У.бр.126/2022

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.126/2022
Скопје, 05.07.2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 јули 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.239/2022).

Образложение

I

Подносителот, Здружението на граѓани Македонско-бугарско пријателство Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.239/2022).

Во наводите од иницијативата, подносителот ги оспорува одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.239/2022) во однос на член 8 став 1 алинеја 3, член 20, член 51, член 52 и член 54 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот во иницијативата ги цитира одредбите од оспорениот закон, а исто така и уставните одредби кои смета дека со овој закон се повредени, односно ги цитира член 8 став 1 алинеја 3, член 20, член 51, член 52 и член 54.

Во иницијативата се наведува дека членовите 1 и 2 од оспорениот закон се спротивни на цитираните уставни одредби бидејќи со истите се ограничува правото на граѓаните за здружување.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби од Законот, законодавецот ги пречекорил своите уставни овластувања и надлежности и донел закон, со кој се вмешува во организации кои спаѓаат во приватната сфера и пропишува дополнителен услов кој е во несогласност со член 20 од Уставот.

Имено, во иницијативата се наведува дека со член 20 од Уставот на Република Северна Македонија на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Подносителот смета дека одредбите на оспорениот закон се премногу општи така што во пракса ќе создаваат ситуации кога истите би биле арбитрарно применувани, односно во исти или случни случаи за различни баратели различно би се применувале.

Подносителот во иницијативата, во таа насока поставува одредени хипотетички ситуации, каде според него оспорените законски одредби би предизвикале правна несигурност, бидејќи би дошло до различно применување на истите.

Понатаму во иницијативата подносителот наведува дека членовите 5, 7 и 8 од оспорениот закон предвидуваат ретроактивно дејство, па со тоа истите се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

Подносителот во иницијативата објаснува дека оспорените одредби се во спротивност со уставното начело за забрана на повратно дејство на законите, наведувајќи дека исклучокот од ова уставно начело кое гласи дека законот може да има повратно дејство само ако е поповолно за граѓаните, не може да се однесува на оспорениот закон.

Ова од причина што според подносителот оспорениот закон е понеповолен за граѓаните бидејќи со истиот се ограничува правото на граѓаните за здружување.

Врз основа на изнесените наводи во иницијативата, подносителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.239 од 08.11.2022 година) и да го укине.

II

Судот на седницата утврди дека со оспорениот Закон за изменување и дополнувања на Законот за здруженија и фондации, со член 1 се интервенира во член 4 став 2 кој се менува и предвидува дека се забранува упис на организација и основање на организација ако називот, името, скратеното име, програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Северна Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или на законот и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица.

Со член 2 од измените и дополнувањето, во член 8 се додава нов став 4, со кој е предвидено дека како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица кои по која било основа, начин или форма биле или се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх, а ставот 4 станува став 5.

Според член 3 од оспорените измени и дополнувања на Законот е предвидено дека по член 9 се додава нов наслов 8-а, употреба на име на историска личност, а потоа и два нови члена: 9-а со кои е предвидено дека за употреба на име, презиме, псевдоним, прекар, кратенка или иницијали на личност, согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на личности (во натамошниот текст: Комисија за употреба на имиња) и 9-б, со кој е регулирано дека Комисијата за употреба на имиња од член 9-а од овој закон ја формира Владата на Република Северна Македонија, ставот 2 од истиот член го пропишува составот на Комисијата за употреба на имиња која е составена од пет члена и тоа: еден член од Министерството за правда на предлог на министерот за правда, еден член од Министерството за култура на предлог на министерот за култура, еден член од Институтот за национална историја и два члена од Македонската академија на науките и уметностите. Понатаму, во ставот 3, претседателот на Комисијата за употреба на имиња се избира од редот на членовите на Комисијата за употреба на имиња со мнозинство гласови од вкупниот број на членови, а со ставот 4 е регулирано дека стручно-административните работи на Комисијата за употреба на имиња ги врши секретар на Комисијата за употреба на имиња, кој од редот на вработените административни службеници во Министерството за правда го назначува министерот за правда. Според ставот 5, Комисијата за употреба на имиња дава мислење за употреба на име, скратено име и/или назив на организација од член 9-а од овој закон, а со ставот 6 е регулирано дека Комисијата за употреба на имиња за својата работа носи деловник, додека во ставовите 7 и 8 просторните и техничките услови за работа на Комисијата за употреба на имиња ги обезбедува Министерството за правда, односно видот, висината и критериумите за надоместокот за Комисијата за употреба на имиња ги пропишува Владата на Република Северна Македонија.

Со член 4 од измените и дополнувањето на Законот е пропишано дека во член 65 по алинејата 5 се додава нова алинеја 6, која гласи: називот, името, скратеното име, програмата, целите, дејностите предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх.

Со Преодните и завршни одредби, односно член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации е пропишано дека организациите регистрирани согласно со одредбите на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ број 52/10, 135/11 и 55/16), се должни во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат своето име и/или назив, скратено име, програма, цели и дејности, согласно со одредбите од овој закон пред Централниот регистар на Република Северна Македонија. Организациите регистрирани согласно со одредбите на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ број 52/10, 135/11 и 55/16), кои нема да ги усогласат името и/или називот, скратеното име, програмата, целите и дејностите согласно со ставот 1 на овој член, се бришат од Регистарот врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда по претходно добиено негативно мислење од Комисијата од член 9-а од овој закон. Одлуката од ставот 2 на овој член се донесува во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според член 6 од измените и дополнувањата на Законот, надлежните органи од член 9-б од овој закон ќе предложат членови до Владата на Република Северна Македонија во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. Владата на Република Северна Македонија во рок од 15 дена од приемот на предлозите ја формира Комисијата за употреба на имиња.

Со член 7 е регулирано дека започнатите постапки за упис на организација и основање на организација согласно со Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ број 52/10, 135/11 и 55/16), до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе завршат согласно со одредбите од овој закон, а со член 8 е пропишано дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решението У. бр. 22/2023 од 10.05.2013 година, Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.239/22). Имено во наведеното решение Судот оценил дека смислата на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавно изразување на мислата и јавниот настап е секој да може јавно да ги искаже сопствените погледи и мислења за кое било прашање, настан или појава и тоа на сите места кои за тоа се определени и можни, како на пример на организирани советувања, научни и стручни собири, јавни трибини и слично или преку определени средства за јавно информирање, медиуми или социјални мрежи. Меѓутоа, ваквата апсолутност и неограниченост на овие слободи не значи дека е дозволено тие да бидат злоупотребени, во смисла на нарушување на јавниот ред и мир, повреда на достоинството и интегритетот на личноста, како и доведување во прашање на слободите и правата на другите граѓани.

Исто така, со наведеното решение Судот оцени дека не постои повреда на одредбата од член 8 став 1 алинеја 3, поточно на темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, владеењето на правото, член 16, слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата како и забрана за цензура, член 20, слобода на здружување заради остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверување кaко ни повреда на член 51, законите мора да бидат во согласност со Уставот и член 52 од Уставот на Република Северна Македонија, односно забрана за повратно дејство на законите, освен по исклучок кога е поповолно за граѓаните, па оттука неоснована е иницијативата на подносителот за покренување на постапка за оценка на нивната уставност.

Со оглед на фактот што пред Судот повторно се оспорува уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, по истите наводи за кои Судот веќе се произнел и зазел став со наведеното решение, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата поради пресудена работа, односно res judicata, а во услови кога нема основи за поинакво одлучување.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска