У.бр.100/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.100/2023
Скопје, 27.09.2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 27 септември 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Правилникот за висината на трошоците во постапката за издавање на дозвола за користење простор, дозвола за ограничено користење на ГМО класа 2 или дозвола за ограничено користење на ГМО класа 3 и/ или класа 4 („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.3/2023).

Образложение

I

Министерот за правда до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на прописот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека овој пропис, заведен под број У.бр.12-2960/3 е донесен на ден 23 декември 2022 година, а истиот бил објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.75 од 5 јануари 2023 година, во кој период биле изминати повеќе од седум дена, со што не е испочитуван уставниот рок за објавување на прописите во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Со иницијативата се бара поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот акт како спротивен на член 52 од Уставот.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот пропис.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 16 став (15) од Законот за генетски модифицирани организми („Службен весник на Република Македонија’’ бр.35/08, 163/13, 146/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.150/21), министерот за животна средина и просторно планирање го донел оспорениот Правилник за висината на трошоците во постапката за издавање на дозвола за користење простор, дозвола за ограничено користење на ГМО класа 2 или дозвола за ограничено користење на ГМО класа 3 и/или класа 4 („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.3/2023).

Во член 1 од Правилникот е предвидено дека со овој правилник се пропишува висината на трошоците во постапката за издавање на дозвола за користење на простор, дозвола за ограничено користење на ГМО класа 2 или дозвола за ограничено користење на ГМО класа 3 и/или класа 4.

Со член 2 се предвидува дека висината на трошоците во постапката за издавање на дозвола за користење на простор, дозвола за ограничено користење на ГМО класа 2 или дозвола за ограничено користење на ГМО класа 3 и/или класа 4 изнесува 27.000 денари како еднократен износ и тоа за: трошоците за работа на Научниот комитет за ГМО во постапката за издавање на дозвола за користење на простор, дозвола за ограничено користење на ГМО класа 2 или дозвола за ограничено користење на ГМО класа 3 и/или класа 4 -22.000 денари и реално направените трошоци на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина – 5.000 денари од кои за коверти 500 денари, хартија во А4 формат 2.100 денари и тонери за принтер 2.400 денари.

Според член 3, овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Правилникот е донесен од министерот за животна средина и просторно планирање под У бр. 12-2960/3 од 23 декември 2022 година и е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.3/2023 од 05.01.2023 година.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставувањето на владеењето на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Самото објавување на законите и другите прописи претставува чин на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Имено, со донесувањето на прописот и негово објавување во службено гласило од јавен интерес, прописот станува применлив акт.

Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот на Република Северна Македонија утврдил обврска, но и рок тие да се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” како службено гласило на Републиката.

Одредбата за објавувањето на законите и другите прописи во Уставот е предвидена во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранциите на основните слободи и права. Овој факт укажува дека Уставот, на објавувањето на законите и другите прописи не приоѓа како на техничко прашање, туку на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Уставната гаранција за објавувањето на законите и другите прописи се афирмира токму преку одредување на временска рамка заради интензивирање на самата постапка на објавувањето.

Оспорениот правилник кој е предмет на уставно судска оцена, е заведен под архивски број У бр. 12-2960/3 од 23 декември 2022 година. Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање на 27.12.2022 година бил испратен до Секретаријатот за законодавство и на 29.12.2022 година истиот бил уредно примен од страна на Секретаријатот. Актот бил објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.3/2023 од 5 јануари 2023 година.

При таква фактичка состојба, Судот оцени дека е пречекорен уставно пропишаниот рок од седум дена за објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“, поради што основано се поставува прашањето за уставноста на овој правилник, односно неговата согласност со член 52 од Уставот на кој се повикува подносителот, како и неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска