У.бр.33/2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 јуни 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 46 став 5 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“бр.72/2016, 142/2016, 233/2018), Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ 14/2020) и уставноста и законитоста на член 4 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2019).

2. Владо Мицковски од Кичево, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Законот и актот означени во точката 1 од ова Решение.

Во иницијативата најнапред се цитираат оспорените одредби од Законот за извршување и Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите и е наведено дека со оспорените одредби се повредуваат член 8 став 1 алинеja 3 каде се утврдени темелните вредности на уставниот поредок, член 55 ставови 1 и 3 пред се слободата на пазарот и претприемништвото и член 9 односно не се обезбедува еднаква положба на сите субјекти на пазарот, согласно Уставот. Тоа од причина што тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работењето на извршителите ја донесува самостојно министерот за правда и определува дека одредени дејствија извршителот ги презема без надоместок и на тој начин е повредено правото на еднаквост пред Уставот. Ова од причина што Комората на извршители како страна на постапката и како вршители на дејност согласно Законот за извршители, на извршителите им било одземено правото активно да учествуваат и одлучуваат, за тарифата за надомест од која зависела целокупнта работа и целокупното извршување.

Понатаму, се наведува дека со оспорените одредби се повредуваат член 30 став 3 и член 32 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, во смисла на тоа дека уредувањето на бесплатна работа на извршителите при извршување врз евидентирани носители на социјална помош и бесплатно изработување на одредени заклучоци, извршителите се ограничени од ползување на сопственоста и од остварување на егзистенција и правото на заработувачка.

Во продложение на иницијативата се образложува дека извршителите во вршење на дејноста работат врз основа на пазарни законитости, нивната егзистенција зависи од успешноста во вршење на професијата и во случај на неуспешно вршење на професијата извршител како дејност им следува запирање на вршење на дејноста и бришење од трговскиот регистар и се цитираат одредби од Законот за трговските друштва и Законот за данок на личен имот. Исто така се наведува дека Министерството за правда како државен орган ја носи тарифата на извршителите и не носи одговорност ниту пак субвенционира покривање на евентуална загуба на извршителите. Министерот за правда ја носи и тарифата за награда на нотарите, но во истата не предвидува преземање на нотарски дејствија кои се обавуваат бесплатно. Во иницијативата се наведува дека со оспорените одредби од Законот и подзаконскиот акт се определува товар на извршителот кој пак е пречка за остварување на добивка и егзистенција поради работа без надоместок. Се предлага да се донесе решение и оспорените одредби да бидат укинати.

3. Судот на седница утврди дека награда и надоместок на трошоци за работа на извршителот се уредени во член 46 став 1 од Законот за извршување е утврдено дека извршителот за извршените дејствија има право на: надоместок за обработка на предмет, трошоци и спроведени дејствија и награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето. Ставот 2 е укинат со Одлука на Уставниот суд У.бр.143/2016 (“Службен весник на Република Македонија“ бр.178/2017). Според став 3 од овој член Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите ја донесува министерот, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, според следниве критериуми: надоместокот за обработка на предметот се определува во зависност од висината на главното побарување. Трошоците се определуваат во реален износ, а надоместокот за спроведените дејствија се определува според видот, обемот, времетраењето и местото на извршувањето. награда на извршителот за извршените дејствија, реализација на извршната исправа се определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши и тоа: кај паричните побарувања наградата се определува според износот на наплатеното побарување, кај непаричните побарувања наградата се определува според вредноста на предметот на спорот утврдена во извршната исправа. Во став 4 од овој член е уредено дека вредноста на предмет на извршувањето кај паричните побарувања е износот наведен во барањето за извршување определен од доверителот. Според став 5 од истиот член, извршителот ќе го ослободи од плаќање на надоместоците определени во став 1 на овој член, и награда за реализација должникот физичко лице кое според податоците од надлежната институција е евидентирано како примател на социјална парична помош. Во став 6 од истиот член се утврдува дека вкупниот износ на надоместоци за спроведени дејствија определени врз основа на став 1 на овој член за извршување на примено барање од доверител правно лице против должник физичко лице, за извршување на нотарски платен налог услуги кои произлегуваат од комунални дејности, топлинска енергија, електрична енергија, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште) со налог за извршување по член 141 (налог за извршување врз плата) или по член 149 од овој закон (извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко лице), не може да надминат 20% од главниот долг и каматата определени во извршната исправа. Во ограничувањата на висината на надоместоците не влегуваат трошоците за извршени три достави по пат на поштенска пратка и надоместок за информација за трансакциска сметка на должникот од Единствениот регистар на трансакциски сметки. Според став 7 од истиот член се уредува дека извршителот за случаите од став 6 на овој член, е должен да се обиде да го спроведе извршувањето согласно со член 141 или член 149 од овој закон, пред да продолжи со преземање со другите извршни дејствија. Во став 8 од овој член, Комората на извршители е должна мислењето по Предлог на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци на извршителите од став 3 на овој член, да го достави најдоцна во рок од 15 дена, сметано од денот на приемот на предлогот во Комората на извршители.

Врз основа на член 46 став 4 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018), министерот за правда донесе Тарифа за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2019 од 7 февруари 2019 година, и во член 4 став 1 од Тарифата е утврдено дека цената на извршните дејствија извршителот ја определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на извршните дејствија и местото на нивното извршување, согласно табела 2 од оваа тарифа.

Во ставот 2 од овој член е уредено дека извршителот донесува заклучок за запирање на извршувањето и заклучок за прекин на извршувањето, без оглед дали примил аванс за тоа извршно дејствие, ако: настапила смрт на странката или нејзиниот законски застапник, доверителот го повлекол барањето, доверителот не се произнел за текот на извршувањето во рокот од 8 дена од денот на приемот на барањето на извршителот, согласно член 93 став 3 од Законот за извршување, ако настапиле правни последици од отварање стечајна постапка за странка правно лице, извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, односно ако потврдата за извршност е правосилно укината, во случаи кога извршителот е изземен од натамошното извршување, доверителот побарал одлагање повеќе од два пати, кога странката е правно лице и кога е донесено решение за заклучување на стечајната постапка и определено бришење од трговскиот односно друг регистар, во кој е запишан стечајниот должник, со што странката престанала да постои. Во оспорениот став 3 е утврдено дека извршителот не го тарифира донесувањето на заклучоците од став 2 на овој член, заклучоците за одложување на извршните дејствија, ниту заклучокот (поправање на грешка во акти на извршителот), согласно Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија („Службен весник на Република Македонија“ број 226/16).

4.Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд,Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи предвид дека за член 46 ставови 4 и 5 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018), Уставниот суд во повеќе наврати одлучувал (со Решение У.бр.143/2016 од 27.09.2017 година и Решенијата У бр. 63/2019 и У.бр.73/2019 од 19.02.2019) односно не повел постапка за оценување на нивната уставност. Исто така со овие решенија Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2019) во целина и посебно на член 2 став 1 алинеја 2, член 3, член 4 став 3 и член 14 од истиот акт. Со оваа тарифа се определува наградата и надоместокот на другите трошоци за работа на извршителите и дека извршителот за преземање на извршените дејствија наплаќа награда и надоместок на трошоците според надоместок за обработка на предмет, трошоци и спроведени дејствија и награда на извршителот за извршените дејствија.

Во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување со оглед на тоа дека образложенијата на наведените решенија даваат одговори на сите наводи и од оваа иницијатива, и од таа причина Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

Имено, Судот утврди дека во образложенијата на овие решенија е определено дека „оспорените одредби се во согласност со владеењето на правото и правната сигурност како темелна вредност од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот..Оттаму, извршителот како лице со пренесени јавни овластувања подлежи на регулација од страна на државата која за случаите од член 46 став 5 и 46 став 6 од Законот, предвидела ослободување од плаќање, односно ограничена наплата на надоместок, без да предвиди за такви случаи изгубената заработка да се дополни со пари на државата, а како државата ја креира сферата на извршувањето, вклучително и ослободувањата или ограничувањата. Вршењето на дејноста извршител не спаѓа во слободните економски дејности од каде подлежи на целосна волја на законодавецот кој ги пренел своите овластувања. Намалените или пак идни неизвесни, однапред неопределени приходи на извршителите не можат да имаат третман на сопственост и како такви не подлежат на заштита од член 30 од Уставот. Ова од причина што законодавецот во ваков случај не водел сметка само за интересите на доверителот и извршителот, туку и за интересите на должникот, односно на најлесен, најефикасен, најбрз и најекономичен начин да се спроведе извршувањето.“

Од наведените причини, а имајќи го во вид фактот дека Уставниот суд веќе зазел став по однос на покренатото правно прашање, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите за примена на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, поради пресудена работа, а во услови кога не постојат основи за поинакво одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.33/2023
21 јуни 2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска