У.бр.77/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.77/2023
Скопје, 25 јули 2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 25 јули 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 142 став 1 во делот „за државните службеници“ од Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014, 43/2014, 88/2015, 154/2015, 228/2015, 7/2016, 53/2016, 83/2018, 113/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.28/2021, 122/2021 и 60/2023) и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2018).

Образложение

I

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби биле спротивни на Уставот, односно на член 8 став 1 алинеја 3, владеење на правото, од причина што во правниот промет мора да постојат јасни и недвосмислени норми.

Во оспорениот член 142 став 1 од Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014, 43/2014, 88/2015, 154/2015, 228/2015, 7/2016, 53/2016, 83/2018, 113/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.28/2021, 122/2021 и 60/2023) е регулирано дека фармацевтски инспектор може да биде лице кое ги исполнува условите утврдени со Закон за државните службеници (оспорен дел), да има високо образование – фармацевтски факултет најмалку три години работно искуство во струката, а во член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2018) во член 142 став 1 алинеја 8 се менува и гласи „-поседува потврда за работа со компјутерски програми за канцелариско работење и“, алинејата 9 се брише, а алинејата 10 станува алинеја 9.

Понатаму, во иницијативата подносителот ги наведува член 112 став 1 од Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014) со кој е предвидено дека со денот на започнувањето во примена на овој закон престанува да важи Законот за државни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/2010, 167/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013) и Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013, и 106/2013) и член 113 со кој е регулирано дека Законот за административните службеници влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува една година од денот на влегување во сила.

Оспорениот член 142 став 1 од Законот за лековите и медицинските средства упатува на примена на Законот за државни службеници кој според подносителот е пропис надвор од правен промет сметано од 13.02.2015 година и истиот е спротивен на начелото на владеење на правото односно дека во правниот промет мора да постојат јасни, прецизни и концизни норми доколку упатуваат на примена на друга одредба или одредби, тие одредби мора да се во правниот промет како не би дошло до заблуда од страна на оние кои ги применуваат како и кон оние кон кои се применуваат или однесуваат тие норми.

Наводите за противуставноста на член 2 со кој се изменува и дополнува член 142 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, се дека овој член до денот на поднесување на оваа иницијатива содржи само еден став и ниту една алинеја.

Неспорно е, според подносителот, дека прописите можат да се надополнуваат, изменуваат или дополнуваат со цел нивно подобрување, но тие треба да содржат правна логика и новокреираната одредба која се дополнува или изменува мора да биде во хармонија и да претставува логична правно функционална целина.

Со оспорените одредби според подносителот е повредено начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, односно истите се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и од тие причини предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 142 став 1 во делот „за државните службеници“ од Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014, 43/2014, 88/2015, 154/2015, 228/2015, 7/2016, 53/2016, 83/2018, 113/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.28/2021, 122/2021 и 60/2023) и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2018), и да ги укине како спротивни на Уставот на Република Северна Македонија.

II

Судот на седница утврди дека член 142 став 1 од Законот за лековите и медицинските средства гласи:

Фармацевтски инспектор може да биде лице кое ги исполнува условите утврдени со Закон за државните службеници (оспорен дел), да има високо образование – фармацевтски факултет најмалку три години работно искуство во струката.

Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија бр.83/2018), пропишува:

Во членот 142 став 1 алинејата 8 се менува и гласи:
„-поседува потврда за работа со компјутерски програми за канцелариско работење и“ .
Алинејата 9 се брише.
Алинејата 10 станува алинеја 9.

III

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Законот за лековите и медицинските средства, имал назив Закон за лековите и медицинските помагала претрпел поголем број на измени и дополнувања. По однос на прашањата покренати со иницијативата го анализиравме основниот текст на Законот, како и измените и дополнувањата на Законот што се од влијание за утврдување на фактичката состојба и формирање на правното мислење.

Според Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ број 106/2007), оспорениот член 142 став 1 е систематизиран во глава V. Надзор, и регулира дека фармацевтскиот инспектор може да биде лице кое ги исполнува условите утврдени со Законот за државните службеници, да има високо образование – фармацевтски факултет и најмалку три години работно искуство во струката. Во ставот 2 од истиот член е регулирано дека фармацевтските инспектори ги назначува министерот за здравство во согласност со Законот за државните службеници. Агенцијата може да ангажира експерт во полето на фармацијата, медицината и други релевантни области за вршење на одделни стручни активности од важност за инспекцискиот надзор пред, за време или по вршење на инспекцискиот надзор и фармацевтскиот инспектор е независен во рамките на своите права и обврски согласно ставовите 3 и 4 од истиот член.

Понатаму, со Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ број 164/2013) член 1 предвидува дека во член 142 ставот 1 се менува и гласи „Фармацевтски инспектор може да биде лице кое:
– е државјанин на Република Македонија,
– е полнолетно,
– има општа здравствена способност,
– не му е изречена казна со правосилна судска пресуда за забрана на вршење на професија, дејност или должност,
– има стекнато најмалку 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен од областа на фармацијата, што се докажува со уверение,
– има пет години работно искуство во струката,
– ги исполнува другите услови утврдени во актот за систематизација на работните места,
– поседува меѓународно признат сертификат за работа со компјутерски програми за канцелариско работење, и тоа еден од следниве:
1) Certiport: IC3 GS4 Key Applications – положен;
2) Microsoft: MOS Word или MOS Excell – положен или
3) ECDL: Core – положен,
– има добиено позитивно мислење за соодветност за работното место преку полагање на психолошки тест и тест за интегритет, согласно со прописите кои се однесуваат на државните службеници и има лиценца за инспектор од областа на надлежноста на инспекциската служба.”

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2015) меѓу другото, е определено дека во член 142 ставот 2 се брише, а ставовите 3 и 4 стануваат ставови 2 и 3.

Со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 83/2018), кој исто така е оспорен од подносителот е определено дека во член 142 став 1 алинеја 8 се менува и гласи „-поседува потврда за работа со компјутерски програми за канцелариско работење и”, алинејата 9 се брише, а алинејата 10 станува алинеја 9.

Со измените и дополнувањето, пак, на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Северна Македонија“ број122/21) во член 7, меѓу другото, е определено дека член 142 се брише.

Подносителот на иницијативата ги оспорува член 142 став 1 во делот „за државни службеници“ од основниот текст на Законот („Службен весник на Република Македонија“ број 106/2007) и член 2 од измените и дополнувањата на истиот член од Законот („Службен весник на Република Македонија“ број 83/2018) со наводи за истите дека упатуваат на Законот за државни службеници кој веќе не е во правен промет и негова констатација дека оспорениот член содржи само еден став, а ниту една алинеја и како такви не се во хармонија, не се надополнуваат и не претставуваат логична правно функционална целина.

Од Уставниот суд се бара да направи уставно-судска анализа на одредба која повеќе не е дел од правниот поредок на Република Северна Македонија што претставува процесна пречка за впуштање во уставно-судска анализа. Имено, Судот може да ја оценува уставноста и законитоста само на оние акти и содржини што се дел од правниот поредок, а со бришењето во целост на оспорениот член 142 од Законот и влегувањето во сила на овој закон на 11 јуни 2021 година овој член повеќе не постои.

Врз основа на сето наведено, Судот цени дека по однос на оспорениот член 142 став 1 во делот „за државните службеници“ од Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014, 43/2014, 88/2015, 154/2015, 228/2015, 7/2016, 53/2016, 83/2018, 113/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.28/2021, 122/2021 и 60/2023) и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2018) постојат процесни пречки за одлучување согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска