Во периодот од 20 јуни до 31 јули 2023 година до Уставниот суд беа оформени 33 нови предмети по претходно поднесени иницијативи за оценување на уставност или законитост. Сите овие предмети се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница.
У.бр. 86/2023
Оспорен: Член 2 став 1 точка 1 од Правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење евиденција и член 1 од Правилникот за изменување на наведениот правилник.
Подносител на иницијативата: Здружение помалку пластика
Од наводите во иницијативата:
Според подносителите со донесување на оспорените одредби од Правилникот, Министерот кој раководи со животната средина излегол надвор од овластувањето бидејќи се впуштил во дефинирање на кесите за носење на стоки на начин што го менува опсегот на исклучок. Имено според подносителите е интервенирано во дефиницијата за кеси за носење на стоки и како што стои во оспорените одредби се дефинираат како кеси со дебелина на ѕидот од 15 до 50 микрони, наместо кеси над 15 микрони. Се наведува дека во одредбите е спорно тоа што Министерот не добил овластување од Собранието да го утврдува опсегот на биоразградливи кеси за носење на стоки за кои ќе се пропишуваат стандарди за биоразградливост.
У.бр. 87/2023
Оспорен: Член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именовани лица во РМ (Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010).
Подносител на иницијативата: Владимир Клековски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека го е оспорен член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица чијашто основица се однесува на судиите на Уставниот суд на Република Македонија и дека истиот треба сеуште да биде во примена. Се наведува дека Уставниот суд не го укинал подоцна додадениот став 2 од членот 4 од Законот.
У.бр. 88/2023
Оспорен: Законот за продажба на земјоделско земјиште
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Со оспорениот член се воспоставува правна несигурност смета подносителот и според него целиот закон неуставен бидејќи се овозможува продажба на добро од општ интерес, при што во иницијативата и се напоменува дека Законот за земјоделско земјиште не дозволува продажба и исклучоци за продавање на земјоделско земјиште во државна сопственост.
У.бр. 89/2023
Оспорено:Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги
Подносител на иницијативата: Уставен суд на Република Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
Судот смета дека со донесувањето на Упатството од страна на Министерството за правда е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова Упатство. Заведено со архивски број од 29 мај 2023 година, а објавено на 15 јуни 2023 година, што значи не е испочитуван Уставот и членот 52 во кој се предвидува рок најдоцна за 7 дена.
У.бр. 90/2023
Оспорен: Упатство за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи; уверенија; преписи и копии врз основа на матичните книги: водење постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги од 29.05.2023 година.
Подносител на иницијативата: Политичка партија “Левица”
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата смета дека оспореното Упатство е неуставно и спротивно на меѓународните норми и стандарди за заштита на човековите права и дека во ниту една држава во Европа нема таква пракса, да во официјални документи граѓаните се обврзани да ги изразуваат личните чувства на етничка припадност. Се наведува дека националната припадност на граѓаните е емпириски непроверлив податок и нема како да се докаже, па со тоа е и непотребен податок во изводите.
У.бр. 91/2023
Оспорен: Член 47 став 5 и 6 од Законот за земјоделство и рурален развој и чл.3 став 24 од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2023 година.
Подносител на иницијативата: ЗК Пелагонија АД Битола застапувани од адвокат Никола Главинче
У.бр. 92/2023
Оспорен: Член 4 став 1 точка 2 во делот „националност”, член 11 став 1 точка 1 во делот „националностa” и член 13 став 1 точка 1 во делот „националноста”, сите од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија” број број 8/1995, 38/2002, 66/2007, 98/2008, 67/2009, 13/2013, 43/2014, 148/2015, 27/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 14/2020 и 129/2023). Член 4, став 1, точка 2 од Законот предвидува во матичната книга на родените да се запишуваат податоци за родителите на детето, и тоа: име и презиме (за мајката и моминското презиме); ден, месец, година и место на раѓањето; националност; државјанство; матичен број; живеалиште и адреса на станот.
Од содржината на оспорените одредби:
Членот 11, став 1, точка 1 предвидува дека во матичната книга на венчаните се запишуваат податоци за склучување на бракот, и тоа: име и презиме на брачните другари; ден, месец, година и место на раѓањето; матичниот број; државјанството, националноста, живеалиштето и адресата на станот на брачните другари; ден, месец, година и место на склучување на бракот и изјави на брачните другари за нивното презиме; Член 13, став 1, точка 1 од Законот предвидува во матичната книга на умрените да се запишуваат податоци за смртта, и тоа: име и презиме на умрениот; неговото презиме пред склучувањето на бракот; полот; час, ден, месец, година и место на смртта; ден, месец, година и место на раѓањето, брачната состојба пред смртта; државјанството, националноста, живеалиштето и адресата на станот.
Подносител на иницијативата: Политичка партија “Левица”
У.бр. 93/2023
Оспорен :Одлука за суспензија од примена на ДУП за дел од Урбан блок 48 дел 2 и за дел од У.Е.С. Гојчо, дел од Урбан блок 44, плански опфат помеѓу булeвар „Трета МУБ”, улица „Перо Чичo”, улица „Прва Петолетка” и улица „Миле Кипра” Општина Куманово.
Подносител на иницијативата: ДПТУ УПМ-ГРУП ДООЕЛ Куманово застапувани од адвокат Викотор Божиновски и адвокат Борче Ивановски
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека Советот на Општина Куманово задира во правото на сопственост како уставно загарантирано право и ги доведува во нееднаква правна положба граѓаните што имаат сопственост во други општини во државата.
У.бр. 94/2023
Оспорен: Барање за преиспитување на Одлука на овој суд У.бр.137/2021
Подносители на иницијативата: Живко Јакимовски и Радица Јакимовска
Од наводите во иницијативата:
Подносителите во барањето за заштита на слободи и права бараат Уставниот суд да ја преиспита својата одлука и да го усвои барањето со изнесената аргументација.
У.бр. 95/2023
Оспорен: Член 142 став 7 од Законот за даночна постапка
Подносител на иницијативата: Владимир Клековски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на инцијативата смета дека со акт на УЈП се одложува, оневозможува и попречува ефикасното извршување на правосилните и извршни судски одлуки и дека со акт на една власт (извршна) директно се влијае на акт на друга власт, во случајот судска власт.
У.бр. 96/2023
Оспорен: Член 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/23).
Подносител на иницијативата: Хелсиншки комитет за човекови права
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека со оспорените членови се напушта нивотo на заштита кое го нудат позитивните законски прописи и меѓународните конвенции и е обид да се наметне механизам за заобиколување на веке поставените правила. Подносителите наведуваат дека се создава опасност од нееднаков третман на работниците и дискриминација од страна на министерот за финансии кој во согласност со министерот за труд и социјална политика, го пропишува начинот и местото на исплата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење утврдено со закон. Дополнително оспорениот член со кој се предвидува исклучок од траењето на прекувремената работа подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно за работење на проекти од стратешко и национално значење според подносителите создава правна несигурост и простор за толкување и манипулација со вкупното времетраење на прекувремената работа без да се утврди горна граница.
У.бр. 97/2023
Оспорен: Параграф 7 од Правилото за односите во вршењето на службата во Армијата на РСМ бр.02-294/1 од 16.07.2012г.
Подносител на иницијативата: Здружение за развој Млади за јавен интерес
Содржина на одредбата:
Воениот персонал на служба на АРМ мора секогаш да биде уредно облечен, избричен и потстрижен. Се потстрижуваат средно-зулфите до половина на увото, а косата да не паѓа на ушите и јаката на облеката, односно да не се витка преку работа на капата, шапката или баретката. Не смее да носи брада, а ако носи мустаќи, треба да бидат долги 0,8 см од горната уста и не смеат да преминуваат преку неа. Косата не смее да биде подолга од 5 см.
Од наводите во иницијативата:
Подносителите наведуваат дека праањето за носење брада е правно допуштено со уставот и Европската конвенција а ваквата одредба претставува мешање во правото на приватен живот. Се наведува дека е апсурдно што не се забранува носење на бркови, а притоа постои апсолутна забрана за носење на брада.
У.бр. 98/2023
Оспорен: Правилникот за додаток на плата, негова висина и начинот на утврдување А.бр.26/16-1 од13.02.2017гoдина; Одлука за м.04/23 А бр.46/23-6 од 05.05.2023г.
Подносител на иницијативата: Алмедин Куртановиќ и други застапувани од адвокатско друштво Давидовиќ – Јанковиќ
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со оспорениот акт се дискриминира јавнообвинителската служба бидејќи во правниот поредок постои правилник како подзаконски акт за платите и додатоците на јавните обвинители, но не и за службата. Поднесителите укажуваат дека со правилникот се овозможува двојство при исплата на платите.
У.бр.99/2023
Оспорен акт: Правилникот за формата и содржината на лиценцата за изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација, преработка на минерални суровини и други рударски проекти од областа на рударството.
Доносител на актот: Министерство за економија
У.бр.100/2023
Оспорен акт: Правилникот за висината на трошоците во постапката за издавање на дозволи за користење на простор, дозвола за ограничено користење на ГМО класа 2, 3 и 4
Доносител на актот: Министерство за животна средина
У.бр.101/2023
Оспорен акт: Правилникот за формата и содржината на прекршочниот платен налог
Доносител на актот: Министерство за животна средина
У.бр.102/2023
Оспорен акт: Упатството за доставување податоци и информации за платежната статистика
Доносител на актот:Народна банка на Република Северна Македонија
У.бр.103/2023
Оспорен акт: Решение за изменување и дополнување на Решението за цените на обрасците што ги издава Министерството за внатрешни работи
Доносител на актот: Министерство за внатрешни работи
У.бр.104/2023
Оспорен акт: Упатството за изменување и дополнување на Упатството за спроведување на одлуката за методологија за управување со ликвидносниот ризик
Доносител на актот: Гувенер на Народна банка на РСМ
У.бр.105/2023
Оспорен акт: Правилникот за формата и содржината на Барањето за остварување на ослободувањето од данок на додадена вредност, увозни давачки и акциза на енергенти и данок на мотрони возила за патнички автомобили и потребната документација која треба да се достави кон барањето
Доносител на актот: Влада на Република Северна Македонија
У.бр.106/2023
Оспорен акт: Правилникот за изменување на Правилникот за содржината и начинот на подготовка на актите за внатрешна организација и ситематизација на работните места, како и содржината на функционалната анализа на институциите на јавниот сектор.
Доносител на актот: Министерство за информатичко општество и администрација
У.бр.107/2023
Оспорен акт: Правилникот за начинот на утврдување на несообразноста и висината на процентот на намалување на директните плаќања во случај на несообразност.
Доносител на актот: Влада на Република Северна Македонија
У.бр.108/2023
Оспорен акт: Правилникот за содржината на студиските програми
Доносител на актот: Национален совет за виско образование и научно истражувачка дејност
Сите иницијативи содржат исти наводи, односно во сите иницијативи се оспорува рокот на објавувањето на актите во Службен весник, како спротивен на Уставот. Во иницијативите подносителот наведува дека оспорените акти се неуставни бидејќи со нив е повреден членот 52 од Уставот, кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување”.
Дополнување на соопштението:
Предметите под реден број 99/2023, 100/2023, 101/2023, 102/2023, 103/2023, 104/2023, 105/2023, 106/2023, 107/2023 и 108/2023 се поднесени од страна на Министерството за правда и поради интерес на јавноста Судот ги објави во посебно соопштение.
У.бр.109/2023
Оспорен: Член 4-а став 6 од Законот за градење
Подносител на иницијативата: Aдвокатско друштво Китановски
Содржина на оспорената одредба:
„Висина на надоместокот за мислењето за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита се утврдува во ценовник кој го донесува субјектот кој врши научноистражувачка дејност- научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, по претходна согласност на Владата на Република Северна Македонија и истиот се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека оспорениот член ја ограничува конкуренцијата и претприемништвото како спротивно на одредбите од членот 55 од Уставот гарантираат слобода на пазарот и претприемништвото.
Оспорен: Одлуката бр.07-9331/10 од 10.12.2012г. за изменување и дополнување ДУП Буњаковец 2, плански период 2011-2016
Подносител на иницијативата: Сузана Јошевска,адвокатка и Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар”
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се тврди дека оспорената одлука за конкретни измени на ДУП Буњаковец 2 е во спротивност со Генералниот урбанистички план, односно дека границата на ДУП-от не е усогласена со опфатот на градската четврт планирана со ГУП, како и дека нумеричките податоци на ДУП-от се неусогласени со оние од ГУП-от. Подносителите наведуваат дека поради овие околности се прави груба повреда на член 11 став 7 и член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесената одлука за ДУП е во спротивност со владеењето на правото содржано во членот 8 од Уставот, како и дека е во спротивност со членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
У.бр.111/2023
Оспорен: Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/23).
Подносител: Сојуз на синдикатите на Македонија(ССМ)
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата оспорениот акт ги нарушува принципите на еднакви права од работен однос на работниците, создава правна нееднаквост и несигурност што е во спротивност на принципите на Уставот на државата, односно спротивно на меѓународните трудови стандарди, законите од трудово правната област, Законот за спречување и заштита од дискриминација и колективните договори.
У.бр. 112/2023
Оспорен: Колективен договор на Министерството за внатрешни работи(„Службен весник на Република Македонија бр.26/11) и Колективен договор за основно образование („Службен весник Република Северна Македонија“ бр.149/21).
Подносител на иницијативата: Мартин Ефремов
Од наводите во иницијативата:
Оспорени се членови кои регулираат вонреден работен додаток на плата и за кои подносителот смета дека се во спротивност со членот 32 од Уставот во кој е предвидено дека секој вработен има право на соодветна заработувачка, како и дека секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Се наведува дека со оспорените одредби МВР забранува исплата на одработената прекувремена работа на работниците кои се ангажирани повеќе од 32 часа месечно над полниот фонд на часови во тек на месецот и се дава можност на работодавачот неограничено да ги ангажира работниците, а притоа да им исплаќа само за 32 часа прекувремена работа.
У.бр.113/2023
Оспорен: Член 11 од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Рeпублика Северна Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.
Подносител на иницијативата: Здружение на граѓани Заштита од дискриминација за давање на правна помош на дискриминирани лица Виница
Oд наводите во иницијативата:
Подносителите наведуваат дека оспорената одредба ги става во привилигирана положба еден дел од граѓаните иако и тие земаат плата од истата институција во која рабoтата и земаат плата како судски службеници во судовите каде работат заедно со судиите или јавните обвинители.
У.бр.116/2023
Оспорен: Член 8 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци од 12 јули 2023 година.
Подносител: Славко Димитров
Од наводите во инцијативата:
Подносителот наведува дека содржината на оспорените членови 1,3 и 4 од Правилникот е во спротивност со членот 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост и наследувањето и со негова примена се овозможува манипулирање со имотите на граѓаните и капиталот кој се прелева на располагање на поединци кои ги немаат тие права.
У.бр.119/2023
Оспорен: Одлуката бр.08-1317/1 од 30.06.2023 година за усвојување на барање за одобрување на финансиска помош на заедница на сопственици на посебни делови на станбена зграда Кула 2 на улица Самоилова.
Подносител на иницијативата: Градоначалник на Општина Македонска Каменица
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека Советот на Општина Македонска каменица на 30.06.2023 година донел Одлука спротивна на Одлуката за усвојување на Буџетот на општината, бидејќи со неа се усвоило да се додели финансиска помош на заедница на сопственици на посебни делови на станбена зграда Кула 2. Според подносителот паричните средства се користат за покривање на трошоците за поправка и сервисирање на лифтот во износ од 415.618 денари. Се наведува дека во Буџетот не е предвидена таква ставка за финансирање.
У.бр.120/2023
Оспорен: Член 25 и 64 од Законот за данок на додадена вредност
Подносител: Славко Лазовски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека оспорените членови се во спротивност со член 8 алинеја 3 од Уставот, алинеја 4, 11, член 68 алинеја 3 од Уставот, алинеја 17, член 91 алинеја 1, 2, член 118.
У.бр.121/2023
Оспорен: Параграф 4 алинеја 1 (цртичка 1) од Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонја, бр.02-295/1 од 16.07.2012година
Подносител: дружение за развој Млади за јавен интерес Дебар
Оспорена содржина: „Во воените објекти се забранува вршење на верски обреди”
Oд наводите во иницијативата:
Се наведува дека оспорената одредба потекнува од Југословенска Народна Армија(ЈНА) и од тогаш не е променет, при што ја оценува како спротивна на член 19 од Уставот кој гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.
У.бр.122/2023
Оспорен: Решението Уп2 бр.32-120/2017 од 01.12.2022 со кое се поништува Решението Уп1 бр 20-3852 од 26.09.2022 година
Подносител: Бисера Костадиновска- Стојчевска
Од наводите во иницијативата:
Се бара оценување на законитоста на Решение кое е донесено на 26.09.2023 година од градоначалникот на Општина Охрид со кое е поништено Одобрение за градење донесено од градоначалник на Општина Охрид на 5.12.2023 година. Се тврди дека инвеститорот преку системот за е-одобрение на 24 јануари 2017 година ја известува општината за почеток на градба. Понатаму, наведено е дека според записник од 28 декември 2016 година овластениот градежен инспектор при Општина Охрид евидентирал дека изградбата е започната а не се назначени изведувачот и правното лице за вршење надзор. Подносителката смета дека изградбата на објектот е во непосредна близина -на растојание помало од 50 матри од водостојот на езерото, што е во спротивност со Законот за водите кој го регулира градењето на објекти со тврда градба.