Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.79/2023
Скопје, 20 јули 2023 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 јули 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 116 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2020 и 79/2023).
Образложение
I
Славко Лазовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 116 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба од Законот за пензиското и инвалидското осигурување не е во согласност со член 33 од Уставот на Република Северна Македонија, од каде секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Како причина за оспорување на член 116 став 2 од Законот, се наведува дека задршката како термин, со сите свои елементи, суштина и значење, употребен во оспорената одредба има несомнено значење на јавна давачка, поточно со својата економска и правна суштина претставува јавна давачка. Доколку истата се разгледува од даночен аспект, поимот задршка и нејзиното одредување во фиксен износ од 150 денари, според последната одлука на наведена „регистрирана организација“, има поголемо значење од јавна давачка. Според подносителот, висината или износот на јавната давачка се утврдува во постапка на оданочување, во која постапка се уредуваат главните и споредните елементи на јавната давачка и тоа во строго пропишана даночна постапка, во која се земаат фактите кои одат во прилог, односно против даночниот обврзник, додека пак износот на јавната давачка се утврдува од страна на овластено даночно тело. Подносителот смета дека само со закон може да се пропишат данок и други јавни давачки, од каде задршката ќе претставува давачка која спаѓа под други јавни давачки.
Подносителот го дефинира поимот даноци, цитирајќи го член 4 став 1 точка 3 од Законот за даночна постапка, каде во наведената одредба е пропишано дека „Даноци се давачки на даночниот обврзник кои мора да бидат платени без противуслуги, кои служат за општо државно добро и кои на сите даночни обврзници им се наметнати со закон“. Од каде, зборовите „и други јавни давачки“ во домашните даночни и други закони може да се сретнат под следните поими: „акцизи“; „придонес“; „надомест“; „прираст“; „такси“; „издвојување“; „давање задршка“ и сл.
Оспорената одредба од Законот за пензиското и инвалидското осигурување го задоволува критериумот од член 4 став 1 точка 3 од Законот за даночна постапка, каде е наведено дека даноците мора да бидат „наметнати со закон“, но не и уставниот критериум дека начинот на кој се утврдува јавната давачка мора да биде пропишана со закон, а не со одлука, која воедно е донесена и врз основа на Правилникот за работа на регистрираната организација на солидарниот фонд и членарина бр.03-06/420 од 04.07.2014 година, а која воедно не е јавно објавена.
Понатаму, се наведува дека основано треба да се постави прашањето, дали задршката претставува јавна давачка, или претставува нешто друго. Една од индициите е дека истата претставува парафискална давачка, која е наметната со закон и влегува во буџет, односно во фондот на ПИОМ, а „фонд“ е второ име кое се користи за „буџет“. Врз основа на наведеното, придонесот за пензиското и инвалидското осигурување, исто така би претставувал парафискална давачка, но во суштина, истата не може да претставува парафискална давачка. Придонесот за пензиското и инвалидското осигурување е јавна давчка, а секоја јавна давачка мора да ги содржи основните суштински делови, односно истата да биде наметната со закон и да влегува во буџет, а доколку само едниот услов не е остварен, може да се констатира дека станува збор за парафискална давачка во потесна, односно поширока смисла на зборот.
Токму тоа што задршката влегува во фондот на ПИОМ, таа претставува јавна давачка, од каде наметната со закон влегува во буџет, со што истата не може истовремено да претставува парафискална давачка. Со оглед на тоа што задршката влегува во буџет, на неа мора да се примени член 33 од Уставот на Република Северна Македонија.
Според подносителот, може да се констатира дека тоа важи за солидарниот фонд, кој ги собира, утврдува, пресметува и наплатува средствата во име на Фондот, од каде истите остануваат кај него. Додека пак во случајот со членарината, истата ја собира Фондот, а веднаш потоа ја префрла на „Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија“, а Сојузот потоа ги префрла на здруженијата на пензионери, членки на СЗПМ.
Оттаму, не може да се тврди дека членарината не влегува во Фондот на ПИОМ од две причини. Првата причина е, штом членарината се задржува од исплатените пензии, сепак таа влегува во фондот, односно јавните давачки имаат строго утврдена временска димензија, од каде еден од главните елементи е времето на настанување, со што истите имаат строго разграничени временски периоди, според кои се определува нивната економска и правна суштина. Додека пак, втората причина, според подносителот е дека кај јавните давачки важи правилото, кога две јавни давачки се наплатуваат во исто време, од ист субјект, на ист начин, тогаш помалата јавна давачка ја дели судбината на поголемата, односно главната јавна давачка.
Врз основа на претходно изнесеното, подносителот наведува дека висината на задршката не смее да ја определува Одборот на фантомската регистрирана огранизација, туку тоа е задача на Законот.
II
Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 116 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се уредува „Висината на задршката за посмртна помош и членарина, висината на исплатата за посмртна помош во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија, начинот на распределба на членарината, начинот и постапката за исплата на посмртната помош на корисниците на пензија од средствата на солидарниот фонд во единствен износ за сите корисници на пензија, како и начинот на располагање со слободните, а неискористени средства од посмртна помош, со акт ги утврдува регистрирана организација на „Сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија“.
III
Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во конкретниот случај, што се однесува до наводите содржани во иницијативата, а се однесуваат на член 116 став 2 од предметниот закон, од уставно-судската пракса произлегува дека претходно е одлучувано за уставноста на важечките одредби од член 116 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018, 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020 и 67/2020).
Имајќи предвид дека Уставниот суд досега одлучувал за оспорената одредба од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на начин што со Решението У.бр.15/2013 од 25 септември 2013 година и Решението У.бр.157/2017 од 17 октомври 2018 година не повел постапка за оценување на неговата уставност, односно со Решението У.бр.5/2022 од 11 мај 2022 и Решението У.бр.44/2022 од 26 мај 2022 година ги отфрлил иницијативите како пресудена работа, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска