По сопствена иницијатива, на предлог на претседателката Добрила Кацарска Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за 3 одредби од Статутот на Општина Кисела Вода. Судот изрази сомнеж во уставноста и законитоста на Автентичното толкување на општи и посебни одредби на донесени урбанистички планови и урбанистичко планска документација донесено од Советот на Општина Кисела Вода од 26 април 2022 година.
Според Уставниот суд спорно е што во дел од Статутот на Општина Кисела Вода се предвидува можност на општината да дава автентично толкување на актите кои сама ги донесува, бидејќи општината не може да излегува надвор од законски утврдените надлежности и сама да си определува надлежности кои се исклучиво работа на законодавецот, односно на Собранието.
На денешната седница Судот одлучи да се запре извршувањето на сите поединечни акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт и одредбите од Статутот на Општина Кисела Вода, односно воведена е т.н времена мерка, се до донесување на конечна одлука.
Овој предмет со број У.бр.31/2023 е оформен на иницијатива на Друштво за градежништво, трговија и услуги ХОУМ ВИЗИОН ДООЕЛ Скопје со наводи за неуставно и противзаконито автентично толкување донесено од Советот на Општина Кисела Вода.
Се наведува дека со оспорениот акт советот на Општина Кисела Вода предвидува дека максимален број на станбени едници со намена А1-домување во станбени куќи е 4 кај урбанистичките планови опфатени во автентичното толкување, а во истиот не бил утврден максималниот број на станбени единици со намена А1 домување во станбени куќи. Подносителот наведува едка со оспорениот акт е направена измена на урбанистичките планови без претходно да биде спроведена постапка за нивно изменување. Подносителот смета дека Законот за локална самоуправа не предвидува право на општината при вршење на своите надлежности да врши автентично толкување на општите акти.
При разгледување на овие наводи за оспореното автентично толкување и направената анализа Судот самоиницијативно одлучи да поведе постапка и за делови од Статутот кои го овозможуваат ова толкување на општината.