Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.59/2022
Скопје, 12 јули 2023 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 12 јули 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 35 став 2 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016, 193/2016 и 198/2018).
Образложение
I
Подносителите Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, адвокати од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 став 2 од Законот за кривичната постапка.
Во наводите од иницијативата се наведува дека од содржината на одредбата од член 35 став 2 од Законот за кривичната постапка произлегува дека странките во кривичните постапки можат да поднесат барање за изземање врз основа на член 33 став 2 од истиот закон, најдоцна до започнувањето на главната расправа.
Исто така, подносителите истакнуваат дека од член 33 став 2 од Законот произлегува дека иако постојат релевантни причини за изземање на судија, судија поротник, јавен обвинител или друг учесник во постапката, тие причини не се опфатени со член 33 став 1 од Законот за кривичната постапка, туку се опфатени со член 33 став 2 од Законот, а за тие причини странките дознале по отпочнувањето на главната расправа или тие причини се појавиле по отпочнувањето на главната расправа и поради таквите причини странките не можат да поднесат барање за изземање во кривичните постапки.
Подносителите појаснуваат дека во практиката и во секојдневието може да постојат повеќе релевантни причини за изземање, коишто не се опфатени со член 33 став 1 од Законот за кривичната постапка, туку се опфатени со член 33 став 2 од истиот закон, за кои причини странките ќе дознаат по отпочнувањето на главната расправа или кои причини ќе се појават по отпочнувањето на главната расправа.
Така, подносителите на иницијативата како примери ги посочуваат следниве можни случаи: кога судијата, судијата-поротник или обвинителот може да стапат во закупен однос со обвинетиот или со оштетениот; судијата-поротник може да заснова работен однос кај обвинетиот или кај оштетениот (или со работодавач, кај кој обвинетиот или оштетениот се управители или заземаат друга раководна-менаџерска позиција); брачниот или вонбрачниот другар на судијата, судијата-поротник или на обвинителот може да заснова работен однос со обвинетиот или со оштетениот (или со работодавач, кај кој обвинетиот или оштетениот се управители или заземаат друга раководна-менаџерска позиција); син или ќерка на судијата, судијата-поротник или на обвинителот може да стапи во блиски лични односи, во брак или да заснова вонбрачна заедница со обвинетиот или со оштетениот; судијата, судијата-поротник или обвинителот манифестирале пристрасност поради тоа што во текот на постапката дознале за кривично дело на оштетениот на штета на обвинетиот, но не го пријавиле таквото кривично дело и син или ќерка на судијата, судијата-поротник или на обвинителот може да стапи во блиски лични односи, во брак или да заснова вонбрачна заедница со син или со ќерка на обвинетиот или на оштетениот итн.
Во дополнение, подносителите потенцираат дека од член 35 став 2 од Законот за кривичната постапка во врска со член 33 став 2 од Законот, произлегува дека законодавецот дозволил во Република Северна Македонија да постојат пристрасни судови, односно дозволил пристрасни судови да одлучуваат за кривичната одговорност и да изрекуваат кривични санкции.
Во контекст на наведеното, подносителите предлагаат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и да го поништи или укине член 35 став 2 од Законот за кривичната постапка, кој што го оспоруваат, бидејќи истиот бил спротивен на Уставот.
II
Судот на седница утврди дека оспорениот член 35 став 2 од Законот, е систематизиран во глава III „Надлежност на судовите и изземање“ каде е предвидено дека „Странките можат да поднесат барање за изземање до почетокот на главната расправа, а ако за причината за изземањето од членот 33 став 1 на овој закон дознале подоцна, барањето го поднесуваат веднаш по дознавањето“.
III
Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија; владеењето на правото; правната заштита на сопственоста, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во член 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 108 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
Согласно член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот. Согласно член 112 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот.
Согласно член 112 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.
Во Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016, 193/2016 и 198/2018), во член 35 во став 2 се предвидува дека „Странките можат да поднесат барање за изземање до почетокот на главната расправа, а ако за причината за изземањето од членот 33 став 1 на oвој закон дознале подоцна, барањето го поднесуваат веднаш по дознавањето“.
Со иницијативата се оспорува член 35 став 2 од Законот, во кој е наведено временско ограничување за поднесување на барање за изземање, до почетокот на главната расправа, кое не било во согласност со наведените уставни одредби, Подносителите појаснуваат дека во практиката и во секојдневието може да постојат повеќе релевантни причини за изземање, коишто не се опфатени со член 33 став 1 од Законот за кривичната постапка, туку се опфатени со член 33 став 2 од истиот закон, за кои причини странките ќе дознаат по отпочнувањето на главната расправа или кои причини ќе се појават по отпочнувањето на главната расправа. Во дополнение, подносителите потенцираат дека од член 35 став 2 од Законот за кривичната постапка во врска со член 33 став 2 од Законот, произлегува дека законодавецот дозволил во Република Северна Македонија да постојат пристрасни судови, односно дозволил пристрасни судови да одлучуваат за кривичната одговорност и да изрекуваат кривични санкции.
Според член 33 став 1 од Законот за кривичната постапка Судија или судија-поротник не смее да врши судиска должност, ако: 1) е оштетен со кривичното дело; 2) обвинетиот, неговиот бранител, тужителот, оштетениот, неговиот законски застапник или полномошник, му е брачен, односно вонбрачен другар или роднина по крв во права линија до кој и да е степен, во странична линија до четврти степен, а по сватовство до втор степен; 3) со обвинетиот, неговиот бранител, тужителот или со оштетениот е во однос на старател, лице под старателство, посвоител, посвоеник, хранител или храненик; 4) во истиот кривичен предмет учествувал како судија на претходна постапка, учествувал во испитувањето на обвинението пред главната расправа или учествувал во постапката како тужител, бранител, законски застапник или полномошник на оштетениот, односно на тужителот или е испитан како сведок или како вештак и 5) во истиот предмет учествувал во донесувањето на одлуката на понискиот суд или ако во истиот суд учествувал во донесувањето на одлуката која се побива со жалбата. (2) Судија или судија-поротник може да биде изземен од вршење на судиска должност покрај случаите наведени во ставот 1 на овој член, ако постојат околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност.
Согласно член 38 став 1 од Законот, одредбите за изземање на судии и судии-поротници согласно ќе ce применуваат и врз јавните обвинители, освен во случаите кога постои основот од член 33 став 1 точки 4 и 5 на овој закон. Според став 2 од истиот член, одредбите за изземање на судии и судии-поротници согласно ќе се применуваат и врз записничарите, преведувачите, односно толкувачите и стручните лица, како и врз вештаците, ако за нив не е определено нешто друго со член 238.
Имено, кога за причините за изземање странките дознале по отпочнување на расправата, барањето се поднесува веднаш по дознавањето, но само ако се работи за барање за изземање поради постоење на причините од член 33 став 1 од Законот за кривичната постапка. Со даденото ограничување се оневозможува честата појава во текот на расправата постојано да се поднесуваат барања за изземање по основ од член 33 став 2, со наведување на различни причини, а сẻ со цел постапката непотребно да се одолговлекува.
Од анализата на целината на член 35 став 2 од Законот, произлегува дека истата содржи генерално правило дека странките можат да поднесат барање за изземање до почетокот на главната расправа, но доколку за причината за изземање дознале по овој момент, исто така, имаат право да истакнат барање за изземање веднаш по дознавањето за причините. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека член 35 став 2 од Законот за кривичната постапка не е во спротивност со Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска