УЛОГАТА НА УСТАВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО ЗАШТИТАТА НА ПРИВАТНАТА СФЕРА НА ГРАЃАНИНОТ
Почитуван претседател на Уставниот суд на Црна Гора,
Почитувани колеги,
Почитувани претставници на Фондацијата ИРЗ,
Дозволете во мое и во име на моите колеги – судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да се заблагодарам на поканата за учество на овој настан и можноста да имам излагање за несомнено важно прашање кое се однесува на слободите и правата, во делот на уставно-судската заштита. Секако, на каков било обид од правен аспект да се разработи и изложи оваа тема, нужно му претходи разгледувањето на улогата на поединецот во општеството, а таа има двоен облик. Едниот се манифестира преку членувањето во таа заедница, каде е дел од колектив во кој има интеракција со другите членови и општествените структури заедно именуван како јавна сфера на општествено дејствување и кое има за цел остварување на заедничките цели и вредности.
Вториот, е т.н. приватна сфера, која е свртена навнатре кон самиот поединец во која без вмешување од кој било, вклучувајќи ја и државата, има лична автономија и самостојност заради зачувување и заштита на неговиот физички и морален дигнитет и интегритет. Во овој простор, тој слободно и суверено ги гради своите погледи кон светот, има непречена и слободна комуникација, ги негува семејните врски и живее во дом чија неповредливост е неприкосновена.
Поединецот има легитимни очекувања да го ужива сето ова, но и да бара заштита преку општествените механизми што произлегува од неговиот статус на граѓанин. Од друга страна, покрај тоа што државата има обврска да се воздржи од попречување во остварувањето на овие права, има и обврска да создаде правна и институционална рамка којашто ќе го гарантира ова и ќе предвиди санкции за тие кои ќе ги пречекорат границите и ќе навлезат во личниот простор.
Ова е од врвно општествено значење затоа што остварувањето, гарантирањето и заштитата на целокупната приватна сфера, не само што овозможува реализација на физичката и духовната природа на поединецот, туку е основ и предуслов за другите слободи и права, а особено за оние од политичка природа.
Теоретски гледано, концептот за правото на приватност за првпат се јавува во познатата статија на двајцата американски автори Семјуел Д. Ворен и Луис Д. Брандајс, објавена на крајот на XIX век со наслов „Правото на приватност“, во која ја разгледуваат суштината и содржината на ова право, како и начините за негова правна заштита.
Меѓу другото, двајцата автори наведуваат „Интензитетот и сложеноста на животот како последица на цивилизацискиот напредок имаат за последица да се бара засолниште од светот, а човекот под влијание на културата, стана почуствителен на публицитетот, па осаменоста и приватноста станаа поважни за поединецот; модерниот живот и новите пронајдоци преку навлегување во неговата приватност, му предизвикуваат ментална болка и немир, далеку поголеми од обична телесна повреда.“
За одбележување е тоа што по Втората светска војна, повеќе меѓународно-правни документи ја препознаваат важноста на приватната сфера, како што се: Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации од 1948 година, Европската конвенција за заштита на правата на човекот, потпишана во 1950 година, а која влезе во сила во 1953 година и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права од 1966 година.
Универзалната декларација за човекови права е прв акт од ваков карактер, кој иако изречно не го споменува правото на приватност, во член 12 предвидува дека никoj нe смее дa бидe излoжeн нa прoизвoлнo вмeшувaњe вo нeгoвиoт привaтeн и сeмeeн живoт, дoмoт или прeпискaтa, ниту пaк нa нaпaди врз нeгoвaтa чeст и углeд, како и дека сeкoj имa прaвo нa прaвнa зaштитa oд тaквoтo вмeшувaњe или нaпaди.
Европската конвенција за заштита на правата на човекот во која е содржан член 8 (насловен „Право на почитување на приватниот и семејниот живот“), кој го предвидува правото на секој човек на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката, но и забранува мешање од јавната власт, освен во одредени случаи точно наведени во вториот став од овој член.
И на крајот, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, во член 17 предвидува дека никој не може да биде изложен на самоволно и незаконско мешање во неговиот приватен живот, семејство, стан или преписки, ниту на противзаконити напади на неговата чест и углед.
Овие документи, секако имаа влијание и на национално ниво, па државите со демократско уредување, во своите устави, исто така, ги предвидоа и слободите и правата од приватната сфера.
Тоа е случај и со Уставот на нашата држава, кој најпрвин во Амандманот IV со кој е заменета Преамбулата на Уставот од 1991 година, како една од намерите за донесување на овој највисок правен акт, покрај „гарантирањето на човековите права и граѓански слободи“ е наведен и „напредокот на личниот живот“.
Во нормативниот текст, пак, сите слободи и права од приватната сфера се систематизирани во делот за граѓански и политички слободи и права од одделот II „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“. Притоа, во Уставот само во член 25 се споменува приватноста, каде на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на истата и тоа на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Меѓутоа, како што беше изложено погоре, доколку во услови на вакво уставно нормирање би бил направен осврт само на оваа уставна одредба, тоа би бил претесен пристап со оглед на тоа дека постојат и други одредби кои се однесуваат на приватната сфера, а од друга страна во уставниот текст не постои посебно право на приватност кое би било сеопфатно.
Па така, во рамките на овој контекст покрај горната уставна одредба, може да се наведат и: неприкосновеноста на животот на човекот (член 10 став 1); неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот (член 11 став 1); неприкосновеноста на слободата на човекот (член 12 став 1); гарантирањето на слобoдата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, како и слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации (член 16 став 1 и 3); гарантирањето на слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација (точка 1 од Амандманот XIX на Уставот); гарантирањето на сигурноста и тајноста на личните податоци, како и гаранција за заштита од повреда на личниот интегритет што произлeгува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците (член 18 став 1 и 2); гарантирање на слободата на вероисповеста (член 19 став 1) и гарантирањето на неповредливост на домот (член 26 став 1).
При постоење на вака поставена уставно-правна рамка, на Уставниот суд на Република Северна Македонија, му е доверена заштитата на овие слободи и права, која во најголем дел се остварува преку надлежноста за оцена на уставноста и законитоста и индивидуалната заштита на одредени уставни слободи и права.
Во остварувањето на своите надлежности, пред сè, Судот има улога на толкувач на уставните норми, на начин што ја определува нивната содржина и опфат, границите за јавната власт и нејзините обврски, при што јасно и недвосмислено диференцира група на слободи и права кои се дел од приватната сфера.
Притоа, не се задржува само на конкретната норма, туку ги зема предвид и темелните вредности на уставниот поредок (меѓу кои се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот), останатите одредби од Уставот, но и претходно споменатите меѓународно-правни документи. Во однос на последното, мора посебно да се посочи на влијанието на општите принципи на Европската конвенција и праксата на Европскиот суд, кои Судот, исто така, ги има предвид.
Така, во предметот У.бр.65/2001 разгледувајќи ја уставноста на дел од одредба од Законот за нотаријатот, се наведува „…на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста. Почитувањето се однесува на должноста и обврската на секого спрема другиот, а заштитата е основа за должност и обврска на државните органи да ја обезбедат приватноста со својата непосредна активност или посредно по барање на граѓанинот пред судските и другите власти кога приватноста е повредена или загрозена.“
Но, Судот во оваа своја одлука, продолжува, дефинирајќи ги границите за вмешување „Почитувањето на личниот живот на граѓанинот е основа за забрана на кој и да е да се меша во личното однесување на човекот и во неговото определување односно личниот живот е приватна работа на човекот во која никој не може да се меша, освен во случаи кога изразувањето на личноста и однесувањето на личноста ги доведува во прашање општоприфатените норми во општеството.“
Посебно, она што е една од основните одлики на уставно-судското толкување е дека уставните норми се разгледуваат од аспектот на поединецот и заштитата на неговата индивидуалност која може да се оствари само преку гарантирањето на слободите и правата. Како пример, може да се наведе Одлуката У.бр.251/2009 од 14 јули 2010 година, каде Судот, меѓу другото, наведува „Имајќи ја предвид содржината на наведените членови на Уставот произлегува дека тие ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човековата личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Во таа смисла, човековото достоинство не е само едно од субјективните човекови права и препознатливо во Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.“
Во овој дел мора да се изнесе и ставот на Судот во делот на важноста на заштитата на приватноста во делот на семејниот и личниот живот „Гарантирањето на оваа приватност подразбира забрана за јавно изразување на тајни настанати во личниот и семејниот живот и тоа не само со забрана за јавно изнесување туку и забрана на несоодветен начин да се дојде до сознанија или информации за приватниот семеен живот на човекот и граѓанинот.“
Што се однесува на толкувањето на уставните норми со земање предвид на Европската конвенција и праксата на Европскиот суд, Судот се има изјаснето повеќепати. Така, оценувајќи ја уставноста на повеќе одредби од Законот за електронските комуникации во предметот У.бр.139/2010 за кои одлучи да ги поништи, во овој дел е наведено „Поаѓајќи од член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, а имајќи го предвид значењето на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи не само како дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија, туку поради општите принципи на кои се потпира и ги промовира, Судот укажува дека интерпретацијата на релевантните уставни одредби треба да се потпира на тие општи правни принципи, содржани во Конвенцијата и интерпретирани во праксата на Судот за човекови права во Стразбур, што впрочем е веќе изразен став на Судот во Одлуката У.бр.31/2006 од 1 ноември 2006 година и Решението У.бр.28/2008 од 23 април 2008 година.“
Мора да се нагласи дека уставно-судското толкување нема само значење по однос на конкретната одлука, туку тоа станува дел од судската пракса која во иднина треба да се почитува при разгледувањето на исти или слични прашања.
Потоа, тоа е патоказ за доносителите на пониските норми, за оние кои треба во пракса да го применуваат правото, како и за граѓаните чии слободи и права се во прашање. Ваквото толкување, понекогаш е начинот преку кој статичноста на уставните одредби се прилагодува и проширува на изменетите општествени околности во однос на оние кога биле донесени тие одредби што е често случај и со слободите и правата од приватната сфера. Но, тоа не треба да го претвори Судот во втор уставотворец и да се излегува од самата суштина на нормата.
Понатаму, во рамките на остварувањето на својата надлежност за оценување уставност и законитост, Уставниот суд има улога и да ги утврди стандардите кои треба да ги исполнуваат пониските норми кога уредуваат прашања кои се однесуваат на приватната сфера. Тоа го прави преку своите образложенија во кои се даваат објаснувања за тоа како Судот дошол до својата одлука и се изложуваат причините за тоа.
Така, оценувајќи ја уставноста на повеќе одредби од Законот за електронските комуникации во претходно наведениот предмет У.бр.139/2010, изразен е следниот став „Одредбите со кои се уредува областа на следење мора да бидат во доволна мера прецизни и предвидливи, не трпат импровизации и толкување за да не претставуваат закана за следење на секого на кого тој закон може да се примени и да не навлезат на неуставен и незаконит начин во почитувањето на правото на коресподенцијата и слободата на општење на граѓаните.“
Во продолжение, во истата одлука во рамките на овој контекст, Судот се осврнува и на тоа какви стандарди треба да исполнува и законската рамка, при што се наведува „…законската регулатива која се однесува на примена на мерките за следење на комуникациите треба да содржи кристално јасна претстава за околностите и условите под кои јавната власт е овластена да прибегне кон употреба на ваква мерка, начинот на кој се прави следењето, случаите во кои следењето на комуникациите има своја оправданост, органот кој дава наредба за следење на комуникациите. Сето останато оди во правец на неограничена моќ и е во спротивност со принципот на владеењето на правото“.
Дополнително, во образложението на истата одлука, Судот укажува на уставно неприфатливиот начин на уредување од страна на законодавецот во делот на дефинициите на поимите содржани во овој закон. Па, така се наведува „Меѓутоа, законодавецот, наместо да се задржи на дефинирање на употребените изрази во Законот навлегува во нормативно уредување и му обезбедува овластување на Министерството за внатрешни работи за следење на комуникациите без упатување на начинот на кој тоа треба да се спроведе, органот кој треба да ја даде наредбата, времетраењето на преземената мерка, случаите во кои е уставно-правно дозволено јавните власти да навлезат во сферата на приватност на граѓаните и да се отстапи од уставно гарантираната приватност.“
Друг аспект е тоа што Судот е тој што оценува дали ограничувањето на приватноста е оправдано. Во случаите кога предмет на оценка се ограничувањата на определени слободи и права на граѓаните, Уставниот суд го применува тестот на пропорционалност со цел да утврди дали постои легитимна цел за донесување на таквите одредби и дали истите имаат објективно и разумно оправдување, односно дали се пропорционални со целите што доносителот на актот сакал да ги постигне.
Од друга страна, Уставниот суд во одредени случаи оценува дали се исполнети уставните услови за ограничување на слободите и правата, кои се утврдени од самиот Устав.
На пример, по однос на неповредливоста на домот, е предвидено дека тоа може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето (член 26 став 2).
Во овој контекст, како пример може да се наведе Одлуката У.бр.40/2003 од 30.06.2004 година, каде не само што е оценувано дали е исполнет уставниот услов, туку самиот Суд го дефинира опфатот на уставниот поим „дом“ проширувајќи го и на деловниот простор. Имено, се наведува „Поаѓајќи од значењето на домот како услов за живот и работа на човекот, неповредливоста на домот, Уставот ја гарантира на начин што неповредливоста може да биде ограничена само со одлука на суд и кога е во прашање откривање и спречување на кривично дело или заштита на здравјето. Меѓутоа, имајќи го предвид фактот што Уставот од една страна предвидува максимална иако не апсолутна неповредливост на домот, а Законот за кривичната постапка во член 198, покрај другите истражни дејствија предвидува и претрес на дом и други простории на обвинетиот, Судот смета дека уставната гаранција за неповредливоста на домот треба да се протега и на неповредливоста на други простории. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека со претресувањето на деловните простории од страна на овластените лица на финансиската полиција без налог на судот се доведува во прашање начелото на неповредливоста на домот, поради што утврди дека член 6 став 1 точка 4 од Законот не е во согласност со одредбите на членовите 8 и 26 од Уставот.“
Потоа, по однос на слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација, Уставот предвидува дека само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдени со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и на сите други облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката (став 2 од точка 1 на Амандманот XIX на Уставот).
Во оваа смисла, како пример може да се наведе Решението У.бр.160/1998 од 25 ноември 1998 година, со кое Судот одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на втората реченица од член 70 на Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” бр.15/97), со која се предвидувал исклучок од правилото обвинетиот кој се наоѓал во притвор да може слободно и без надзор да се допишува и разговара со својот бранител. Имено, истражниот судија во текот на истрагата, ова право можел да го подложи на надзор ако притворот бил одреден по основ на член 184 став 1 точка 2, а постои сомнение дека обвинетиот ќе го злоупотреби општењето со бранителот.
Во своето образложение, Судот наведува „Со оглед на тоа што втората реченица од член 70 на Законот предвидува надзорот да не ја прекинува комуникацијата помеѓу обвинетиот, кој е во притвор, и неговиот бранител, ниту пак активно влијае на неа, туку само пасивно спречува да се злоупотреби таа комуникација во одредена насока, при што таа состојба е привремена и претставува одлука на суд, Судот оцени дека таквата законска одредба не го доведува во прашање правото на лицето лишено од слобода да има бранител во судска постапка, ниту пак тајноста во комуницирањето бидејки тоа ограничување е врз основа на судска одлука, ниту пак самостојноста и независноста на адвокатурата.“
Од друга страна, Уставниот суд е тој што во услови на воена или вонредна состојба, оценува дали слободите и правата се неосновано ограничени. Имено, согласно член 54 став 4 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата (во воена и вонредна состојба м.з.) не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповедта.
Ова беше случај за време на пандемијата од КОВИД-19, кога пред Судот беа разгледувани стотици предмети во врска со уредбите со законска сила донесени од Владата. За Уставниот суд не беше од уставно-правен аспект спорно овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила, но укажа дека тоа овластување не е неограничено и не смее да се однесува особено на оние права кои не можат да бидат дерогирани во какви и да било околности.
Исто така, Судот во рамките на оценувањето на уставноста и законитоста, оценува дали со законот или прописот основано е ограничен приватниот во однос на јавниот интерес. Во своето Решение У.бр.99/2015 од 7 јули 2015 година, Судот наведува „Неспорно е дека задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото на поединецот да одлучува за дејствијата кои се однесуваат на неговата личност и тело, правото на заштита на физичкиот интегритет (член 11 од Уставот) и правото на доброволно медицинско лекување. Но, според Судот, таквото ограничување е дозволено и пропорционално во однос на резултатот кој се постигнува и е неопходно и легитимно во едно демократско општество бидејќи има за цел заштита на јавната сигурност, здравјето, правата и слободите на другите лица, при што користа од задолжителната вакцинација за здравјето на поединците и припадниците на пошироката заедница ги надминува последиците од вмешувањето (ограничувањето) на уставните права на поединците.“
Покрај тоа, Уставниот суд е тој што одлучува за правната судбина на законот или прописот, односно нивни одделни одредби, за кои ќе утврди дека ги повредиле уставните слободи и права кои се однесуваат на приватната сфера на граѓанинот.
Согласно член 112 став 1 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Според вториот став, Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.
Станува збор за две различни ситуации, кои имаат влијание врз престанувањето на важноста на законот или прописот. Со укинувањето, одлуката на Судот има важност ex nunc (отсега, па во иднина), додека со поништувачката одлука има ретроактивно дејство ex tunc (актот престанува да важи од моментот на донесувањето).
Во овој дел, Деловникот на Судот, дава насоки како треба да се постапи. Така, во член 73 од овој акт е предвидено дека при одлучувањето дали законот, прописот или општиот акт ќе го поништи или ќе го укине Уставниот суд, ќе ги земе предвид сите околности што се од значење за заштитата на уставноста и законитоста, а особено тежината на повредата и нејзината природа и значење за остварување на слободите и правата на граѓаните или за односите што се воспоставени врз основа на тие акти, правната сигурност и други околности од значење за одлучувањето.
Токму, водејќи се од тежината на повредата и значењето за уставните слободи и права, во предметот У.бр.139/2010 кој беше наведен погоре, Судот одлучи да поништи повеќе одредби од Законот за електронските комуникации.
Понатаму, преку обврската за извршување на одлуките на Уставниот суд, се отстрануваат констатираните повреди при оценувањето на уставноста. Имено, одлуките на Судот и неговите ставови изразени во тие одлуки, мора да се почитуваат и државните органи и другите носители на јавни овластувања се должни да преземат соодветни дејствија во согласност со нив или пак да ги запрат дејствијата за кои е констатирано дека повредуваат одредени уставни слободи и права. Тоа е од значење и за владеењето на правото, бидејќи почитувањето и постапувањето по одлука во која е констатирано дека одредена одредба е спротивна на Уставот и/или на закон или пак е сторена повреда на слободите и правата е подеднакво важно, како и почитувањето на Уставот и законите.
И на крајот, пред Судот може да се иницира индивидуална постапка за заштита на одделни слободи и права од приватната сфера наведени во член 110 алинеја 3 од Уставот, како што се слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Тоа е постапка уредена со Деловникот на Судот, која започнува со поднесување барање за заштита од страна на граѓанин, за повреда сторена со поединечен правосилен или конечен акт или дејствие на носител на јавно овластување.
Меѓутоа, ваквата уставна заштита не е целосна, односно сеопфатна. Како пример може да се наведе случајот од пред неколку години, кога на јавноста во Република Северна Македонија ѝ беа презентирани докази за масовно кршење на приватноста над дваесет илјади граѓани чија комуникација била неовластено прислушувана од страна на структури во Министерството за внатрешни работи. Притоа, преку овие нелегално прислушувани разговори имаше масовно кршење на слободите и правата од приватната сфера, заради што голем број граѓани трпеа последици.
За жал, поради ограниченоста на индивидуалната уставно-судска заштита само на одделни уставни слободи и права, овие граѓани беа лишени од можноста да се обратат пред Уставниот суд и да бараат заштита.
Во насока на надминување на ова, мојот став е дека преку уставна реформа со воведување на посебен инструмент – уставна тужба ќе се прошири опсегот на заштита на сите слободи и права од страна на Уставниот суд, утврдени со Уставот.
Ви благодарам на вниманието!