У.бр.171/2020


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр. 171/2020
Скопје,12.07.2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членовите 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 12.07.2023 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Влатко Сајкоски од Кичево за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, а коишто се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност сторени со Пресудата РО.бр.463/18 од 25.12.2018 година, донесена од Основниот суд Кичево и Пресудата РОЖ бр.199/19 од 03.02.2020 година, донесена од Апелациониот суд Гостивар.

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Влатко Сајкоски од Кичево за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, а коишто се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност сторена со Одлуката на Собранието на Република Македонија бр.08-4480/1 од 23.07.2018 година.

2.Одлуката и Решението ќе се објават во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Влатко Сајкоски од Кичево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, а коешто се однесува на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност, сторени со Одлуката на Собранието на Република Македонија бр.08-4480/1 од 23.07.2018 година, со Пресудата РО.бр.463/18 од 25.12.2018 година на Основниот суд Кичево и Пресудата РОЖ бр. 199/19 од 03.02.2020 година, на Апелациониот суд Гостивар.

По наведеното барање за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд на Република Северна Македонија е формиран предмет У.бр.171/2020 година.

Уставниот суд на Република Северна Македонија согласно член 55 од Деловникот, на седницата одржана на 25.03.2021 година, расправајќи по поднесеното барање заклучи по предметот да се одржи јавна расправа. Јавната расправа се одржа на 20.05.2021 година.

Според наводите на подносителот на барањето, Собранието на Република Македонија со Одлуката бр.08-4339/1 од 13.10.2016 година, извршила именување на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Со конкретната одлука е избран подносителот на барањето и други шест лица. Мандатот на вака избраниот состав почнал да тече од 09.11.2016 година и бил во траење од пет години. Подносителот напоменува дека мандатот на останатите четири членови на комисијата продолжил да тече со оглед на тоа што тие биле избрани подоцна и истиот им истекувал 2019 година.

Владата на Република Македонија со допис бр. 24-3870/2 од 03.04.2018 година му предложила на Собранието разрешување на целокупниот состав на Државната комисија, поради наводно „непокажување особени резултати во работењето“. Владата се повикува на некои статистички податоци од Извештајот за работата на Државната комисија за 2016 година, доставен до Собранието на Република Македонија на 31.03.2017 година, без никаква суштинска анализа и поединечно утврдување на евентуално лошо или неправилно работење. Притоа од Владата воопшто не биле посочени кои членови се неажурни и „непокажале особени резултати“ во работењето со оглед на тоа што целокупниот состав на Државната комисија брои 11 лица. Па, наместо тоа, со флоскули и без реално конкретно образложение, Владата му предложила на Собранието да изврши разрешување на претседателот и членовите, сето тоа по завршување на локалните избори 2017 година, каде што како кандидат за градоначалник на Општина Кичево е предложен Влатко Сајкоски од страна на Коалицијата на политичките партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е сторено без никаква суштинска анализа и поединечно утврдување на евентуално лошо или неправилно работење. Притоа од Владата воопшто не биле посочени кои членови се неажурни и „не покажале особени резултати“ во работењето со оглед на тоа што целокупниот состав на Државната комисија брои 11 лица.

Постапувајќи по барањето на Владата, Собранието на седницата одржана на 23.07.2018 година, донело Одлука бр.08-4480/1 за разрешување на претседателот и членовите на Државната комисија. Со наведената одлука се разрешени претседателот и сите членови по спроведена поединечна расправа и поединечно гласање. Во конкретниот случај, подносителот на барањето бил разрешен исклучиво со гласање на пратениците од парламентарното мнозинство, а за неговата работа немало ниту еден негативен аргумент.

Исто така, подносителот на барањето наведува дека тој стапил на функција на 09.11.2016 година, при што на функција бил вкупно 52 дена, од каде извештајот за работата на комисијата за 2016 година не може да се однесува на неговата работа за 2016 година. Уште повеќе што кај членот Влатко Сајкоски не станува збор за реизбор, па да може да се кумулира евентуалната негативна оцена „непокажување на посебни резултати“ како продолжение на претходен мандатен континуитет.

Од друга страна, пак, имало случаи на повторно избрани членови (кои биле разрешени) како Менсур Зенуни и Јетмир Лика, а кои цело време биле членови на Државната комисија во континуитет во текот на целата 2016 година, а сепак се повторно реизбрани на Огласот од 18.10.2018 година, а подносителот на барањето не е избран.

Подносителот Влатко Сајкоски своето барање го заснова на изнесените факти и приложените докази и наведува дека ниту еден член на Комисијата не бил разрешен според основот кој бил предвиден во член 4 став 1 од Законот за основање на државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, каде што таксативно се наведени основите по кои може член на Комисијата да биде разрешен и притоа ја цитира означената одредба.

Понатаму, подносителот ја посочува и Одлуката на Уставниот суд У.бр.57/2017 од 24 октомври 2018 година со која е укинат член 4 став 2 од Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, според кој предлог за разрешување на претседателот и член на Државната комисија може да поднесе и Владата на Република Македонија. Во законската одредба таксативно се наведени основите за разрешување, а ниту еден член на Комисијата не бил разрешен по оваа одредба.

Подносителот на барањето ценејќи дека е дискриминиран со наведената одлука во законски дозволениот рок заведува спор за дискриминација пред Основниот суд во Кичево под РО.бр.463/18 против Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Основниот суд во Кичево со Пресудата РО.бр.463/18 од 25.12.2018 година го одбил тужбеното барање како неосновано, а Апелациониот суд Гостивар со Пресудата РОЖ бр. 199/19 кој од 15.10.2019 ја потврдил првостепената пресуда.

Во меѓувреме бил објавен оглас од страна на Собранието на Република Македонија за именување на нов состав на Државната комисија. На огласот конкурирал и сега подносителот на барањето, но тој не бил избран, иако во новиот состав едно место не е пополнето до денес.

Од друга страна, пак, има случаи на повторно избрани членови ( кои биле разрешени) Менсур Зенуни и Јетмир Лика, а кои цело време биле членови на Државната комисија во континуитет во текот на целата 2016 година, а сепак се повторно реизбрани на огласот на 18.10.2018 година, а подносителот на барањето не е избран.

II

Судот во претходната постапка и на јавната расправа утврди дека:

Собранието на Република Македонија врз основа на член 68 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2011, 148/2013, 41/2014, 130/2014 и 53/2016), на седницата одржана на 13 октомври 2016 година, донела Одлука за именување на претседател и членови на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што за претседателот на комисијата и членови биле именувани конкретни лица.

Владата на Република Македонија на седницата одржана на 03.04.2018 година, а врз основа на член 4 став 2 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2011, 148/2013, 41/2014, 130/2014, 53/2016 и 11/2018), заклучила да му предложи на Собранието на Република Македонија да ги разреши претседателот на комисијата и членовите кои биле претходно именувани.

Во образложението на предлогот, Владата повикувајќи се на членовите 3, 4 и 6 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, согласно доставениот извештај за 2016 година за работењето на Државната комисија, констатирала дека оваа комисија не покажала особени резултати во работењето.

Собранието на Република Македонија врз основа на член 3 став 2, а во врска со член 4 став 2 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен на 23 јули 2018 година, донела Одлука за разрешување на претседател и членови на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Претседателот и членовите на Државната комисија биле разрешени од функциите.

Врз основа на член 68 став 2 од Уставот на Република Македонија и членовите 2 и 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Собранието на Република Македонија на 29 август 2018 година, донело Одлука за објавување на јавен оглас за именување на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

На 18 октомври 2018 година, Собранието на Република Македонија донело Одлука за именување на претседател и членови на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, според која за претседател и членови се именувани други лица.

На огласот бил пријавен и подносителот на барањето за заштита на слободите и правата, Влатко Сајкоски од Кичево, меѓутоа тој не бил избран односно именуван.

На 7 септември 2018 година, Влатко Сајкоски преку полномошникот адвокат Драган Костовски од Кичево, поднел тужба против тужените Собрание на Република Македонија, Влада на Република Македонија и Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Постапувајќи по тужбата на Влатко Сајкоски, сега подносителот на барањето за заштита на слободи и права, Основниот суд во Кичево со Пресудата РО.463/2018 од 31.12 2018 година го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот да се утврди дека тужените Собрание на Република Македонија, Влада на Република Македонија и Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, го повредиле правото на тужителот Влатко Сајкоски од Кичево, на еднакво признавање или уживање на човековите права и основни слободи споредено со третманот кој го има или би можело да го има друго лице во исти или слични услови на начин што сториле директна дискриминација по основ на политичка припадност, како и да му надоместат на тужителот трошоци во постапката.

Полномошникот на тужителот му предложожил на Судот да го усвои тужбеното барање како основано од причини што во предлогот на Владата тужителот и останатите членови на комисијата биле разрешени од страна на Владата согласно член 4 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, поради неажурност на истата и тоа за период од 2016 година и за период од 2012 и 2015 година, при што согласно член 4 од Законот не е предвиден услов за разрешување поради неажурност, а посебно не и за тужителот бидејќи истиот бил член на Комисијата од 09.11.2016 година. Во периодот од именувањето до крајот на 2016 година, Комисијата имала одржано 6 седници и решено неколку стотици предмети. Понатаму, во Собранието гласањето било поединечно, а притоа пратениците не воделе сметка ниту знаеле ниту ги интересирале наводите, туку гласале по автоматизам врз основа на членство во одредена партија. Сето тоа се поткрепува со повторниот избор на членови на Комисијата кои се од друга партија, меѓутоа во Комисијата биле реизбрани двајца членови кои работеле и во претходната Комисија, а биле разрешени поради неажурно работење.

Според застапникот на тужените не се докажала основаноста на тужбеното барање. По однос на наводот на тужителот дека дел од членовите на државната комисија се повторно избрани, а дека тужителот од формално правен аспект до тој момент не бил писмено известен за новиот избор за претседател и членови на Државната комисија се произнел дека има карактер на барање за кое треба да се одлучува во управна постапка, како и тоа дека не постои основ за дискриминација.

Судот од предложените и изведени докази утврдил дека:

Со Одлуката број 08-4339/1 од 13.10 2016 година, донесена од страна на Собранието на Република Македонија, тужителот е именуван за член на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, а неговиот мандат започнал од 09.11 2016 година.

Од поднесокот на Владата на Република Македонија од 03.04.2018 година до претседателот на Собранието на Република Македонија бр.24-3870/2 од 03.04.2018 година, првостепениот суд утврдил дека Владата на седницата одржана на 03.04.2018 година има донесено заклучок да му предложи на Собранието да ги разреши претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, меѓу кои е и тужителот Влатко Сајкоски, а и претседателот на комисијата како и сите други членови.

Од Одлуката бр.08-4480/1 од 23.07.2018 година, првостепениот суд утврдил дека од страна на Собранието на Република Македонија се разрешени претседателот и сите членови на Комисијата, меѓу кои е и тужителот.

Од увидот во членската книшка број 132047 од 20.04.2005 година, како и распитот на тужителот, Судот неспорно утврдил дека тужителот е член на политичката парија ВМРО ДПМНЕ.

Врз основа на изнесеното, првостепениот суд сметал дека тужбеното барање е неосновано од причини што во спроведената постапка од страна на тужените нема примена на член 3, 5 и 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Од сите изведени докази, според првостепениот суд, неспорно произлегува дека Владата на Република Македонија му предложила на Собранието на Република Македонија да ги разреши претседателот и сите членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, меѓу кои и сега тужителот. Собранието по спроведена постапка донело Одлука за разрешување на претседателот и сите членови на Комисијата, што значи дека не е разрешен само тужителот врз основа на неговата политичка припадност, туку сите членови и претседателот на Комисијата при што во образложението на предлогот, покрај другото, како причина за разрешување се наведува малиот процент на одлуки по кои Комисијата мериторно одлучила, а согласно Извештајот за работата на државната комисија за 2016 година. Оттука, првостепениот суд смета дека во конкретниов случај од страна на тужените не е повредено правото на тужителот на еднакво признавање или уживање на човековите права и основни слободи споредено со третманот кој го има или би можело да го има друго лице во исти или слични услови од причина што се разрешени сите членови на Комисијата, меѓу кои и тужителот.

Во натамошното образложение на Пресудата се наведува дека судот ги ценел наводите истакнати од страна на тужителот и неговиот полномошник дека тужителот бил член на Комисијата од 09.11.2016 година и во тој временски период се решени неколку стотици, предмети, но судот ваквите наводи не ги прифатил од причина што од страна на тужените е водена постапка согласно законот, а уште повеќе што тужителот воопшто не се обратил до Комисијата за заштита од дискриминација која има надлежност да постапува по претставки, да дава мислење и препораки за конкретни случаи на дискриминација, на подносителот да му дава информации за неговите права и можности, да покренува иницијативи за поведување на постапка пред надлежните органи поради повреда на Законот и друго.

Незадоволен од првостепената Пресуда, тужителот преку полномошникот, адвокат Драган Костовски од Кичево, изјавил жалба која Апелациониот суд во Гостивар со Пресудата РОЖ.бр.199/19 од 15.10. 2019 година ја одбил како неоснована и ја потврдил првостепената пресуда.

Имено, Апелациониот суд утврдил дека при донесување на пресудата на првостепениот суд не била сторена ниту една суштествена повреда на одредбите од член 343 став 2 точките 1, 2, 3, 5, 10, 11, 13, 14, 15, 16 и 17 од Законот за парничната постапка од причини што првостепената пресуда била јасна, разбирлива, без противречности помеѓу образложението и изреката со доволно причини за решителните факти кои произлегуваат од изведените докази.

Понатаму, второстепениот суд ги цитира членовите 7 и 8 од Законот за парничната постапка и оценил дека првостепениот суд ги извел сите докази предложени од странките во спорот и истите ги ценел во контекст на поставеното тужбено барање што довело првостепениот суд правилно да го примени материјалното право.

Апелациониот суд не го прифатил како основан жалбениот навод за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба.

Во врска со жалбениот навод дека првостепениот суд погрешно постапил кога го одбил тужбеното барање на тужителот со оглед на фактот дека во конкретниов случај постои директна дискриминација врз основа на политичка припадност, без исполнување на ниту еден услов од член 4 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, политичката партија која е на власт, а е различна од онаа на која ѝ припаѓа тужителот, Апелациониот суд оценил дека истиот не е основан.

Во понатамошното образложение на Пресудата на Апелациониот суд се цитирани одредби и тоа: член 6 од Законот за работните односи, членовите 3, 4, 6 ставови 1, 34, 36 и 38 од Законот за спречување и заштита од дискриминација и се наведува дека имајќи ги предвид наведените законски одредби и изведените докази првостепениот суд правилно постапил. Според судот а имајќи ги предвид законските одредби, директна дискриминација постои кога со некое лице се постапува понеповолно од друго лице во слична ситуација согласно заштитните карактеристики наведени во закон. За да се утврди дека во еден конкретен случај или дејствие постои директна дискриминација според овој суд, а согласно наведениот закон треба кумулативно да бидат исполнети три главни елементи, односно со лицето да се постапува понеповолно од други лица по некој предвиден законски основ, тоа постапување да може да се спореди со постапувањето спрема други лица во иста или слична ситуација и понеповолното постапување да е засновано на лично својство.

Според Апелациониот суд, не се исполнети кумулативно трите суштествени елементи за да се утврди дека постои директна дискриминација по политичка основа. Имено, во овој случај од страна на тужителот со тужбата се бара да се утврди дека тужените го повредиле правото на тужителот Влатко Сајкоски од Кичево на еднакво признавање или уживање на човековите права и основни слободи со третман кој го има или би можело да го има друго лице во исти или слични услови на начин што сториле директна дискриминација по основ на политичка припадност, при што се наведува дека согласно член 4 од Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен не е предвиден основ за разрешување поради неажурност на претседателот и на членовите на Комисијата, односно се наведува дека тужителот бил разрешен поради неговата политичка припадност различна од политичката припадност од партијата која била на власт.

Врз основа на наведеното, според Апелациониот суд од страна на тужителот е сторена веројатноста дека во конкретниов случај од страна на тужените е сторена дискриминација врз основа на политичка припадност па согласно тоа, а имајќи го предвид член 38 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, докажувањето дека нема дискриминација паѓа на товар на спротивната странка, во конкретниов случај паѓа на товар на тужените. Меѓутоа, видно од списите во предметот произлегува дека Владата на Република Македонија му предложила на Собранието на Република Македонија да се разреши претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Собранието има донесено Одлука за разрешување на претседателот и на сите членови на Комисијата, што значи дека не е разрешен само тужителот врз основа на неговата политичка припадност, при што во образложението на одлуката е наведено дека причина за разрешување бил малиот процент на одлуки по кои Комисијата мериторно одлучила согласно извештајот за работата од 2016 година. Оттука, според Апелациониот суд, во конкретниов случај, од страна на тужениот се докажало дека разрешувањето на сега тужителот од функцијата член на Државната комисија не било извршено поради неговата политичка припадност, туку поради неажурност при работењето на Комисијата, додека од друга страна сега тужителот согласно товарот на докажување кој по доставувањето на образложените решенија за нивно разрешување преминал на нивна страна. Во текот на постапката не доставиле релевантен доказ од кој би можело да се утврди дека во текот на извршување на неговата функција во целост ги почитувал одредбите од позитивните законски прописи, па следствено на тоа останало недокажано дека истиот бил разрешен поради неговата политичка припадност. Околноста дека по разрешувањето се реизбрани двајца членови кои биле разрешени поради неажурност, а подносителот на барањето не е избран е неоснована, од причини што тие се пријавиле на јавниот оглас за прием на членови на Државната комисија и истите биле избрани, според второстепениот суд не значи дека тужителот е дискриминиран поради политичка припадност со оглед на фактот дека огласот е од јавен карактер и истиот е објавен во дневен печат или во други средства за јавно информирање согласно закон. Согласно наведеното, според Апелациониот суд тужбеното барање на тужителот е неосновано дека тужените го повредиле правото на тужителот на еднакво признавање или уживање на човековите права и основни слободи споредено со третманот кој го има или би можело да го има друго лице во исти или слични услови на начин што сториле директна дискриминација по основ на политичка припадност согласно член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

На вака утврдена фактичка состојба и при непостоење на суштествени повреди на одредбите од Законот за парничната постапка, Апелациониот суд утврдил дека првостепениот суд правилно го применил и материјалното право.

На јавната расправа што се одржа пред Уставниот суд по овој предмет, подносителот на барањето Влатко Сајкоски го информираше Уставниот суд дека со пресуда на Управниот суд У5 бр.14/2018 од 17.7.2020, одлуката на Собранието бр.08-4480/1 од 23.7.2017 е поништена. Оваа пресуда е правосилна и истата предизвикува такво дејство, оваа одлука која е предмет на ценење на овој суд, повеќе не постои. Од таму сметам дека барањето веројатно би било како формално правно беспредметно да се разгледува пред овој суд како такво.

III

Според член 8 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Член 9 од Уставот, определува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 50 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Согласно член 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.50/2010, 44/2014, 150/2015 и 177/2015 ( пречистен текст), кој важел во времето на водењето на постапката, се обезбедува спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закон и ратификувани меѓународни договори. За заштита од дискриминација се формира Комисија за заштита од дискриминација. Комисијата за заштита од дискриминација има својство на правно лице.

Според член 2 од Законот, заштитата и забраната од дискриминација се однесува на сите физички и правни лица во процесот на остварување на правата и слободите гарантирани со Уставот и со законите на Република Македонија.

Со член 3 од Законот се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор (во натамошниот текст: дискриминаторска основа).

Во членот 4 од Законот, е предвидено дека овој закон се применува од страна на сите државни органи, органи на единицата на локалната самоуправа, правни лица со јавни правни овластувања и правни и физички лица во областа на: 1) работата и работните односи; 2) образование, наука и спорт; 3) социјална сигурност, вклучувајќи го и подрачјето на социјална заштита, пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и здравствена заштита; 4) правосудство и управа; 5) домување; 6) јавно информирање и медиуми; 7) пристап до добра и услуги; 8) членување и дејствување во синдикални, политички партии, здруженија на граѓани и фондации или други организации засновани на членство; 9) култура и 10) други области определени со закон. Значење на изразите употребени во овој закон.

Во член 5 од Законот е определено значењето на одделни изрази употребени во овој закон, како на пример:

1. Афирмативни мерки се активности на надлежните државни органи кои се насочени кон спречување и заштита од дискриминација, односно намалување или елиминирање на фактичка нееднаквост којашто настанала како резултат на претходна дискриминација;
3. Дискриминација е секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи кое се заснова на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа;
4. Дискриминаторско однесување и постапување е секое активно или пасивно однесување на секое лице од страна на јавните власти, како и од страна на правни и физички лица од приватниот и јавниот сектор во јавниот живот, кое создава основи за привилегирање или депривилегирање на некое лице на неоправдан начин, или кое го изложува на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица во слична ситуација, базирано на која било од дискриминаторските основи;
6. Еднаквост е начело според кое сите луѓе се рамноправни, односно изедначени во обврските и правата. Еднаквоста ја подразбира различноста, односно подразбира постоење неистоветни лица кои треба да бидат еднакво третирани;
7. Ефективна заштита е постоење систем од достапни и употребливи механизми за поведување постапка во случај на дискриминација, постоење независни и објективни структури кои постапуваат по поднесените жалби врз основа на однапред предвидени процедури и постоење на однапред предвидени санкции за конкретни повреди на правата;
8. Легитимна (објективно оправдана) цел е цел која не е спротивна на Уставот и на одредбите на меѓународните договори, а којашто соодветствува со реалните потреби, однапред е прецизно дефинирана и е пропорционална на ефектите кои треба да се постигнат;
9. Лице е физичко лице кое престојува на територијата на Република Македонија и правно лице кое е регистрирано, односно врши дејност на територијата на Република Македонија;

Според член 6 став 1 од Законот, директна дискриминација врз дискриминаторска основа е секое неповолно постапување, разликување, исклучување или ограничување кое како последица има или би можело да има одземање, нарушување или ограничување на еднаквото признавање или уживање на човековите права и основни слободи, споредено со третманот кој го има или би можело да го има друго лице во исти или слични услови.

Во став 2 на член 6 од Законот, е определено дека индиректна дискриминација врз дискриминаторска основа е секое ставање на некое лице или група во неповолна положба во споредба со други лица, со донесување очигледно неутрални одредби, критериуми или со преземање на определени практики, освен кога таквите одредби, критериуми или практики, произлегуваат од оправдана цел, а средствата за постигнување на таа цел се соодветни и неопходни.

Според член 34 став 1 од Законот лицето кое смета дека поради дискриминација му е повредено некое право е oвластено да поднесе тужба пред надлежен суд. Во став 2 од наведениот член, е определено дека во постапката соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, која согласно ставот 3 е итна.

Според член 36 став 1 од Законот, со тужбата од член 34 став 1 на овој закон може да се бара: 1) да се утврди дека тужениот го повредил правото на тужителот на еднаков третман, односно дејствието коешто го презел или пропуштил може непосредно да доведе до повреда на правата на еднаквост во постапувањето; 2) да се забрани преземање дејствија со кои се крши или може да се прекрши правото на тужителот на еднакво постапување, односно да се извршат дејствија со кои се отстранува дискриминацијата или нејзините последици; 3) да се надомести материјалната и нематеријалната штета причинета со повреда на правата заштитени со овој закон и 4) да се објави во медиумите пресудата со која е утврдена повреда на правата на еднакво постапување на трошок на тужениот.

Ако странката во судска постапка тврди дека согласно со одредбите на овој закон ѝ е повредено нејзиното право на еднакво постапување, согласно член 38 став 1 од Законот е должна да ги изнесе сите факти и докази кои го оправдуваат нејзиното тврдење. Докажувањето дека немало дискриминација паѓа на товар на спротивната странка. Според став 2 од член 38 од Законот, одредбата од ставот 1 на овој член не се применува во прекршочната и казнената постапка.

Од наведените одредби кои го дефинираат поимот дискриминација произлегува дека дискриминација означува изложување на одредено лице на нееднаков, различен или понеповолен третман или положба во споредба со други лица кои се наоѓаат во иста ситуација, односно неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи на лица, кое се заснова на некоја нивна карактеристика (дискриминаторска основа).

Суштествено кај случаите на дискриминација е тоа што лицето кое тврди дека му е повредено правото на еднакво постапување со дискриминација, треба да ги изнесе сите факти и докази во поткрепа на своето тврдење односно да докаже дека со дејствието што го оспорува тој бил дискриминиран по една или повеќе дискриминаторски основи, односно треба да покаже релевантни факти и докази дека бил изложен на нееднаков третман или недоволен третман во споредба со друго лице во иста ситуација, за да се активира механизмот за заштита од дискриминација.

Тргнувајќи од изнесената фактичка состојба како и наведените уставни одредби и одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација кој важел во времето на водењето на целата постапка, Основниот суд Кичево и Апелациониот суд во Гостивар утврдиле дека неспорен е фактот дека на 13 октомври 2016 година, Собранието на Република Македонија донело Одлука за именување на претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што покрај другите е именуван и Влатко Сајкоски, сега подносител на барањето.

Понатаму, од Основниот суд и Апелациониот суд е утврдено дека на предлог на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија на 23 јули 2018 година, донело Одлука за разрешување на претседателот и членовите на Државна комисија и истите биле разрешени, што значи дека не е разрешен само подносителот на барањето врз основа на политичка припадност. Во образложението на предлогот за разрешување, а врз основа на изготвениот извештај за работата на Комисијата за 2016 година, разрешувањето следело поради малиот процент на решени предмети по кои Комисијата мериторно одлучила. Оттука, според судовите, не е повредено правото на тужителот за еднакво признавање или уживање на човековите права и слободи споредено со третман кој го има или би можело да го има друго лице во иста или слична ситуација.

Воедно, при одлучувањето судовите ги ценеле наводите истакнати од тужителот, а сега подносител на барањето, дека тој бил член на Комисијата од 09.11.2016 година, во кој период биле решени стотици предмети, при што посочените наводи не ги прифатиле од причина што тужените постапката ја воделе согласно закон, а уште повеќе што тужителот не се обратил до Комисијата за заштита од дискриминација која има надлежност да постапува, покрај другото и за заштита од дискриминација.

Исто така, Апелациониот суд во Гостивар, постапувајќи по жалбата на тужителот во однос на Пресудата на Основниот суд Кичево, констатирал дека со обжалената пресуда првостепениот суд правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба и го одбил тужбеното барање со оглед на тоа што во конкретниов случај не е сторена директна дискриминација врз основа на политичка припадност, од причини што биле разрешени сите членови на Комисијата, па и подносителот на тужбата кој бил член на Комисијата, а припаѓал на политичката партија ВМРО ДПМНЕ уште од 1997 година.

Во однос на наводите на тужителот, сега подносител на барањето, дека во конкретниов случај е сторена дискриминација врз основа на политичка припадност, судовите имајќи ги предвид списите по предметот имале предвид дека Собранието на Република Македонија ги разрешило сите членови на Комисијата, а не само тужителот, односно сега подносителот на барањето поради малиот процент на решени предмети. Оттука, во пресудите на редовните судови е констатирано дека тужениот во конкретниов случај докажал дека разрешувањето не било сторено поради политичка припадност, туку поради неажурност, при што товарот на докажување кој по доставување на решенијата за разрешување преминал на страна на тужителот кој во текот на постапката не доставил релевантен доказ од кој би можело да се утврди дека во текот на извршувањето на неговата функција во целост ги почитувал одредбите од позитивните законски прописи од каде не докажал дека бил разрешен поради неговата политичка припадност. Околноста дека по разрешувањето на членовите на Комисијата се реизбрани двајца членови кои биле разрешени поради неажурност е неоснована од причини што тие се пријавиле на јавниот оглас и истите биле избрани, што не значи дека тужителот бил дискриминиран поради политичка припадност, имајќи предвид дека огласот бил јавен и објавен во дневен печат согласно закон.

Според наведеното, барањето на тужителот е неосновано, односно не е докажано дека тужените го повредиле правото на тужителот на еднакво признавање или уживање на човековите права и основни слободи споредено со третман кој го има или можело да го има друго лице во исти или слични услови, што значи дека не постои директна повреда на дискриминација по основ на политичка припадност од член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Судот тргнувајќи од изнесената фактичка состојба по предметот, оцени дека Основниот суд во Кичево и Апелациониот суд во Гостивар врз основа на утврдената фактичка состојба го одбиле тужбеното барање со оглед на фактот што во конкретниот случај не е сторена дискриминација врз основа на политичка припадност од причини што биле разрешени сите членови на Комисијата, па и подносителот на барањето кој бил член на таа комисија, а припаѓал на политичката партија ВМРО ДПМНЕ уште од 1997 година.

Со оглед на наведеното, следуваше Судот да го одбие барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, а коишто се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност, според подносителот на барањето сторена со наведените пресуди.

Во врска со Одлуката на Собранието на Република Македонија бр.08-4480/1 од 23.07.2018 година, со која биле разрешени претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на јавната расправа Уставниот суд на Република Северна Македонија констатира дека со Пресуда на Управниот суд У5 бр.14/2018 од 17.07.2020, наведената одлука на Собранието е поништена. Оваа пресуда е правосилна.

Одлуката на Собранието бр.08-4480/1 од 23.07.2017 која е означена како акт на можна повреда е поништена, од каде Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на барањето во делот што се однесува на поништената одлука на Собранието.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука и ова решение.

V

Одлуката и Решението согласно член 78 од Деловникот на Судот ќе се објават во „Службен весник на Република Северна Македонија“

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска