Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.25/2023
Скопје, 27.09.2023
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 70 и 73 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 27.09.2023 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВА Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 281/2022).
2. Оваa одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија во врска со иницијативата на Кристијан Габроски од Скопје, Робертино Саздов од Скопје и Ѓорѓи Крстевски од Скопје, со Решението У.бр.25/2023 од 21 јуни 2023 година поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во диспозитивот од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија.
II
На седницата Судот утврди дека Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права – Скопје (во понатамошниот текст: ЗАМП) врз основа на членовите 132 и 144 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/10, 140/10, 51/11, 147/13, 154/15 и 27/16) и член 13 став 1 точка 1 од Статутот на ЗАМП, на седницата одржана на ден 23.12.2022 година, донело Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци, кој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.281 од 26 декември 2022 година и влегол во сила на 3 јануари 2023 година.
Со член 1 од оспорениот правилник, се менува член 46 став 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“, број 141/14 и број 36/16) и истиот по промената гласи:
Траење Коефициент
1. Од 1-15 минути – 1,00
2. Од 16-20 минути – 1,50
3. Од 21-25 минути – 2,00
4. Од 26-30 минути – 2,50
5. Од 31-35 минути – 3,00 итн.
Според член 2, оспорениот правилник ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2022 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2023 година.
Согласно член 3, оспорениот правилник, по неговото донесување согласно Законот за авторското право и сродните права и Статутот на ЗАМП се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и истиот влегува во сила осмиот ден од неговото објавување.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Член 52 став 4 од Уставот предвидува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.
Во член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија е определено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со член 129 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, насловен „Индивидуално и колективно управување“, систематизиран во глава IV. Колективно управување со авторското право и сродните права, дел 1 Општи одредби, е предвидено дека носителите на авторското право и на сродните права можат да ги остваруваат правата определени со овој закон индивидуално (одделно за секое авторско дело, односно предмет на сродно право), лично, односно преку застапник или колективно (заедно за повеќе дела или предмети на сродни права и за повеќе носители на правата) преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон.
Според член 129 став 2 од Законот за авторското право и сродните права, колективното управување со правата од ставот 1 на овој член опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти.
Со член 133 точки 1), 3) и 6) од Законот за авторското право и сродните права, насловен „Обврски на организацијата“, е пропишано дека организацијата е должна да ги штити интересите на носителите на правата со кои управуваат преку следење на нивното користење во Република Северна Македонија и во странство, да донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон, како и да ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и да врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти.
Според член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, насловен „Општ акт за распределба“, систематизиран во оддел 4. Распределба на надоместоците, организацијата за колективно управување со авторските права донесува општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и статутот, односно со договорот за основање. Истиот член во став 2 предвидува дека распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, односно предметите на сродните права, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.
Во член 144 став 7 од Законот за авторското право и сродните права е предвидено дека поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите и носителите на сродните права се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година, а став 8 пропишува дека општиот акт за распределба, по неговото донесување од надлежен орган на организацијата, се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Со член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е предвидено дека Уставниот суд донесува решение за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис и друг општ акт.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби Судот утврди дека законодавецот се определил во сферата на остварување на авторските права, носителите на авторското право и на сродните права да можат да основаат правни лица кои ќе вршат колективно управување со нивните права, а кои работат во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура.
Во оваа насока, дозволата која Министерството за култура ја издава на организацијата, согласно член 132 од Законот за авторското право и сродните права, претставува доверување на вршење на јавно овластување. Притоа, државата го задржала правото на надзор над остварувањето на пренесеното јавно овластување, односно над спроведување на одредбите на Законот од страна на организациите за колективно управување, така што согласно член 181 од Законот тоа го врши Министерството за култура.
Во рамките на пренесеното јавно овластување, законодавецот ја овластил организацијата која има дозвола од Министерството за култура, меѓу другото, да донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето на авторските дела, во согласност со закон и статут, односно со договорот за основање.
ЗАМП, како единствена организација на територијата на Република Северна Македонија која врз основа на дозволата за работа издадена од Министерството за култура врши колективно управување на авторските музички права на носителите на авторски музички права како законски пренесеното јавно овластување согласно Законот за авторското право и сродните права, на 23 декември 2022 година го донел Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци, кој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 218/2022 од 26 декември 2022 година и влегол во сила на 3 јануари 2023 година.
Оспорениот пpавилник содржи три члена, од кои член 1 се однесува на поентирање на авторските дела, со истиот е изменет член 46 став 2 од Правилникот за распределба на авторски надоместоци и се предвидува ново поентирање на делата заради пресметка на авторскиот надомест. Со член 2 е утврден периодот за кој ќе важи оспорениот правилник, односно дека ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2022 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2023 година и член 3 се однесува на неговото објавување и стапување во сила.
Во конкретниот случај, врз основа на претходно наведената фактичка и правна состојба и анализата на цитираните уставни одредби, Судот утврди дека член 2 од оспорениот правилник предвидува ретроактивна примена на новиот систем за поентирање на авторските дела, што е спротивно на член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните, и на кој начин е сторена повреда и на начелото на правната сигурност како елемент на владеењето на правото. Имено, владеењето на правото како една од темелните вредности на правниот поредок предвидени со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија ги опфаќа, меѓу другото, принципот на правна сигурност и легитимни очекувања. Тоа значи дека секоја измена со ретроактивен карактер претставува повреда и на начелото на правната сигурност.
Оттука, Судот утврди дека се основани наводите на подносителите на иницијативата дека оспорениот правилник е спротивен на член 52 став 4 од Уставот, од причина што во конкретниот случај се исполнети два клучни кумулативни услови за една одредба, односно акт да се смета за неуставен, а тоа се повратното дејство и понеповолниот ефект.
Исто така, Судот утврди дека член 1 од оспорениот правилник со кој е изменет член 46 став 2 од Правилникот, е спротивен на начелото на легитимни очекувања како составен дел од владеењето на правото загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот со оглед на тоа дека предвидува пониски коефициенти за пресметка на авторскиот надомест за емитуваните авторски дела во 2022 година споредено со коефициентите што биле предвидени со Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 141/14), па оттука авторите ќе добијат помалку материјални средства од очекуваниот износ.
Имено, оспорениот правилник, кој е донесен на 23 декември 2022 година од Собранието на ЗАМП и објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.281 на 26 декември 2022 година, влегол во сила на 3 јануари 2023 година. Со член 2 од оспорениот правилник е предвидено дека истиот ќе се применува почнувајќи со распределба на авторските надоместоци за 2022 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2023 година. Оттука, исполнет е првиот услов од горенаведените два клучни кумулативни услови за една одредба, односно акт да се третира за неуставен. Имено, истиот има ретроактивното дејство со оглед на тоа дека е предвидено правилник што влегол во сила на 3 јануари 2023 година дека ќе се применува за распределба на авторските надоместоци за 2022 година, што значи дека ќе се применува за период во кој важеле други коефициенти за поентирање на емитуваните авторски дела. Во однос на вториот услов, а тоа е понеповолен ефект, судот утврди дека истиот е исполнет од причина што со член 1 од оспорениот правилник се предвидени пониски коефициенти за пресметка на авторскиот надомест за емитуваните авторски дела во 2022 година, и како резултат на ова авторите ќе добијат помалку материјални средства од очекуваниот износ.
Измените направени со оспорениот правилник единствено можат да се однесуваат на идните правни односи кои ќе се воспостават по влегувањето во сила на истиот, но не и да се однесуваат и да ги менуваат претходно создадените правни односи.
Врз основа на наведеното, Судот утврди дека оспорениот правилник има повратно дејство, што не е дозволено од причина што е понеповолно за субјектите на кои се однесува и како резултат на ова, истиот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.
Воедно, Судот утврди дека со донесување на Одлуката за усвојување на општата пресметка за распределба на прибираните авторски надоместоци по основ на право на јавно соопштување на музичките несценски дела за 2022 година број 0201-459/9 од 30 март 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“, бр. 77/2023), е применет оспорениот правилник, со што настапиле штетни последици за носителите на авторски музички права како засегнати страни.
Исто така, Судот при одлучувањето имаше предвид дека три недели по поведувањето на постапката за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник со донесување на Решението У.бр. 25/2023 на 21 јуни 2023 година, Собранието на ЗАМП на 11.07.2023 година донесе нов Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023). Со цитираниот правилник се извршени пообемни измени и дополнувања, меѓу кои и на член 46 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 141/14 и 36/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 281/22). Имено, со член 6 од новодонесениот Правилник се менува член 46 на начин што се утврдува нов начин на поентирање на делата и пресметка на авторскиот надоместок, кој ќе започне да се применува со распределбата на авторските надоместоци за 2023 година, што ќе биде утврдено со општата пресметка во 2024 година. Оттука, со донесување на новиот Правилник не се отстранети штетните последици кои настапиле со примената на оспорениот правилник со оглед на тоа дека авторските надоместоци за 2022 година, а за кои е направена општа пресметка во 2023 година, се пресметани врз основа на претходниот начин на поентирање и пресметка за распределбата на авторските надоместоци, утврден со оспорениот правилник.
Притоа, Судот го ценеше и фактот дека со последната измена на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 141/14 и 36/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 281/22), престанале да важат одредбите од членовите 1, 2 и 3 од оспорениот Правилник за измени и дополнувања на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 281/2022), но утврди дека не се исполнети условите Судот да ја запре постапката согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот бидејќи во време на важењето на оспорениот правилник за кој Судот утврди дека е противуставен, со извршената пресметка на авторските надоместоци настапиле штетни последици за засегнатите страни што можат да бидат отстранети само со поништување на оспорениот правилник.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска