Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска оствари онлајн средба со претставници на германската фондација за правна соработка (ИРЗ) на чело со г. Штефан Пирнер, раководител на проектна област, експерти за уставно право од Сојузна Република Германија и претставници на амбасадата на СР Германија во Република Северна Македонија.
На оваа работна средба претставниците на ИРЗ ги презентираа досегашните активности од проектот кој се спроведува со цел промоција на уставната жалба како средство за заштита на слободите и правата на граѓаните во Република Северна Македонија.
Претставниците од ИРЗ информираа дека завршниот извештај со наслов „Сеопфатна и ефикасна уставна жалба како средство за зголемување на правната заштита на граѓаните“ е изготвен во нацрт-верзија, а конечната верзија ќе биде претставена на регионална конференција којашто треба да се одржи на крајот од месец ноември оваа година во заедничка организација на Уставниот суд и ИРЗ.
Заедничка констатација беше дека еден ваков регионален настан ќе биде од огромно значење и важност со оглед на тоа дека претставува можност за промоција на воведувањето на уставната жалба во Република Северна Македонија. Исто така овој настан ќе биде одлична можност за претставници од уставни судови од други држави, професори по уставно право, претставници од граѓанскиот сектор да ги изнесат своите ставови во врска со воведувањето и значењето на уставната жалба.
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска го нагласи значењето на целокупната досегашна соработка со фондацијата, а особено сегашниот ангажман во делот на промоција на воведувањето на уставната жалба во Република Северна Македонија.
Покрај ова, од нејзина страна беа изнесени ставови и информации по однос на можните идни нормативни решенија кои би го замениле постојниот Деловник на Уставниот суд донесен во 1992 година и како да се уреди постапката за заштита на слободите и правата пред Судот.
Проектот за Уставниот суд на Република Северна Македонија е одобрен од министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија