У.бр.104/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.104/2023
Скопје, 13 септември 2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 13 септември 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Упатството за изменување и дополнување на Упатството за спроведување на одлуката за методологијата за управување со ликвидносниот ризик („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.75 од 07.04.2023 година).

Образложение

I

Министерот за правда, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на прописот означен во диспозитивот на ова решение.

II

На седницата Судот утврди дека оспорениот акт е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 75 од 7 април 2023 година и истиот ја има следната содржина:
– Врз основа на член 48 став 1 точка 3 и член 68 став 3 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 123/12, 43/14, 153/15, 6/16 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/21) и точка 70 став 3 од Одлуката за методологијата за управување со ликвидносниот ризик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 146/20 и 57/23), гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, донесе

У П А Т С Т В О
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УПАТСТВОТО ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА МЕТОДОЛОГИЈАТА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЛИКВИДНОСНИОТ РИЗИК

1. Во Упатството за спроведување на Одлуката за методологијата за управување со ликвидносниот ризик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 314/20), во точката 55, потточка 55.1, зборовите: „2 и 3“ се заменуваат со зборовите: „2, 3 и 4“.
Во потточката 55.7.1, алинејата 2 се менува и гласи:
„Во редот бр. 2.5.1.2 „нефинансиски лица“ се внесува износот на преземените вонбилансни обврски за кредитирање на нефинансиските лица, со исклучок на физичките лица и на малите друштва коишто се дел од портфолиото на мали кредити и ги исполнуваат условите од точката 42 став 1 алинеја 2 од Одлуката;“.
Во потточката 55.7.2, алинејата 2 се менува и гласи:
„Во редот бр. 2.5.2.2 „нефинансиски лица“ се внесува износот на преземените вонбилансни обврски за ликвидносна поддршка на нефинансиските лица, со исклучок на физичките лица и на малите друштва коишто се дел од портфолиото на мали кредити и ги исполнуваат условите од точката 42 став 1 алинеја 3 од Одлуката;“.
2. Извештајот за паричните одливи (образец ВПО) се заменува со нов образец којшто е составен дел на ова упатство.
3. Ова упатство влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

У.бр.02-10491/1                                                                                                   Гувернер
20 Март 2023 година                                                                            и претседавач на Советот
Скопје                                                                                     на Народната банка на Република Северна Македонија,
д-р Анита Ангеловска-Бежоска, с.р

Во прилог како составен дел на упатството е Извештај за паричните одливи – (Образец ВПО).

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставувањето на владеењето на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Самото објавување на законите и другите прописи претставува чин на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Имено, со донесувањето на прописот и негово објавување во службено гласило од јавен интерес, прописот станува применлив акт.

Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот на Република Северна Македонија утврдил обврска, но и рок тие да се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” како службено гласило на Републиката.

Одредбата за објавувањето на законите и другите прописи во Уставот е предвидена во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранциите на основните слободи и права. Овој факт укажува дека Уставот, на објавувањето на законите и другите прописи не приоѓа како на техничко прашање, туку на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Уставната гаранција за објавувањето на законите и другите прописи се афирмира токму преку одредување на временска рамка заради интензивирање на самата постапка на објавувањето.

Неспорно е дека во Упатството кое е предмет на уставно- судска оцена, не е наведен денот на неговото донесување. Меѓутоа, истото е заведено под архивски број У бр. 02-10491/1 од 20 март 2023 година, што како дејствие секогаш следи и е условено со претходно донесување на прописот. Од друга страна, актот е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 75 од 7 април 2023 година.

Врз основа на изнесеното и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека е пречекорен уставно пропишаниот рок од седум дена за објавување на оспорениот акт, Упатство за изменување и дополнување на Упатството за спроведување на одлуката за методологијата за управување со ликвидносниот ризик („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.75 од 07.04.2023 година), односно основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот пропис со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска