Дневен ред за 28. седница на Уставниот суд закажана за 20 јули 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 28. седница на 20 јули (четврток) во 9:30 часот со дневен ред на кој се предвидени седум иницијативи за оценување на уставност и законитост. 

I- РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИТЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

  1. Реферат У.бр.92/2023

Оспорени одредби: член 4 став 1 точка 2) во делот „националност”, член 11 став 1 точка 1) во делот „националностa” и член 13 став 1 точка 1 во делот „националноста”, сите од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија” број број 8/1995, 38/2002, 66/2007, 98/2008, 67/2009, 13/2013, 43/2014, 148/2015, 27/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 14/2020 и 129/2023).

Содржина на оспорени одредби:

Член 4

Во матичната книга на родените се запишуваат:

2) податоци за родителите на детето, и тоа: име и презиме (за мајката и моминското презиме); ден, месец, година и место на раѓањето; националност; државјанство; матичен број; живеалиште и адреса на станот.

Член 11

Во матичната книга на венчаните се запишуваат:

1) податоци за склучување на бракот, и тоа: име и презиме на брачните другари; ден, месец, година и место на раѓањето; матичниот број; државјанството, националноста, живеалиштето и адресата на станот на брачните другари; ден, месец, година и место на склучување на бракот и изјави на брачните другари за нивното презиме;

Член 13

Во матичната книга на умрените се запишуваат:

1) податоци за смртта, и тоа: име и презиме на умрениот; неговото презиме пред склучувањето на бракот; полот; час, ден, месец, година и место на смртта; ден, месец, година и место на раѓањето, брачната состојба пред смртта; државјанството, националноста, живеалиштето и адресата на станот.

Подносител на иницијативата: Политичка партија „Левица”

Oд наводите во иницијативата:

Според подносителот, чувството на национална припадност е лично чувство на граѓанинот и не може да се докажува со јавна исправа, т.е. со документ издаден од државен орган, пред се поради фактот што слободата на изразување на националната припадност го вклучува и правото на промена на чувството за национална припадност, а со практичното воведување на графа за националноста во изводот од матичните книги – како јавни регистри, се окончува еднаш изразеното национално чувство. 

  1. Реферат У.бр.105/2022

Оспорен: Член 21 став 2 од Законот за даноците на имот.

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека оспорената одредба овозможува привилигирано одданочување на размена на една недвижност за друга недвижност и во тој случај данокот на промет се плаќа само на разликата меѓу вредноста на недвижностите, односно со данок на промет на недвижност се задолжува учесникот во размената кој внел недвижност со поголема вредност. Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба не е во согласност со Уставот и владеењето на правото кое произлегува од него како темелна вредност. 

  1. Реферат У.бр.27/2023

Оспорен:Член 112 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители

Подносител: Mефаиљ Арслани, адвокат од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорениот член е дискриминаторски бидејќи слушателите по завршување на почетната обука добиваат уверение кандидат за судија или за јавен обвинител и со тоа уверение може да аплицирааат само доколку се определиле или за судија или за јавен обвинител. Се наведува дека доколку некој слушател веќе се определил за судија или јавен обвинител а веќе бил избран во суд/обвинителство доколку во иднина сака да ја промени професијата од судија во јавен обвинител би требало да го полага приемниот и завршниот испит во Академијата и тој процес може да трае повеќе од 3 години. Подносителот смета дека членот 112 ги става во понеповолна положба слушателите од генерациите кои полагале по последниот важечки закон за Академијата од 2015 година, во однос на слушателите кои полагале по старите закони за Академијата за судии и јавни обвинители.  Поради овие причини подносителот смета дека члено 112 е во спротивност со членот 32 од Уставот кој гарантира право на работа секому и слободен избор на вработување. 

  1. Реферат У.бр.75/2022

Oспорени: Членовите 6, 9, 16 и 22 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/11, 53/11, 84/12, 188/13, 154/15, 23/160 и 151/21).

Подносител: Димитрија Атанасовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со начинот на кој се определени стапките на пресметување на данок во членот 6 во износи од 0,10% до 0,20%, граѓаните се нееднакви пред Уставот, односно за ист имот или за иста вредност едни граѓани од едно населено место ќе плаќаат данок по стапка од 0,10% а други по стапка од 0,20%. Во некои случаи имотите се оддалечени од една до друга општина и се на само стотина метри, наведува подносителот. Меѓудругото во иницијативата е наведено дека според членот 16 од Законот за данок на имот се предвидува стапките на наследство и подарок да се определуваат за прв наследен ред од 2% до 3% и за трет наследен ред по стапка од 4% до 5%. Подносителот смета дека сите оспорени одредби се во спротивност со членот 8 став 1 и членот 9 став 2 од Уставот, кој ги опфаќа темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија и еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

  1. Реферат У.бр.79/2023

Оспорен: Член 116 став 2 од Законот за Пензиското и инвалидското осигурување 

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорената одредба креира правна ситуација, неусогласена со Уставот, односно членот 33 кој предвидува дека „Секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи утврдени со закон”.Се наведува дека само со закон може да се пропише данок  и други јавни давачки, а задршка е давачка и спаѓа во други јавни давачки.

  1. Реферат У.бр.135/2022

Оспорен: Одлука бр.27-6567/1 од 07.06.2022 година за донесување на Регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт ЈИ 03 донесена на 07.06.2022 

Подносители на иницијативата: Дуња Туртурова и Бојан Милошевски, адвокати од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесениот Регулациски план на ГУП кој има важност за градска четврт ЈИ 03 содржи нерегуларности, односно предвидена е намена B (јавни институции), спротивно на постоечкиот и важечки ДУП каде што за тој простор е предвидена намена Б (комерцијални и деловни намени). Се наведува дека со донесувањето на Регулацискиот план на ГУП, противзаконито и противуставно е извршена пренамена на одреден простор кој бил предвиден за постоечки и сеуште важечки ДУП како простор за градење деловни/станбени објекти и се менува во простор за изградба на јавни институции. Според подносителите  одлуката на Советот на Град Скопје ги доведува во нееднаква положба граѓаните и институциите кои имаат сопственост на недвижности на територијата на Општина Аеродром, да не можат да ја реализираат намената и правото загарантирано со важечкиот ДУП. 

  1. Реферат У.бр.60/2023

Оспорени: Одлука на Совет на Општина Македонска Каменица бр.08-378/1

Подносител на иницијативата: Градоначалник на Општина Македонска Каменица Димчо Атанасовски

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека одлуката е незаконски донесена бидејќи во Буџетот на општината не се предвидени финансиски средства за конкретната намена. Имено со одлуката се одобрува донација на книги на клонот „Крсте Петков Мисирков”, Македонска Каменица- ЈЛБ „Илинден’.