Дневен ред за 35. седница закажана за 3 октомври 2023 година

На 3 октомври (вторник) во 10 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 35. седница со дневен ред на кој се предвидени шест иницијативи за оценување на уставност и законитост.

  1. Реферат У.бр.94/2023

Оспорен акт: Член 24 став 1 од Законот за измена и дополнување на Законот за здолжително капитално финансирано пензиско осигурување во делот „или во текот на осигурувањето имале стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење”.

-Член 1 точка в од Правилникот за пренос на средства по престанок на членство во задолжителен пензиски фонд во делот „или во текот на осигурувањето имале стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење”.

-Член 7 став 1 од Правилникот за пренос на средства по престанок на членство во задолжителен пензиски столб во делот „или во текот на осигурувањето имале стаж на осигурување кој се смета за зголемено траење”.

-Член 7 став 2 од Правилникот за пренос на средства по престанок на членство во задолжителен пензиски столб во целост.

Подносител на иницијативата:  Синдикална организација на Самостоен Синдикат М-НАВ застапувани од адвокат Хари Ајцев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека оспорениот член 24 став 1 е спротивен на начелото на правна сигурност, бидејќи граѓаните се ставени во ситуација да не знаат како ќе се третираат нивните средства во вториот пензиски столб заради дискрециона волја на државата. Подносителот смета дека е недозволиво државата да им го укине членството  во вториот пензиски столб само затоа што имале бенифициран работен стаж во својата работна кариера, макар и еден ден. Се наведува дека тој член 24 став 1 има ретроактивно дејство бидејќи се одземаат средства наменети за пензија од осигуреник кои се акумулирале согласно дотогаш важечките одредби и немало можност да пристапи кон вториот задолжителен пензиски фонд. Според иницијативата се нанесува штета на личниот имот на лицата со бенефициран стаж. 

  1. Реферат У.бр.81/2023

Оспорен: Член 41-а од Законот за средното образование

Подносител на иницијативата:  Лука Павиќевиќ

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорениот член од Законот за средното образование се дискриминирани учениците во приватните средни училишта во поглед на правото на користење на јавниот превоз, иако според Уставот образованието е достапно на секого под еднакви услови. Дополнително оспорен е и членот со кој се овозможува бесплатен јавен превоз само на учениците чиешто живеалиште е оддалечено од училиштето над 2,5 километри.

  1. Реферат У.бр.136/2023

Оспорен акт: Член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации

Подносител на иницијативата:Љупчо Георгиевски преку адвокат Насер Рауфи

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорената одредба има ретроактивно важење и создава правна несигурност, затоа што се предвидува во рок од три месеци веќе регистрирани здруженија или фондации да ги усогласат името, назиот, програмата, целите и дејностите со оспорениот Закон. Се наведува дека Здруженијата кои веќе се регистрирани ги губат своите права.

  1. Реферат У.бр.3/2023

Оспорени:

-Одлука со која се утврдува нивото на гравитирање на јавните паркиралишта, катни гаражи и јавни површини наменети за паркирање на привилигирани категории корисници,  јуни 2022 година од Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Градски паркинг-Скопје

– Одлука за дополнување на одлуката со архивски број 02/134/6 од 28 февруари 2020 година донесена од Управниот одбор на 2 јуни 2022 година.

Подносител на иницијативата: м-р Младен Трајков

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорената Одлука е незаконита и е во спортивност со надлежностите и овластувањата на ЈП Градски паркинг Скопје, бидејќи се овозможува на новоизградените згради да го узурпираат просторот кој според него припаѓа на жителите од неколку згради кои имаат дозвола од 1993/1994 година од кога се изградени, бидејќи инвеститорот на новоизградените згради не обезбедил паркинг места. 

  1. Реферат У.бр.110/2023

Оспорен: Одлуката бр.07-9331/10 од 10.12.2012г. за изменување и дополнување ДУП Буњаковец 2, плански период 2011-2016

Подносител на иницијативата: Сузана Јошевска, адвокатка и Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар”

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се тврди дека оспорената одлука за конкретни измени на ДУП Буњаковец 2 е во спротивност со Генералниот урбанистички план, односно дека границата на ДУП-от не е усогласена со опфатот на градската четврт планирана со ГУП, како и дека нумеричките податоци на ДУП-от се неусогласени со оние од ГУП-от. Подносителите наведуваат дека поради овие околности се прави груба повреда на член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање. 

Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесената одлука за ДУП е во спротивност со владеењето на правото содржано во членот 8 од Уставот, како и дека е во спротивност со членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање. 

Овие предмети се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница. 

  1. Реферат У.бр.102/2023

Оспорен акт: Упатството за доставување податоци и информации за платежната статистика

Доносител на актот: Народна банка на Република Северна Македонија

Во иницијативата се оспорува рокот на објавувањето на актите во Службен весник, како спротивен на Уставот. Подносителот наведува дека оспорениот акт е неуставен бидејќи со него е повреден членот 52 од Уставот, кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување”.