при изработката на урбанистичките планови е условена со нивната усогласеност со генералните урбанистички планови, обезбедување на потребниот број на паркинг места во градежните парцели, како и другите стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека во текот на донесувањето на оспорениот Детален урбанистички план испочитувани се сите фази на постапката предвидени во тогаш важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Од овие причини не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во време на донесување на оспорената одлука.

Наводите во иницијативата дека оспорениот детален урбанистички план не е усогласен со новиот Генерален урбанистички план за Град Скопје 2012-2022 година, бидејќи од стручниот елаборат со сигурност е утврдено дека границата на предметниот Детален урбанистички план не е усогласена со опфатот на градската четврт планирана со Генералниот урбанистички план за Град Скопје 2012-2022, како и дека нумеричките податоци на Деталниот урбанистички план евидентно не се во согласност со оние од Генералниот урбанистички план што претставува повреда на член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според Судот се неосновани.

Од увидот во документацијата прибавена во текот на претходната постапка, произлегува дека оспорената одлука за изменување и дополнување на предметниот Детален урбанистички план за Буњаковец 2 е донесена на 10.12.2012 година, но целата постапка за донесување на наведените измени е спроведена во текот на 2011 година и 2012 година за која Министерството за транспорт и врски дава Согласност на 06.11.2012 година, што значи пред донесување на новиот Генерален урбанистички план за Град Скопје 2012-2022 година. Оттука, предметниот Детален урбанистички план, било неопходно да е во согласност со Генералниот урбанистички план за периодот од 2002 до 2020 година кој бил во важност во време на донесувањето на оспорената одлука.

Согласно погоре наведените законски норми постои законска обврска за усогласување на постоечкиот Детален урбанистички план со новиот Генерален урбанистички план, но таа обврска стои за доносителот на актот, односно Општина Центар да пристапи кон изменување и дополнување на постоечкиот или донесување на нов детален урбанистички план, или да примени законски можности утврдени во новиот закон за урбанистичко планирање кои се предвидени за вакви ситуации.

Меѓутоа, по оценка на Судот, ова не го прави постојниот Детален урбанистички план неуставен и противзаконит бидејќи истиот бил донесен во согласност со законски пропишаната постапка предвидена со во тоа време важечкиот закон и согласно со Генералниот урбанистички план 2002-2020 што важел во време на неговото донесување, а кој повеќе не е во правна сила. Ваквата констатација дополнително се потврдува и со фактот што законодавецот со новиот Закон за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020), со цел да се заштитат темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата, како и континуитетот во урбанистичкото планирање, предвидел посебни одредби со член 22 за плански период на урбанистички планови, а со член 23 го уредил важењето на урбанистичките планови и нивна суспензија. По однос на постапката за изменување и дополнување на урбанистички планови условите ги пропишал во член 31, а во член 35 предвидел и одредби за неусогласеност на урбанистички планови.

Од анализата на член 23 од Законот за урбанистичко планирање, неспорно произлегува дека урбанистичкиот план е на сила до донесување на нов урбанистички план. Истовремено, во истиот член законодавецот го уредил прашањето во кои случаи и во каква постапка може да се суспендира примената на урбанистички план или негови делови, како и обврските на донесувачот на планот, кои се последиците, како и временските рокови, што претставува законски основ за суспензија на примена на детален урбанистички план или негови делови.

Оттука, Судот смета дека јасна е интенцијата на законодавецот, урбанистичките планови да бидат во сила до донесување на нови, со што се обезбедува континуитетот во урбанистичкото планирање, како и почитување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Имено, според Судот, со ваквата законска поставеност истовремено се обезбедува и почитување на принципот на правната сигурност на граѓаните и правните субјекти кои врз основа на урбанистичките планови користат права, односно стекнуваат права кои произлегуваат од правото на сопственост, што претставува суштинско остварување на фундаменталните принципи кои се составен дел на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста како темелни вредности.

Со законското уредување во новиот Закон за урбанистичко планирање законодавецот ги операционализирал и останатите темелни вредности на кои се повикува подносителот на иницијативата, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата. Уставот предвидел дека уредувањето и хуманизацијата на просторот како темелна вредност на уставниот поредок се операционализира преку системот на просторно и урбанистичко планирање кој меѓу другите начела се темели и на начелото на заштита на јавниот интерес. За овој принцип се води грижа во сите фази од урбанистичкото планирање, односно во постапките на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на урбанистичките планови, поради што и законодавецот предвидел изречна одредба според која со урбанистичкото планирање задолжително се штити јавниот интерес кој е приоритетен, додека приватниот интерес се обезбедува согласно со закон. Грижата за јавниот интерес се изразува и преку сложените постапки за донесување на урбанистичките планови, кои се изработуваат во различни фази и во постапка којашто треба да биде јавна, транспарентна и инклузивна, во која граѓаните непосредно учествуваат со давање на свои мислења и забелешки, со учество на стручни лица и вршење на стручна ревизија за да на крајот постапката заврши со давање согласност од надлежното министерство. На тој начин се потврдува дека планот е донесен согласно одредбите на законот и прописите донесени врз основа на законот кој важел во моментот на донесување на урбанистичките планови, односно се потврдува дека деталниот урбанистички план е во согласност со хиерархиски повисокиот урбанистички план, (генерален урбанистички план) кој бил во важност во времето на неговото донесување.

Во конкретниот случај, грижата за заштита на темелната вредност уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата и на јавниот интерес е испочитувана со неспорниот факт дека оспорената одлука е донесена во законска постапка и била во согласност со Генералниот урбанистички план кој важел во времето на донесувањето. Но, поради законската обврска за континуитет во урбанистичкото планирање, неспорно е и уставното овластување и законскиот основ за донесување на нови урбанистички планови, како во конкретниот случај Генералниот урбанистички план за Град Скопје 2012-2022. Неспорна е и законската обврска пониските планови да бидат усогласени со хиерархиски повисоките, како што во конкретниот случај наведува подносителот на иницијативата, дека оспорениот Детален урбанистички план мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план кој бил донесен по неговото донесување. Но, грижата за заштита на темелната вредност на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и на јавниот интерес, исто така, претставува континуирана обврска за сите надлежни органи од областа на урбанистичкото планирање поради што законодавецот го донел новиот Закон за урбанистичко планирање.

Од таа причина законодавецот за да го обезбеди сето ова во новиот закон предвидел законска можност за суспензија на важечки урбанистички планови или нивни делови и постапка за изменување и дополнување во точно одредени со закон, случаи, постапка и услови.

Оттука, доколку при годишната анализа на спроведувањето на плановите (што е законска обрска од член 22 точка 5 од Законот за урбанистичко планирање) се утврди дека е потребно да се изработи нова документациона основа и нови проекции на потребите за просторен развој или се утврди дека е потребно да се измени или дополни планот, или пак да се донесе нов план за нов плански период поради неусогласеност на границите на деталниот урбанистички план со опфатот на новиот Генерален урбанистички план, се поставува прашањето дали поради овие причини се доведува под сомнение уставноста и незаконитоста на целиот детален урбанистички план. Според оценката на Судот, ваквите разлики во граничниот опфат не го чинат планот неуставен.

Имено, законодавецот токму за вакви случаи го предвидел член 23 став 5 во Законот за урбанистичко планирање, според кој од урбанистички план од член 10 став 1 точките 1, 2, 3, 4 и 5, негов дел или планска одредба се суспендира од применување од страна на донесувачот на планот, доколку се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од неговата спротивставеност со законот и прописите донесени врз основа на него, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чиишто штетни последици по јавниот интерес не биле воочени во постапката за негово донесување.

Од содржината на цитираниот член произлегува дека со истиот е уредено прашањето во кои случаи и во каква постапка може да се суспендира примената на урбанистички план или негови делови, кои се обврските на донесувачот на планот, кои се последиците, како и временските рокови, што претставува законски основ за суспензија на примена на детален урбанистички план или негови делови.

Во тој контекст е и одлуката на Уставниот суд У.бр.273/2020, со која Судот ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови бр.08-1859/2 од 27.03.2019 година. Во тој случај, Судот оценил дека оспорената одлука не е во согласност со Законот за локалната самоуправа, како и со одредбите на поранешниот Закон за просторно и урбанистичко планирање, од причина што во законите на кои се повикувал Советот на Општина Центар како доносител на оспорената одлука, во нејзиниот правен основ за донесување, никаде не е законски уредена надлежноста советите на општините да можат со своја одлука да го запрат спроведувањето на деталните урбанистички планови коишто ги донеле во законска постапка и кои до донесувањето на оспорената одлука се спроведувале. Според тоа, Судот оценил дека со начинот на кој во конкретниот случај, Советот на Општина Центар, ги пречекорил своите законски овластувања, сериозно ја нарушил правната сигурност на граѓаните, што не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок, член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот – владеење на правото.

Токму за да се спречат вакви сериозни повреди на Уставот како во претходно наведената одлука на Уставниот суд, законодавецот со донесувањето на новиот Закон за урбанистичко планирање предвидел начин, постапка и услови за суспензија на детален урбанистички план или негов дел, но предвидел и законска можност за примена на детален урбанистички план во деловите во кои не е утврдена штета по јавниот интерес или несовпаѓање, непоклопување на параметри, неусогласеност со генерален урбанистички план итн. Оттука, во услови на ваква јасна законска можност и во согласност со член 51 од Уставот, уставна обврска на Советот на Општина Центар е да ги почитува Уставот и законите.

Понатаму, во предметот У.бр.81/2022, Уставниот суд веќе има заземено став според кој, законската обврска детален урбанистички план да биде усогласен со генерален урбанистички план и регулациски план доколку е донесен, ако истиот се однесува на важечки и во примена детален урбанистички план, би претставувало фактичка суспензија и неможност да се применува деталниот урбанистички план, а суспензија може да донесе само доносителот на актот во смисла на член 23 од Законот за урбанистичко планирање.

Од увидот во доставената документација, Општина Центар, како доносител на оспорената одлука, започнала постапка за суспензија во смисла на законска одредба од член 23 од новиот Закон за урбанистичко планирање, чија цел и правна смисла претставува да ги заштити правата на граѓаните со законско решение и можност за суспензија на примената на постоечкиот детален урбанистички план, или негов дел, како и со можноста за негови изменувања и дополнувања со цел да се запази и испочитува хиерархиската поставеност и усогласеност на овие два акта и истовремено да се почитува континтинуитетот во урбанистичкото планирање на просторот.

Постапувајќи согласно наведената законска норма Општина Центар изготвила Стручен елаборат бр.09-3021/1 од 25.05.2021 година за суспензија на применувањето на повеќе детални урбанистички планови, меѓу кои е и сега оспорениот. По ваквиот елаборат Министерството за транспорт и врски доставило Мислење бр.02-4216/2 од 15.06.2021 година, во кое се наведува дека стручниот елаборат за суспензија на применувањето на, меѓу другите, и на оспорениот Детален убанистички план не е во согласност со одредбите од Законот за урбанистичкото планирање. Имено, во истото се наведува дека стручниот елаборат за суспензија на урбанистички план не е во согласност со член 23 став 5 од Законот како единствен основ за суспензија на урбанистички план, негов дел или планска одредба каде суспензијата е во директна поврзаност со несомнена штета по јавниот интерес, а која со елаборатот треба да биде докажана.

Меѓутоа, доставениот Стручен елаборат според мислењето на министерот за транспорт и врски не содржел аспекти на докажана несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на деталните урбанистички планови која би се зголемувала со нивното спроведување. И покрај ваквото мислење на министерот за транспорт и врски, донесувачот на планот, Советот на Општина Центар не донел одлука за суспензија на применувањето на конкретниот детален урбанистички план негови делови или плански одредби, врз основа на елаборатот на кој се повикува подносителот на иницијативата. Во ставот 6 од член 23 е предвидено дека доносителот на планот одлуката за суспензија ја носи по претходно прибавено мислење од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, но законодавецот не предвидел дека одлуката се носи со позитивно мислење, односно дека негативно мислење на министерот би ја спречило одлуката за суспензија.

Врз основа на претходно наведената уставно-судска анализа и практика, Судот оценува дека неусогласеноста на регулациските линии меѓу генералната и деталната регулација, на што упатува иницијативата, а за која надлежниот орган утврдил дека не претставува доказ за штета за јавниот интерес (на што се однесува член 23 став 5 од Законот за урбанистичко планирање) не го прави оспорениот Детален урбанистички план спротивен на Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за урбанистичко планирање и дека од овие причини наводите во иницијативата се неосновани.

Ова, дотолку повеќе што и член 35 став 4 од Законот за урбанистичко планирање од истиот закон, уредува дека постапката за усогласување на донесен детален урбанистички план, односно на дел од детален урбанистички план што не е во согласност со генерален урбанистички план, се води согласно постапката за изменување и дополнување на урбанистички план од член 31 од овој закон. Меѓутоа, законот истовремено уредува дека додека трае постапката за усогласување, деталниот урбанистички план се спроведува во деловите што се во согласност со генералниот урбанистички план. Исто така, законодавецот во новиот закон за урбанистичко планирање за да ја испочитува законската обврска за континуитет во урбанистичкото планирање не предвидел рок во кој усогласувањето треба да биде направено од страна на доносителот на планот.

Покрај претходно наведените законски можности кои му стојат на располагање на доносителот на оспорениот акт, во однос на конкретната ситуација, во Законот за урбанистичко планирање во член 36 став 2 законодавецот предвидел и постапка за техничка исправка на урбанистички план, согласно кој техничка исправка може да се врши само поради грешка што настанала во процесот на изработување и донесување на планот, грешка во техничкото исцртување, испишување и опремување на планот, која предизвикува неусогласеност, двосмисленост или меѓусебна спротивставеност на параметри во графичкиот приказ, текстуалниот дел и нумеричкиот дел на урбанистичкиот план или неконсеквентно изостанување на податоци за поединечни градежни парцели што се уредени за сите други, односно што се согласни со задолжителната содржина на урбанистичките планови, како и други проблеми во спроведувањето на планот.

Имајќи ги предвид континуитетот во урбанистичкото планирање, како и обврската оспорениот Детален урбанистички план кој е донесен во време на важење на сега веќе надвор од правниот поредок Генерален урбанистички план за Град Скопје 2002-2020, да биде усогласен со новиот Генерален урбанистички план за Град Скопје 2012-2022, Судот оцени дека уредувањето во член 36 став 2 претставува законска можност за доносителот на оспорениот Детален урбанистички план која може да биде применета во конкретниов случај.

Од одредбите на Законот за урбанистичко планирање несомнено произлегува дека Општина Центар има законска обврска за преземање на одредени дејствија за усогласување на Деталниот со Генералниот урбанистички план. Согласно Законот, надзорот над законитоста на работата на органите на општините, општините во Градот Скопје и органите на Градот Скопје во процесот на изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови го врши органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Оттука, контролата на почитувањето и примената на законските норми и обврски за усогласување на плановите со Генералниот урбанистички план што произлегуваат од новиот Закон за урбанистичкото планирање е во надлежност на други органи, а не на Уставниот суд.

Според Судот, од изнесената правна и фактичка состојба, како и од извршената уставно-правна анализа, неспорно произлегува дека непостапувањето во согласност со закон во однос на примената на прописите од областа на урбанистичкото планирање, се фактички прашања за што законодавецот има утврдено законски права, обврски и надлежности на органите на локалната самоуправа и на централните органи. Оттука, Судот оцени дека во околности на постоење на законски можности и обврски за надлежните органи во урбанизмот и просторното планирање уредени со Законот за урбанистичкото планирање, не може да се доведе под сомнение оспорениот Детален урбанистички план по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 8 и 10 од Уставот и со член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

V.

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска