Уставниот суд ќе ја одржи 31. седница на 6 септември 2023 година во 9:30 часот со следниот дневен ред:
I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1.Реферат У.бр.91/2021
Подносител на иницијативата: Друштво за производство и земјоделие ДУБРОВО ДООЕЛ с. Дуброво, Неготино, претставувано од управителот Љатив Бејаз од Велес, -застапенo преку полномошник адвокат Јованче Цилаков од Велес.
Оспорени акти: Одлука за измена и дополнување на ГУП за работна зона „Дуброво – Тремник“, општина Неготино, бр. 07-201/11 од 19.07.2001 година (Службен гласник на Општина Неготино бр. 13 од 2001 година) и Одлука на Општината Неготино бр. 08-76/7 од 14.03.2017 година за утврдување на Урбанистички план вон населено место Дуброво и Тремник (КО Дуброво, КО Тремник), Општина Неготино (Службен гласник на Општина Неготино бр. 3 од 2017 година).
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека оспорената Oдлука е донесена спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Советот на општина Неготино немал можност со своја одлука да вршат изменување и дополнување Генералните урбанистички планови. Подносителот на иницијативата укажува на закон од 2005 година, а оспорената одлука е од 2001 година и наведува дека според Законот за просторно и урбанистичко планирање од 28 јуни 2005 година со членот 22 став 3 се уредува стручната расправа во нацрт на просторниот план на Републиката, просторен план на регион и просторен план за подрачје од посебен интерес и се определува органот кој ја врши стручната расправа, а со истата одредба не била дадена можност општината, односно Советот на општината да донесува акти во вид на предлог – одлуки за измена и дополнување на Генералниот урбанистички план.
2.Реферат У.бр.14/2023
Oспорен: Taрифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите
Подносител на иницијативата: Санде Пејовски
Од наводите на иницијативата:
Подносителот на иницијативата меѓудругото наведува дека таа е донесена врз основа на Законот за адвокатура, но е спротивна на членот 60 став 2, бидејќи со оваа тарифа се празни Буџетот на државата кога адвокатите застапуваат службено и буџетот на граѓаните кога нив ги застапуваат. Според наводите, Тарифата може да ја предложи претседателот на Адвокатската комора, но не може да ја потпишува и донесува бидејќи стварно и функционално надлежен за тоа е министерот за правда.
3.Реферат У.бр.35/2023
Оспорен: Одлука за поставување на спомен обележје-плоча, бр.08-4322 донесено од Советот на Општина Струга на 27.10.2022 година.
Подносител на иницијативата: Ален Деребан и други граѓани
Од наводите:
Подносителите наведуваат дека Советот на Општина Струга донел Одлука за поставување на спомен-обележје, бетонски споменик со димензии од скоро 3 метри висина и 2 метрa ширина на шеталиштето на кејот од реката Црн Дрим, чиј инвеститор е конзулатот на Косово во Република Северна Македонија. Се наведува дека одлуката е донесена без ревидиран основен проект и техничка документација и не е предвиден ниту во ДУП-от ниту во ГУП на Општина Струга. Исто така е наведено дека Општината нема донесено програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен обележја. Подносителите сметаат дека е во спротивност со неколку одредби од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја.
4.Реферат У.бр.52/2023
Оспорен: Член 276 став 2 од Колективниот договор на МВР
Подносител: Синдикат на полиција во Македонија
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со членот 37 од Уставот кој го штити правото на граѓаните да основаат синдикати заради остварување на своите економски, социјални права. Се наведува дека оспорениот член го доведува Синдикатот во нееднаква и дискриминирачка положба и дека не може подеднакво и рамноправно да ги застапува правата на неговите членови, за разлика од Македонскиот полициски синдикат чиишто членови се ослободуваат на работа и до 40 часови годишно.