У.бр.131/2022-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.131/2022
Скопје,13.09.2023

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 47 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 13 септември 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 6 став 2 во делот „во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка од член 5 став 3 од овој закон“ од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани за справување со енергетската криза („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.246/2022).

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија во врска со иницијативата на Славко Лазовски од Скопје, со Решението У.бр.131/2022 од 23 мај 2023 година поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

II

Собранието на Република Северна Македонија, како доносител на оспорениот закон, по истекот на предвидениот рок, достави до Уставниот суд на Република Северна Македонија одговор на наводите од Решението за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот.

На седницата на Судот одржана на 13 септември 2023 година, предлогот да се утврди дека оспорениот дел од одредбата во време на важењето не бил во согласност со Уставот, не го доби потребното мнозинство на гласови.

На седницата Судот утврди дека Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани за справување со енергетската криза бил темпорален закон кој важел четири месеци од денот на неговото објавување (16 ноември 2022), така што неговата примена е исцрпена заклучно со месец март 2023 година. Оттука, на седницата Судот констатираше дека во времето на донесувањето на Решението У.бр.131/2022 од 23 мај 2023 година со кое поведе постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2 во делот „во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка од член 5 став 3 од овој закон“, Законот веќе бил вон сила.

Од тие причини беше даден предлог Уставниот суд да ја запре постапката врз основа на член 47 алинеја 3 од Деловникот, поради тоа што поведувањето на постапката било засновано врз погрешно утврдена фактичка состојба, кој предлог го доби потребното мнозинство гласови.

III

Врз основа на наведеното, Судот со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска