Дневен ред за 27. седница на Уставниот суд закажана за 12 јули 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 27-та седница на 12 јули (среда) во 9:30 часот со дневен ред на кој се предвидени пет иницијативи за оценување на уставност и законитост, две барања за заштита на слободи и права и еден предлог за решавање судир на надлежност.

I- РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИТЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

  1. Реферат У.бр.107/2021

Оспорен: Член 3 став 3 и 4  од Законот за      изменување и дополнување на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Северна Македонија” број 151/2021).

Подносител на иницијативата: Лила Лазевска од Скопје, преку полномошник Адвокат Благоја Пaндовски од Скопје

Содржина на оспорените одредби:

 Член 3

(3) Стапките на данокот на имот за земјоделско земјиште кое не се користи за земјоделско производство се зголемуваат три пати во однос на стапките пропишани во ставот (1) на овој член.

(4) Стапките на данокот на имот за другиот недвижен имот опишан во членот 2 став (1) точка 1 од овој закон кој е во сопственост на државата или на општините, општините во градот Скопје и на градот Скопје како и во сопственост на физички и правни лица, а кој не се користи од сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, се зголемуваат за три пати во однос на стапките пропишани во ставот (1) на овој член.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека воопшто не е јасно зошто се воспоставува даночна обврска за правното лице во ситуации кога имотот на правното лице претставува стечајна маса, предмет на стечајна постапка и истиот не може да се користи.

2.Реферат У.бр.59/2022

Оспорен: Членот 38 став 2 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 150/2010, 100/2012, 142/2016, 193/2016 и 198/2018)

Подносители на иницијативата: Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, адвокати од Скопје

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителите наведуваат дека во праксата и во секојдневието може да постојат повеќе релевантни  причини за изземање, коишто не се опфатени со членот 33 став 1 од ЗКП туку се опфатени со членот 33 став 2 од ЗКП а за коишто причини странките ќе дознаат по отпочнувањето на главната расправа или ќе се појават по отпочнувањето на главната расправа, како на пример судијата, судијата-поротник или обвинителот може да стапат во закупен однос со обвинетиот или со оштетениот, син или ќерка на судијата, судијата-поротник или на обвинителот може да стапи во блиски лични односи, во брак или вонбрачна заедница со обвинетиот или оштетениот итн. 

  1. Реферат У.бр.87/2021

Оспорен: Член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата  и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на  Република Македонија“ бр.162/2010).

Подносител на иницијативата: Владимир Клековски 

Содржина на одредбата: Според член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010) во Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 97/10), во членот 4 по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:

„По исклучок од ставoт 1 на овој член, основицата за пресметување на плата на судиите на Уставниот суд на Република Македонија е во износ од 25.726 денари.“

Во членот 2 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010) е предвидено влегување во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, односно од 15.12.2010 година,  а одредбата има примена сметано од 28 јули 2010 година.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот ако сега укинатата одредбата не е јасна и прецизна се поставува прашање како тоа ниту едно избрано или именувано лице до сега не презело никакви дејствија за нејзино отстранување. За подносителот не е точно и е неразбирливо образложението на Судот за постоење на две правни правила за утврдување на основицата на платата на избраните и именуваните лица.

  1. Реферат У.бр.81/2022

Оспорена: Одлука бр.27-8039/1 од 23.08.2021 година од Град Скопје

Подносител: адвокат Бојан Милошевски

Од наводите во иницијативата: 

Со оспорената одлука се донесува регулациски план на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 кој се однесува на градска четврт 3

05 која се протега помеѓу булеварите: „Илинден”, „8-ми септември”, „Партизански

одреди”, дел од урбанистичкиот план усвоен со Одлука на Советот на Општина

Карпош од 06.11.2013 година. Подносителот на иницијативата наведува дека

образложението на оспорената одлука не ги содржи аргументите и фактите по кои

се водел доносителот, односно Советот на Град Скопје и донесениот Регулациски план на ГУП кој важи за градска четврт 3 05 содржи низа пропусти и нерегуларности. Како пример, меѓу другото, се наведува дека во блокот 03 од градската четврт 3 05 со оспорениот регулациски план е предвидена намена Д1- парковско зеленило на простор каде што веќе е реализирана намена паркинг простор – јавно паркирање кој е во функција на постојните објекти со намена А2- домување во станбени згради. Истата состојба се нотира и во блокот 04 покрај улицата „Карпошово востание“ каде што на местото на реализираните рампи за

подземно паркирање  се предвидува парковско зеленило. Подносителот наведува дека граѓаните се доведени во нееднаква положба бидејќи не може да ја реализираат намената и правото дадено согласно акт на општината, односно

важечкиот ДУП 3 05.

  1. Реферат У.бр.125/2022

Оспорен: Член 8 став 4 од Статутот на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија.

Подносител: Трајчо Вучков

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорената одредба Советот му доделил одлучувачки глас на претседателот на Советот при донесување на важни одлуки во услови кога гласањето било 2:2 спротивно на членот 10 став 4. 

II БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

  1. Реферат У.бр.171/2020

Подносител на барањето: Влатко Сајковски 

Подносителот бара да се утврди дискриминација по однос на политичка припадност, според него сторена од страна на Собранието преку Одлука и две пресуди, една од Основниот суд Кичево и втората донесена од Апелациониот суд Гостивар. 

Според наводите на подносителот на барањето, Собранието на Република Македонија со Одлука од 13.10.2016 година, извршила именување на Претседател и членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен каде и тој бил еден од членовите на Комисијата. Се наведува дека на четворица членови иако им истекол мандатот продолжиле со работа, а Владата со допис предложила разрешување на целокупниот состав поради непокажување особени резултати во работењето. По дописот од Владата, членовите биле разрешени со оспорената Одлука на Собранието.

  1. Реферат У.бр.146/2021

Оспорени: Пресудата МАЛВП-705/20 од 14.04.2021 година на Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-2666/21 од 30.09.2021 година на Апелациониот суд Скопје

Подносител: Влатко Стојановски преку адвокат Филип Медарски од Скопје

Дел од наводите во барањето:

Подносителот на барањето смета дека со пресудите на двата суда, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скупје е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Според него државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27.04.2017 година при извршување на работната задача во Собранието, а двата суда со пресудите не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес(конституирање на ново парламентарно мнозинство).

Напомена: Предметот е во фаза на гласање

III. ПРЕДЛОГ ЗА РЕШАВАЊЕ СУДИР НА НАДЛЕЖНОСТ

1.Реферат У.бр.136/2022

Предлог за решавање на судир на надлежности: Помеѓу Општина карпош и Министерство за транспорт и врски.

Подносител на предлогот: Стојан Димовски

Од наводите во предлогот:

Предлагачот има поднесено барање за огласување на ништовни две Решенија за трансформација донесени од Министерството за транспорт и врски  кои се наоѓаат во поранешна фабрика Алумина АД и Пластика АД со површина од 11 089 м2, а со кои решенија се трансформира правото на користење во право на сопственост на правните субјекти Алумина АД и Пластика АД. Како основ за поднесеното барање за ништовност на решенијата е право на поднесено барање за денационализација. По извршениот увид Општина Карпош го доставува предлог-барањето до Министерството за транспорт и врски, кое според наводите се прогласува за ненадлежно. Барањето е поднесено и до Владата која информира дека нема правна основа да постапува по истото, односно да го реши судирот на надлежност за постапување помеѓу Општина Карпош и Министерството за транспорт и врски.