У.бр.87/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.87/2023
Скопје,12.07.2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 12.07.2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 162/2010).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Подносителот Владимир Клековски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведу-вање постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот означен во точката 1 од изреката на ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред ја цитира содржината на оспорената одредба, па наведува дека Судот со Одлуката У.бр.113/2022 од 21 март 2023 година укинал две одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија. Во натамошниот текст на иницијативата следува хроно-лошки приказ на измените и дополнувањата на наведениот закон кои Судот ги имал предвид при носење на наведената одлука, како и причините од кои се раководел при носење на интервентната одлука.

Според мислењето на подносителот на иницијативата образложението на Судот во означената одлука не е логично, не е правно издржано и не содржи доволно образложени причини. Според подносителот ако сега укинатата одредбата не е јасна и прецизна се поставува прашање како тоа ниту едно избрано или именувано лице до сега не презело никакви дејствија за нејзино отстранување. За подносителот не е точно и е неразбирливо образложението на Судот за постоење на две правни правила за утврдување на основицата на платата на избраните и именуваните лица. Имено, ако ова е точно се поставува прашање како била исплаќани платите во изминатиот период. На овој начин, според подносителот на иницијативата, Уставниот суд излегува од својата надлежност и постапува како да е законодавец, односно укинал една одредба за да може да се примени друга којашто одговара на интересите на избраните и именувани лица, со што се става во улога на законодавец и носи одлука со која ја зголемува платата на избраните и именувани лица. При носење на одлуката Судот погрешил бидејќи не ја применил максимата lex posterior derogate (legi) priori.

Во сето ова, Уставниот суд, заборавил или пропуштил една измена на Законот. Имено, во член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010) е определено дека во Законот за именување и дополну-вање на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Маке-донија“ бр.97/2010) во член 4 се додава нов став 2 кој гласи:

По исклучок од ставот 1 на овој член, основицата за пресметување на плата на судиите на Уставниот суд на Република Македонија е во износ од 25.726 денари.

Според подносителот на иницијативата во Одлуката У.бр.113/2022 од 21 март 2023 година никаде не било спомната сега оспорената одредба, како одредба што се укинува, од каде произлегува дека истата сẻ уште важи, не е укината и треба да се применува на судиите на Уставниот суд, од каде истите не треба да земаат плата со основица од просечна плата, туку со основица од 25.726,оо денари.

Имајќи ја предвид неправилната, горе означена одлука, според подносителот се наметнува заклучок дека и оспорената одредба треба да се укине. Ова од причина што Судот зазема погрешен, неуставен, незаконит и неправилен став при носење на претходната одлука и сега во правниот поредок постои важечки закон и одредба, спротивна на погрешниот став и погрешната одлука. Дотолку повеќе што се работи за основица за плата на уставните судии и ако се следи ставот и стојалиштето од наведената погрешна, неуставна, незаконита и неправилна одлука произлегува дека оспорената одлука е спротивна на принципот на владеење на правото. Треба да се има предвид дека оспорената одредба упатува на норма што е укината и непостоечка, што доведува до правна несигурност, најаснотии и забуна во практикување на правото на засегнатите субјекти, а во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми, што според подносителот во овој случај не е така.

Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оцена на уставноста на оспорената одредба, а потоа истата да ја укине.

II

Судот на седница утврди дека според член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010) во Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 97/10), во член 4 по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:

По исклучок од ставoт 1 на овој член, основицата за пресметување на плата на судиите на Уставниот суд на Република Македонија е во износ од 25.726 денари.

Во член 2 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010) е предвидено влегување во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, односно од 15.12.2010 година, а одредбата има примена сметано од 28 јули 2010 година.

Со иницијативата се оспорува член 1 од Законот.

III

Согласно член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија:
– одлучува за согласноста на законите со Уставот;
– одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите;
– ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност;
– решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт;
– решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа;
– одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката;
– одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и
– одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.

Во член 112 став 3 од Уставот е определено дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Имајќи ги предвид двете цитирани уставни одредби и уставно утврдената надлежност произлегува дека Уставниот суд нема надлежност да ја преоценува донесената интервентна одлука У.бр.113/2022 од 21.03.2023 година, а донесените одлуки се конечни и извршни од каде нема процесни претпоставки за впуштање во анализа на претежниот дел од наводите во иницијативата кои се однесуваат на означената одлука.

Можност за промена на ставот на Судот има само во случаите кога не повел постапка за оценување на уставноста, односно уставноста и законитоста, а при повторното постапување за истата работа ќе се појават основи за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, што овде не е случај бидејќи е донесена интервентна одлука.

По однос на овој дел од наводите во иницијативата исполнети се условите за отфрлање согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

Инаку, согласно член 18 став 4 од Деловникот на Судот, во овој случај по повод поднесената иницијатива не е барано појаснување од доносителот на оспорената одредба, бидејќи Судот оцени дека за слично прашање веќе има изградено став.

Што се однесува до наводите од иницијативата со кои се оспорува уставноста на член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010) во претходната постапка се утврди следното:

Со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010) во Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 92/2009 и 42/10), беше предвидено дека член 2 се менува и гласи „Основицата утврдена согласно со членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ“ број 36/90 и „Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 23/97, 37/2005, 84/2005, 121/2007 и 161/2008), во износ од 23.153 денари, се применува заклучно со исплатата на платите за декември 2011 година, а од јануари 2012 година се применува основица во износ од 25.726 денари“.

Со член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2014) беше предвидено дека во Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 145/12) членот 1 се менува и гласи „Платите на избраните и именуваните лица во Републиката во 2014 година може да се зголемат за 4% започнувајќи со исплатата на платите за октомври 2014 година“.

Двете цитирани одредби се укинати со Одлуката на Судот У.бр.113/2022 од 21 март 2023 година и не се веќе дел од правниот поредок сметано од 23.03.2023 година кога наведената одлука е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.65/2023.

Бидејќи одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, согласно член 112 став 3 од Деловникот, доносителите на укинатите или поништени акти и норми, во случај на настанување на правна празнина или потреба од ново уредување постапуваат согласно своите надлежности притоа имајќи ги предвид становиштата на Судот изразени во интервентните одлуки. Дали ќе има таква потреба е прашање на секој одделен случај.

Неспорно, во наведената одлука сега оспорениот член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010) не бил предмет на оспорување во тогаш поднесената иницијатива и не бил предмет на анализа по иницијатива на Уставниот суд. Впрочем, согласно член 14 став 2 од Деловникот, при испитување на уставност на закон, Уставниот суд може, но не мора да ја оценува уставноста и на одредби што не се оспорени со иницијативата. Но, во хронологијата и историјатот на сите направени измени и дополнувања и утврдената фактичка состојба по предметот У.бр.113/2022 овој суд имал предвид дека сега оспорената одредба била дел од целината на Законот и констатирал дека оваа норма постоела.

Оттаму, по однос на прашањето зошто Судот не ја отстранил и оваа одредба од правниот поредок заедно со сега укинатите одредби од Законот, одговорот е следен:

Од целокупната содржина на Законот објавен во службеното гласило бр.162/2010, во кој е содржан и оспорениот член 1, произлегува дека оспорената одредба се надоврзува на содржината на сега укинатиот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 97/2010) и тоа како исклучок од содржината на правилото содржано во укинатата одредба. Поточно, судиите на Уставниот суд за пресметување на платата, по исклучок, имаат основица од 25.726 денари. Ваквата пресметка на плата има ретроактивна примена или според член 2 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010) сметано од 28 јули 2010 година, а не од денот кога дополната на Законот е објавена (15.12.2010 година).

Наведениот датум на примена е идентичен со датумот на примена на сега укинатиот член 4 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 97/10), објавен на 20.07.2010 година, а влегол во сила осмиот ден од објавувањето или на 28.07.2010 година. За одбележување е што во овој „Службен весник на Република Македонија“ (бр.97/2010), се објавени и соодветни измени и дополнувања во посебни закони кои се однесуваат на основицата на платите на судиите, јавните обвинители, членовите на Советот на јавни обвинители и членовите на Судскиот совет и со соодветни посебни одредби основицата е утврдена на износ од 25.726 денари, во износ кој подоцна со оспорената одредба е утврден и за уставните судии.

Вака утврдената основица во износ од 25.726 денари за сите избрани и именувани лица, вклучувајќи ги и уставните судии, била во важност заклучно со исплатата на платата за октомври 2014 година. Имено, согласно сега укинатиот член 2 од Законот за изменување на Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2014), било предвидено дека работодавачот утврденото право на плата во 2014 година може да го зголеми за 4% започнувајќи со исплатата за октомври 2014 година, па така, сметано од 1 ноември 2014 година основицата изнесува 26.755 денари за сите избрани и именувани лица и е основица според која се пресметуваат и исплатуваат платите на избраните и именуваните лица сẻ до денот на објавување на интервентната одлука на Судот У.бр.113/2022 од 21 март 2023, објавена на 23.03.2023 година.

Од сето наведено произлегува дека утврдената основица од 25.726 денари од оспорената одредба, која по исклучок им се исплаќала на уставните судии, била во важност и примена сметано од 28.07.2010 година за кога била предвидена примената на оспорената одредба, па сẻ до 1 ноември 2014 година кога започнала исплатата на новоутврдената основица од 26.755 денари. Вака зголемената основица за 4% се исплаќала сẻ до 23.03.2023 година кога е објавена интервентната одлука на Судот.

Според тоа, оспорениот член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 162/2010), како исклучок од правилото и како несамостојна норма бил дерогиран со започнување на примената за измената на Законот од 2014 година со што по принципот lex posterior derogate (legi) priori истата не е повеќе дел од правниот поредок и како таква не може да биде предмет на уставно-судска оцена. Оттаму, не е точно тврдењето дека овој суд го немал предвид наведеното начело, напротив ценејќи дека станува збор за дерогирана норма, која и не била оспорена, не нашол за потребно да влегува во посебна анализа и истата да ја проблематизира како норма што повеќе не произведува правно дејство, согласно утврдените надлежности.

Имајќи предвид дека Уставниот суд е надлежен за оцена на уставноста и законитоста само на оспорените акти кои се дел од правниот поредок, но не и на оние што престанале да важат, на каков било начин, произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на овој дел од иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

Согласно член 78 став 3 од Деловникот, Судот одлучи ова решение да се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска