Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.78/2023
Скопје, 25 јули 2023 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 25 јули 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2015).
Образложение
I
Подносителот, во наводите од иницијативата, појаснува дека во член 145 став 4 од Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ број 106/2007), е пропишано дека „по жалба против решението на фармацевтскиот инспектор во втор степен решава министерот за здравство“.
Овој став бил изменет со член 58 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2015), односно зборовите „министерот за здравство“ се заменети со зборовите „Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“.
Во иницијативата понатаму се наведува дека со член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 154/2015), повторно е изменет член 145 став 4 така што зборовите „Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“ се заменети со зборовите „Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“.
Подносителот смета дека со новата содржина на одредбата, законодавецот изменил зборови кои не биле содржани, поради што смета дека измените биле беспредметни, па оспорената одредба доведува до забуна во правниот промет и како спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, предложи Уставниот суд истата да ја укине.
II
Судот на седница утврди дека со член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2015), во член 145 став 4 зборовите „Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“ се заменуваат со зборовите „Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото, е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Законот за лековите и медицинските средства, првично бил со назив Закон за лековите и медицинските помагала. По однос на прашањата покренати со иницијативата, Судот ги анализираше измените и дополнувањата на Законот што се од влијание за утврдување на фактичката состојба и формирање на правното мислење.
Во Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ број 106/2007), член 145 став 4 гласел „По жалбата против решението на фармацевтскиот инспектор во втор степен решава министерот за здравство“.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2015), со член 58 истиот став е изменет на начин што зборовите „министерот за здравство“ се заменуваат со зборовите „Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“.
Со подоцнежната измена со член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 154/2015), во истата одредба зборовите „Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“ се заменуваат со зборовите „Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“.
Со член 7 од Законот за изменување и дополнувањето на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Северна Македонија“ број122/21) член 145 е избришан.
Во конкретниот случај, со иницијативата се бара оценување на уставноста на член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 154/2015), од причина што подносителот смета дека законодаваецот со новата содржина на одредбата, изменил зборови кои не биле содржани во одредбата што ја изменува.
Меѓутоа, она што било предмет на уредување на оспорениот член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2015), а тоа е изменување на содржината на ставот 4 од член 145 од основниот текст на Законот, со предвиденото негово бришење со член 7 од Законот за изменување и дополнувањето на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Северна Македонија“ број122/21), повеќе не постои и постојат процесни пречки за Судот да ја оценува уставноста на оспорената одредба, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска