Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.1/2022
Скопје, 05.07.2023 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 јули 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 75-ѓ, 76-д, 78 и 78-а од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр.40/2006, 136/2008,148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018,140/2018, 208/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019, 42/2020, 74/2021 и 215/2021).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
I
Павле Трајанов од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените членови од Изборниот законик се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 5, член 9, член 16 ставови 1-5 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија. Подносителот на иницијативата смета дека одредбите содржани во членовите 75-ѓ и 76-д од Изборниот законик во кои биле регулирани ценовниците за платено политичко рекламирање во медиумите и начинот на исплатата на средствата, фаворизирале четири политички партии со што директно се загрозувал политичкиот плурализам, дискриминирајќи ги кандидатите кои имале поинакви политички уверувања и оневозможувајќи им еднаков пристап до средствата за јавно информирање, како и до средствата од Буџетот кои биле одвоени за таа намена.
Со оспорените членови 78 и 78-а, според иницијативата, политичките партии се ставаат во нерамноправна положба, бидејќи се обезбедува 80% од бесплатниот рекламен простор само на четири политички партии, додека на сите останати само 20% од вкупниот број на рекламни паноа и билборди.
Оттука, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се загрозува основното уставно начело на еднаквоста, односно со истите се внесува непропорционалност во политичкиот натпревар и изнесувањето на идеи и програми што директно влијае на изборниот процес бидејќи граѓаните биле оневозможени на рамноправен начин да се запознаат со политичките понуди на сите учесници во изборниот процес. Меѓутоа, според наводите во иницијативата, со оспорените одредби од Законот се фаворизираат само четири политички партии и истите доминираат во политичкиот дискурс и со нивното фаворизирање се губи обележјето на плуралистичкиот изборен систем.
Член 75 став 2 од Изборниот законик предвидува дека учесниците во изборната кампања имаат право на еднаков, рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, известување и други облици на пропаганда чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето. Но, подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби од Законот се во колизија со наведениот член од Изборниот законик со што истите се инкомпатибилни со нашиот демократски уставен поредок и како такви го загрозуваат политичкиот плурализам како дел од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во иницијативата подносителот укажува на компаративните анализи од другите земји според кои истите имаат воведено целосна забрана за платено политичко огласување на радио и телевизија и за време и надвор од изборите. Таквата забрана всушност упатува на заклучок дека радиодифузните медиуми сẻ уште имаат огромно влијание врз формирањето на јавното мислење и дека времето за емитување политичко-пропагандни пораки на телевизија е скапо, така што помалку моќните политички субјекти не можат да си дозволат огласување. Тоа би довело и до нарушување на плуралистичката јавна дебата и преголема присутност на одредени ставови во јавната сфера. Посебно се посочува на законското уредување во Италија каде е забрането платеното политичко рекламирање на телевизија за време на изборна кампања. Според новиот закон политичкото рекламирање единствено може да се емитува бесплатно со тоа што се овозможени еднакви можности на сите кандидати и политички партии. Јавниот радиодифузен канал RAI е обврзан да емитува политички реклами, додека приватните станици тоа може да го одбијат. Исто така, и во Канада, Комисијата за комуникација во радиото и телевизијата бара од радиодифузните медиуми да одвојат време врз еднаква основа. Овој принцип на еднаквост се однесува на цените, времетраењето, распоредот и пристапот во рекламирањето.
Врз основа на изнесеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Изборниот законик и истите да ги укине.
II
Судот на седницата утврди дека оспорениот член 75-ѓ од Изборниот законик е со следната содржина:
(1) За време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути кои се распределуваат по претходен писмен договор, за двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути кои се распределуваат по претходен писмен договор, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група можат да одвојат една минута која се распределува по претходен писмен договор и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати можат да одвојат триесет секунди кои се распределуваат по претходен писмен договор.
(2) При распределба на дополнителното време за рекламирање во еден реален час емитувана програма за платено политичко рекламирање, а кога постои интерес за спојување на блоковите на една политичка партија или кандидат во два последователни реални часа, медиумот е должен да обезбеди гаранција дека спојувањето на блокови во два последователни часа два пати по ред нема биде од иста политичка партија или ист кандидат и ќе обезбеди гаранција за наизменична застапеност на политичките партии од власт и опозиција.
(3) Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес.
(4) Во периодот од утврдување на ценовниците до започнување на изборната кампања, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни најмалку двапати јавно да ги објават ценовниците од ставот (2) на овој член на своите програми, односно во своите изданија или интернет страници.
(5) Печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни ценовниците од ставот (2) на овој член да ги достават до Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите, а радиодифузерите да ги достават до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите.
(6) Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), доколку обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања, се должни во рок од три дена од денот на распишување на изборите, да се регистрираат во Државната изборна комисија. Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) што нема да се регистрираат во Државната изборна комисија, нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање, обезбедени од Буџетот на Република Македонија.
(7) Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) се води врз основа на поднесено барање за упис до Државната изборна комисија, со прилог тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Македонија, не постара од 30 дена.
(8) Ценовниците не смеат да се менуваат до конечно завршување на изборниот процес.
(9) Радиодифузерите и печатените медиуми се должни ценовниците за секој медиум одделно за платено политичко рекламирање да ги применуваат и за време на изборната кампања и притоа просечната цена (аритметичка средина) по секунда за едно деноноќие добиена според различните ценовно-рекламни временски периоди и тоа: Период 1 – од 00:00 до 08:00 часот, Период 2 – од 08:00 до 16:00 часот и Период 3 – од 16:00 до 24:00 часот кај радиодифузерите за платено политичко рекламирање, како и цената за закуп на рекламен простор во печатениот медиум да не ја надминува вкупната просечна цена на рекламирање на секој радиодифузер одделно пресметана во последните пет изминати изборни циклуси одржани на ниво на цела територија на државата, а за електронските медиуми (интернет порталите) цената за закуп на рекламен простор на интернет порталот за платено политичко рекламирање да не ја надминува просечната цена за рекламирање пресметана, за последните пет изминати изборни циклуси.
(10) За радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) кои не учествувале на сите изминати пет изборни циклуси цената за платено политичко рекламирање не може да ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните пет изминати изборни циклуси.
(11) Државната изборна комисија е должна да ги потврди и објави на нејзината веб-страница доставените ценовници со просечно пресметаните цени утврдени од радиодифузерите и печатените медиуми, како и да ги објави ценовниците со цените утврдени од електронските медиуми (интернет порталите), согласно со ставовите (3) и (9) на овој член, во рок од десет дена од истекот на рокот за доставување на ценовниците утврден во ставот (3) на овој член. Доколку Државната изборна комисија утврди неправилности во ценовниците од радиодифузерите и печатените медиуми го известува соодветниот медиум да изврши корекција на ценовникот во рок од 72 часа од приемот на известувањето. Радиодифузерите и печатените медиуми кои што нема да постапат по известувањето за корекција на ценовниците во наведениот рок го губат правото да бидат регистрирани за платено политичко рекламирање.
(12) Рекламниот простор на електронските медиуми (интернет портали) и печатените медиуми наменет за платено политичко рекламирање, се распределува по следниве критериуми: – најмногу 45% од рекламниот простор може да се даде на двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови, – најмногу 45% од рекламниот простор може да се даде на двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови, – најмногу 7% од рекламниот простор може да се даде на политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и – најмногу 3% од рекламниот простор може да се даде на политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати.
(13) Радиодифузерите и печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) во Република Македонија се должни на сите учесници на изборниот процес да им обезбедат рамномерен пристап за платено политичко рекламирање.
(14) Учесникот во изборната кампања нарачател на платено политичко рекламирање кај радиодифузерите и печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) е должен да достави медиа план за платено политичко рекламирање.
(15) Учесникот во изборната кампања не може да нарача платено политичко рекламирање од радиодифузерите, печатените медиуми и електронски медиуми (интернет портали) кои не се регистрирани во Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) и да ги исплати од средства на трансакциската сметка за изборна кампања.
Оспорениот член 76-д од Изборниот законик предвидува:
(1) За исполнување на законските обврски на радиодифузерите, печатените медиуми и електронски медиуми (портали) во делот на објавувањето на платено политичко рекламирање, финансиски средства се обезбедуваат од средствата на Буџетот на Република Северна Македонија.
(2) Овие средства се наменети исклучиво за финансирање на радиодифузерите, печатените медиуми и електронски медиуми (портали) во делот на објавувањето на платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес.
(3) Државната изборна комисија ги исплаќа трошоците за објавеното платено политичко рекламирање врз основа на доставена фактура од страна на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) во рок од 30 дена од објавување на конечните резултати. Прилог на доставената фактура е Договорот, медиа план од Учесникот во изборната кампања и Извештај за реализирани услуги изготвен од радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали).
(4) Медиа планот и Извештајот за реализирани услуги се поднесуваат на обрасци пропишани, донесени и објавени од Државната изборна комисија.
(5) Финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија во текот на изборниот процес, не смеат да ја надминат сумата од 2 (две) евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ, по запишан избирач од вкупно запишани избирачи на територијата на Република Северна Македонија, а за локални избори дополнително по 1 (едно) евро во денарска противвредност без пресметан ДДВ по запишан избирач на територијата на општината каде се одржува втор круг на гласање и за претседателски избори доколку има втор круг дополнително по 1 (едно) евро во денарска противвредност без пресметан ДДВ по запишан избирач од вкупно запишани избирачи на територијата на Република Северна Македонија. Овие средства се распределуваат по претходен писмен договор на следниов начин: – најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови, – најмногу 45% од средствата може да искористат двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови, – најмногу 7% од средствата може да искористат политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и – најмногу 3% од средствата може да искористат политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија или кандидати.
(6) Сумата која може да се исплати на еден електронски медиум (интернет портал) и печатени медиуми од еден учесник во изборниот процес, не може да биде поголема од 15,000 (петнаесет) илјади евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ.
(7) Вкупната сума која еден учесник може да ја потроши за медиумско претставување на сите електронски медиуми (интернет портали) и печатени медиуми, не може да опфаќа повеќе од 25% од распределените финансиските средства за платено политичко рекламирање согласно со ставот (5) на овој член.
(8) Пред исплатата на трошоците за објавеното платено политичко рекламирање, согласно со ставот 3 на овој член, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е должна да достави Извештај за платено политичко рекламирање на радиодифузерите до Државната изборна комисија на 20 ден од настапувањето на предизборниот молк за прв круг и втор круг доколку се одржува.
(9) Радиодифузерите се должни Извештајот за реализирани услуги да го достават до Агенција за аудио и аудиовизуелни услуги во рок од пет дена од настапување на предизборниот молк за прв круг и втор круг доколку се одржува. Извештајот за реализирани услуги на радиодифузерите треба да биде потврден од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во рок од пет дена од денот на доставување на извештајот од страна на радиодифузерите. Радиодифузерите, се должни да го достават потврдениот извештај до учесникот во изборната кампања, а потоа целосната документација до Државната изборна комисија во рок од пет дена од денот на потврдување на Извештајот.
(10) Печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), Извештајот за реализирани услуги во прилог на фактурата кој треба да содржи и примерок од објави во печатениот медиум и електронскиот медиум (интернет портал) се должни да го достават до учесникот во изборната кампања, а потоа целосната документација до Државната изборна комисија во рок од пет дена од настапување на предизборниот молк за првиот изборен круг и вториот изборен круг доколку се одржува.
(11) Извештајот за реализирани услуги треба да содржи: – примерок од секоја објава со јасно видлив и читлив датум за секој ден од периодот за кој е закупен рекламниот простор во печатениот медиум, – примерок (принт скрин) од секој објавен банер со јасно видлив и читлив датум, за секој ден од периодот за кој е закупен рекламниот простор на електронскиот медиум (интернет портал) кој нуди закуп на фиксен банер, – примерок (принт скрин) од секој објавен банер со јасно видлив и читлив датум, како и писмени изјави за реализирани импресии за секој ден од периодот за кој е закупен рекламниот простор на електронскиот медиум (интернет портал) кој нуди закуп на рекламен простор врз основа на импресии.
Членот 78 од Изборниот законик уредува дека:
(1) Изборни плакати е дозволено да се истакнуваат без надоместок на места што ги утврдува општината, односно градот Скопје.
(2) Општината и градот Скопје имаат обврска да ги обележат местата од ставот (1) на овој член, за секој подносител на листи одделно.
3) Општината и градот Скопје можат да утврдат и дополнителни места за истакнување на изборни плакати со надоместок.
(4) Дел од средствата од ставот (3) на овој член општината и градот Скопје, непосредно по завршувањето на изборите, се должни да ги искористат за отстранување на сметот направен за време на изборната кампања.
(5) Општината и градот Скопје се должни да ги објават условите за добивање право за користење на местата за истакнување изборни плакати, најдоцна 50 дена пред одржувањето на изборите.
(6) Општината и градот Скопје се должни да обезбедат еднакви услови за сите учесници во изборната кампања при истакнувањето на плакати на утврдените места.
(7) Изборни плакати можат да се истакнуваат и на станбени или други приватни објекти, со претходна согласност од сопственикот на објектот.
(8) Не е дозволено истакнување на плакати од кампањата на објектите каде што се наоѓа гласачкото место или просторијата каде што се спроведува гласањето.
Според член 78-а од оспорениот закон:
(1) Дозволено е политичко рекламирање на рекламните паноа и билборди.
(2) Максималниот број на рекламни паноа и билборди од ставот (1) на овој член кои може да се користат за политичко рекламирање изнесува 50% од вкупниот број на територијата на определена општина, градот Скопје, односно на територијата на кое определено правно лице стопанисува со истите.
(3) Општините во Република Северна Македонија, градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни во рок од пет дена од денот на распишување на изборите јавно да ги објават локациите и цените за закуп на рекламните паноа и билборди. Цената не смее да се менува за време на изборниот процес и истата не смее да биде поголема од просечната цена за закуп пресметана во последните пет изминати изборни циклуси.
(4) Политичките партии имаат право на закуп за политичко рекламирање на рекламните паноа и билборди на транспарентен и недискриминаторски начин согласно со следните критериуми: – 40% од вкупниот број се достапни на двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови; – 40% од вкупниот број се достапни на двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови; – 10% од вкупниот број се достапни на парламентарните партии кои немаат пратенички групи во Собранието на Република Северна Македонија и – 10% од вкупниот број се достапни на вонпарламентарните партии и независни кандидати во Република Македонија.
(5) Општините во Република Северна Македонија, градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни локациите кои се нудат за политичко рекламирање да ги распоредат согласно со критериумите од ставот (4) на овој член по пат на ждрепка.
(6) Ждрепката од ставот (5) на овој член ја спроведува Државната изборна комисија на Република Северна Македонија.
(7) Доколку некоја политичка партија, коалиција или независен кандидат не го искористи вкупниот процент за закуп на рекламни паноа и билборди или извлечените локации, останатите политички партии и независни кандидати имаат право на закуп на истите.
(8) Правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни да поднесат извештај за доделените локации за секој учесник во изборната кампања, средствата кои се побаруваат од секој учесник како и средствата кои се наплатени.
(9) Извештајот од ставот (8) на овој член се поднесува најдоцна 15 дена по денот на завршување на изборната кампања.
(10) Извештајот од ставот (8) на овој член се поднесува до Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спречување на корупцијата, кои се должни да го објават на своите интернет страници.
(11) Извештајот од ставот (8) на овој член се поднесува на образец пропишан од министерот за финансии.
III
Според член 8 став 1 алинеја 5 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.
Во член 9 од Уставот се определува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положбa. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 16 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.
Во согласност со член 62 став 2 од Уставот, пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Според ставот 5 на истиот член, начинот и условите за избор на пратеници се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Тргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот на Република Северна Македонија на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Слободата на политичкото здружување и дејствување, како основно право се остварува непосредно врз основа на Уставот, при што со Уставот се наведени случаите поради кои може да се ограничи оваа слобода на човекот и граѓанинот, така што надвор од уставно определените случаи Уставот не може да послужи како основа за оневозможување на изразувањето или за присилно насочување на политичките идеи, ставови и уверувања на мислата и на политичкото здружување и дејствување.
Остварувањето на слободата на политичко здружување и дејствување не е апсолутна, туку таа слобода мора да се користи во рамките на уставните норми и во уставно предвидените институции, при што не е допуштено со користењето на оваа слобода да се кршат уставните норми и да се рушат уставно-предвидените институции на начин и постапка којашто излегува надвор од рамките на Уставот.
Имајќи го предвид наведеното, неспорно е уставното овластување на законодавецот, почитувајќи ги уставните гаранции за избирачкото право, начелото на еднаквост, начелото на политички плурализам и слободни и демократски избори, да го уреди прашањето на изборите кои се однесуваат на избор на пратеници во Собранието, избор на претседател на Републиката, избор на членови на советите на општините и Советот на Град Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Град Скопје.
Согласно член 1 од Изборниот законик, со овој законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Северна Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Град Скопје, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.
Главата VI, носи наслов „Изборна кампања“, а точката 2 од оваа глава носи поднаслов „Медиумско претставување“ (членови 75-76-д). Членот 78 од Изборниот законик е содржан во точката 5 од оваа глава со поднаслов „Изборни плакати”, а членот 78-а од истиот закон е поместен во истата точка со поднаслов „Рекламни паноа и билборди”.
Од анализата на оспорените и други одредби од Изборниот законик коишто се однесуваат на медиумското претставување, изборните плакати и рекламните паноа и билборди, како дел од медиумското претставување, според Судот, произлегува дека законодавецот, во рамките на уставното овластување да го уреди начинот и условите за избор на пратеници утврдил конкретни критериуми неопходни за исполнување на условите за медиумско претставување и платено политичко рекламирање. Имено, законодавецот, како критериум според кој ќе се врши медиумско рекламирање и финансирање на кампањата на политичките партии во изборниот процес, определил тоа да бидат разумната времена рамка за платено политичко рекламирање за учесниците во изборниот процес согласно постигнатиот успех, кој се изразува преку вкупниот број на освоени гласови во последниот изборен циклус и обезбедување на рамноправноста помеѓу истите. Финансиските средства за платено политичко рекламирање, според оспорените одредби, исто така, се распоредуваат согласно процентот на освоени гласови на учесниците во изборниот процес.
Според Судот, токму од содржината на оспорените одредби произлегува дека рекламниот простор што политичките партии го добиваат во медиумите, како и средствата за финансирање на политичките партии се распоредуваат во зависност од бројот на избирачки гласови што истите ги добиле во последниот изборен процес.
Тоа значи дека законодавецот, со определувањето на наведениот критериум по кој ќе се врши медиумското рекламирање и финансирање на кампањата на политичките партии и кандидати во изборниот процес, ги опфатил сите политички партии и кандидати за пратеници, учесници во тој процес, на кој начин се создадени услови сите да бидат соодветно претставени и застапени во изборната кампања.
Притоа, според така определениот критериум – резултатите на последните избори за пратеници, односно бројот на добиените избирачки гласови е објективен, јасен, прецизен и јавно достапен, ја одразува волјата на гласачите, големината на избирачкото тело и несомнено е поврзан со изборниот процес, што обезбедува правна сигурност, како елемент на владеењето на правото, што е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.
Имено, со утврдениот критериум за распределба на рекламниот простор, според Судот, им се дава можност на сите политички субјекти во Републиката кои се учесници во изборниот процес да ја запознаат јавноста со нивните ставови и идеи, што се врши соодветно на потребите на гласачкото тело, односно им се дава можност на учесниците во изборната кампања да ги промовираат своите програми, ставови и кандидати. Поради тоа, Судот оцени дека на тој начин не се повредува начелото на еднаквост на граѓаните предвиден во член 9 од Уставот, како и слободата на информациите утврдена во член 16 од Уставот.
Во иста насока, според Судот треба да се цени и определбата за различно времетраење на медиумското претставување на политичките партии, односно соодветната распределба на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Републиката во изборната кампања.
Имено, при пропишувањето на овие правила, законодавецот се водел од резултатите на последните избори за пратеници, односно од бројот на добиените избирачки гласови, што е објективен критериум којшто овозможува сите учесници во изборниот процес да бидат рамномерно, соодветно, избалансирано и непристрасно претставени, со што не се доведува во прашање начелото на владеењето на правото, како и начелото на еднаквост. Притоа, конкретната определба за времетраењето на медиумското претставување на политичките партии врзано со тој критериум (45%-45%-7%-3%) и истовремено конкретната распределба на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Републиката во изборната кампања (45%-45%-7%-3%), кои децидно се наведени во оспорениот член 76-д од Изборниот законик, исто така врзано со тој критериум, е прашање на проценка на законодавецот, а не прашање за чија целисходност треба да одлучува Уставниот суд.
При градењето на ставот во врска со конкретните оспорени одредби, Судот го имаше во вид ставот кој овој суд го изрази во Решението У.бр.16/2016 од 29.03.2017 година, донесено по повод оценувањето на уставноста на член 75-ѓ став 1 и член 76-а ставовите 2, 8 и 11 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016 и 142/2016), како и во Решението У.бр.169/2020 од 14 октомври 2020 година со кое Судот оценил дека член 75-ѓ ставови 1 и 12, член 76-а став 2, член 76-д став 4 и член 78-а ставови 4 и 5 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и Службен весник на Република Северна Македонија бр.98/2019 и 42/2020) се во согласност со Уставот.
Во наведените решенија Судот оцени дека, имајќи го во вид фактот дека медиумското претставување е дел од процесните дејствија во изборниот процес, право е на законодавецот да ги определи условите за реализирање на подеднакво медиумско претставување на учесниците во изборната кампања со утврдување на посебно времетраење на медиумското претставување на сите учесници во изборниот процес што е во насока на имплементирање на уставните начела.
Според ставот на Судот изразен во наведените решенија, со утврдувањето на различното времетраење на медиумското претставување на политичките партии на власт или опозиција, политичките партии кои немаат пратеничка група или политички партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија, не се доведува во прашање начелото на владеењето на правото, како и начелото на еднаквост. Поради тоа, Судот во конкретните решенија оцени дека нема услови за поведување постапка за оценување на уставноста на овие одредби.
Според наоѓањето на Судот, од анализата на оспорените одредби од Изборниот законик, кој има претрпено повеќе измени, може да се констатира дека за прв пат со измените од 2015 година, им е овозможено на вонпарламентарните партии да бидат претставени од страна на радиодифузерите.
Оттука, следејќи го изразениот став на овој суд во наведените решенија, а притоа имајќи предвид дека медиумското претставување е дел од процесните дејствија во изборниот процес, сметаме дека право е на законодавецот да ги определи условите за реализирање на подеднакво медиумско претставување на учесниците во изборната кампања со утврдување на посебно времетраење на медиумското преставување на сите учесници во изборниот процес што е во насока на имплементирање на уставните начела.
Со утврдување на конкретни критериуми за рекламниот простор на интернет порталите и печатените медиуми за платено политичко рекламирање, со утврдување на различното времетраење на медиумското претставување на политичките партии во зависност од тоа дали се на позиција или опозиција, политичките партии кои немаат пратеничка група или политички партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија, според Судот, не се доведува во прашање начелото на владеењето на правото, како и начелото на еднаквост. Ова, дотолку повеќе што со оспорените одредби им се дава можност на сите учесници да имаат право на платено политичко рекламирање, но со исполнување на одредени критериуми утврдени во Изборниот законик.
Со потенцирањето на изразот и ставање акцент на дефиницијата „двете најголеми политички партии” во содржината на оспорените одредби, според Судот, не се повредува принципот на политички плурализам како што се тврди во иницијативата. Ова, од причина што и при утврдувањето на овој критериум, исто така, од суштинско значење и влијание e, односно законодавецот го имал во вид, бројот на добиените избирачки гласови во последниот изборен процес, кој ја одразува волјата на гласачите, па оттука и потребата за различно определување на временскиот интервал и различно отстапениот рекламен простор. Според Судот, вака утврдениот критериум е објективен, јасен и прецизен и истиот е поврзан со изборниот процес.
Уставниот суд тргнувајќи, пред сẻ од член 1 од Уставот со кој се уредува дека Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, како и од член 2 според кој во Република Северна Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, оцени дека оспорените членови од Изборниот законик како јасни и прецизни не можат да се доведат под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеи 3 и 5, членовите 9, 16 и 51 од Уставот.
Имено, според Судот, оспорените одредби ја обезбедуваат правната сигурност, како елемент на владеењето на правото, што е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, и истовремено со оспорените одредби не се повредува начелото на еднаквост на граѓаните предвидено во член 9 од Уставот, како и слободата на информациите предвидена во член 16 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска